/ Прочитано:

913

Хрватска: Осуден на 40 години затвор без валидни докази, надлежниот суд не ја обновил постапката иако судот во Стразбур го наложил тоа

Петок, 21 декември 2012Државјанинот на БиХ, Неџо  Ајдариќ  заглави во хрватскиот правосуден систем, осуден е на 40 години затвор за трократно убиство, врз основа на изјавата на еден сведок кој пак Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) го оцени како неверодостоен и донесе пресуда за обнова на постапка. И покрај истекот на предвидениот рок од 6 месеци од донесувањето на одлуката на судот во Стразбур, Хрватска се уште не ја обновила постапката. Во меѓувреме Ајдариќ повеќе од 6 години се наоѓа во затвор.

Жупанискиот суд во Сисак во септември 2006 година го осуди Ајдариќ заедно со Марко Гргиќ на казна затвор од 40 години за трократно убиство во Кутина извршено во 1998 година врз сопственици на менувачница. Оваа пресуда подоцна беше потврдена од второстепениот и третостепениот суд. Сепак  судот во Стразбур утврди дека единствен доказ врз кој била донесена одлуката е исказот на 70 годишниот Стево Штул кој пак е поранешен осуденик, што ЕСЧП во својата пресуда го оцени како неверодостоен сведок.

Затоа колку е сложен целиот предмет говори фактот што најпрво му се судеше само на Марко Гргиќ кој беше пуштен на слобода поради недостаток на докази. 5 години подоцна се појавува сведокот Штул кој го вплеткува и Ајдариќ во убиството што е и причина за обнова на постапката при што и двајцата обвинети се осудени на казна затвор од 40 години. Најбизарен е начинот на кој Штул дознал дека и Ајдариќ е убиец. Сведокот во 2005 година се наоѓа во иста соба на затворската болница со осудените. Штул служел казна за убиство во обид врз неговата жена, Гргиќ ја чекал првостепената пресуда за овој случај со која подоцна е ослободен, а Ајдариќ бил осомничен за кражба на возило за што е најпрвин осуден, а потоа ослободен од страна на повисокиот суд. Во текот на престојот во болницата Штул тврди дека наводно скришно го слушнал разговорот меѓу двајцата кои наводно детално зборувале за убиството. Иако во истрага тврдел дека го слушнал целиот разговор, во текот на постапката тој не знаеше да го повтори она што го кажал во претходната постапка.

– Повеќе од 6 години невин лежам во затвор. Секојдневно низ прозорецот од мојата ќелија ја гледам слободата, сонувам за живот и чекам стручањаците на судот во Сисак да се смилуваат и да ја поништат срамната пресуда со која ме осудија која ми ја изрекоа без ниту еден доказ. Доста изгубив служејќи казна за убиство за кое не го извршив, стои во исповеста на Ајдариќ, пренесена во хрватските медиуми.