/ Прочитано:

1.222

Хрватскиот кривичар Анто Нобило за АКАДЕМИК: Медиумскиот притисок е посилен од политичкиот!

Судницата ја гледа како терен на кој треба да извојува победа, а за медиумите вели дека се најмоќното оружје кое може да ја урне секоја влада и да уништи или роди нова пропаганда. Адвокатот кој е на пиедесталот на хрватската адвокатска сцена, Анто Нобило, македонската стручна јавност ќе го памети по извонредното излагање на првата регионална конференција „Управување со правните ризици“, која во организација на АКАДЕМИК се одржа во Скопје. Непосреден и секогаш расположен за разговор со новинарите, тој се обиде да ни го долови неговото неколку децениско патешествие низ хрватските и хашките судници, како истакнат адвокат, но и како обвинител во „најжешките“ процеси во Хрватска. 

Адвокатска борба во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија е ваше добро познато поле. Кои се правните ризици поврзани со Трибуналот?

На конференцијата зборував за еден хашки случај, познат како случајот за генералот Блашкиќ за почетоците на работата на Хашкиот Трибунал. Овој случај беше од особена важност за Република Хрватска и за Босна и Херцеговина, беше драматичен особено заради тоа што генералот беше осуден на 45 години затвор. По поднесената жалба, тој беше формално осуден на 9 години, истиот ден е пуштен на слобода, бидејќи казната соодејствуваше со години што тој ги помина во притвор. Драматиката во овој предмет се сведува на драконското намалување на казната. Формално беше осуден на девет години, а одлежа седум, за да се покрие притворот, а за сите битни дела, вклучувајќи го и обвинувањето за убиство на 116 муслимани беше ослободен. Драматиката на предметот е во тоа што хрватската воена служба виде жртва во Блашкиќ за да ја прикрие казнена одговорноста под притисок на потпретседателот на ХДЗ во Босна и Херцеговина, а на тој начин да се прикрие одговорноста на претседателот Туѓман.

Важите за адвокат што постигнал најмногу успех во Трибуналот на Балканот? Колку според Вас, овој суд ја задоволи правдата на Балканот?

Уф, ова е тешко прашање. Можеме да ги наброиме случаите каде не е задоволена правдата каде пресудите се погрешни, но од друга страна ако поставиме прашање што ако не постоеше Трибуналот? Кој би бил виновен? Ниту едни лице од политичкиот и воен врв немаше да биде одговорен, ниту една држава од поранешните членки на Југославија не би ги гонела највисоката линија на одговорност меѓу одговорните во своите редови и војската, така што улогата на Трибуналот е голема, позитивна и непомирлива.

Можете ли да направите паралела меѓу одбраната на Блашкиќ и одбраната на Готовина?

Адвокатот Лука Мишетиќ имаше подршка и помош од Хрватска од почеток до крај. Ги имаше на располагање сите документи на воените органи, тајни служби, полиција…, му беа на располагање и во секое време можеше да ги употреби во Хаг. Мишетиќ ја заврши работата со Готовина во Хаг кога имаше по попустливи критериуми на стриктни заповедни одговорности. Во почетокот Хаг имаше многу остри критериуми, многу тешко некој можеше да се извлече доколку имал заповедна одговорност. Меѓутоа, тоа подоцна беше ублажено. Така сличноста се сосотои во тоа што и двајцата се осудени па ослободени, но во случајот со Готовина  ја нема драматика и борбата со државата.

Долго време сте на адвокатската хрватска сцена. Како го оценувате хрватското правосудство?

Хрватското правосудство е во една позитивна тразиција како и секоја државата која била членка на поранешна Југославија, односно постојат нови критериуми и стандарди особено во судските процеси против високо рангираните политички личности. Од целиот Балкан, ние некако најдалеку отидовме: обвинет е поранешен премиер, министер и високи функционери… Затоа велам хрватското правосудство е во позитивна транзиција. Меѓутоа како што истакнав и во рамки на Конференцијата на АКАДЕМИК, во случаевите кои се од посебна важност за општеството, се плашам дека постои преголемо влијание на политиката врз правосудството. Во неколку случаи има голема политичка позадина, се плашам дека и медиумскиот притисок е токму таков, тие го создаваат јавното мислење, па јавноста ја носи пресудата пред судот да донесе одлука. Во такви околности, ретко кој може да донесе ослободителна пресуда, тоа се има случено само во еден случај. Иако медиумите вршеа притисок обвинетиот да се осуди, судот го ослободи. Инаку во пракса, во сите случаи каде медиумите ќе направат афера, ниту еден не добива ослободителна пресуда. Медиумскиот притисок е многу посилен од политичкиот. Кај нас ситуацијата е таква, па политичарите се плашат само од медиумите и од јавноста, новинарската сила е сама за себе. Проблемот е кога полицијата и обвинителството манипулираат со медиумите и селективно им ги даваат доказите за да ги зајакнат своите позиции пред судот, тоа е најголемиот проблем. Влегуваме во процесот каде нема здрава средина, туку каде веќе постои пресуда од страна на јавноста. 

„Стои на глава додека не го преврти обвинeнието“, вака ве опишуваат Вашите колеги…

Правам сѐ што е во мојата моќ за клиентот, секако до границата која ми ја дозволува законот (се смее). 

На што се должи успехот кој Ве постави на врвот на балканската адвокатура?

Едноставно кај мене се наталожило огромно искуство. Петнаесет години – се до 1992 година бев обвинител… Сум работел на најголемите предмети во поранешна Југославија, на судења за воени злосторства: од Андрија Артуковиќ, па се до гонење на Аркан и многу други предмети. Од друга страна, спортски тип сум, се занимавам со боречката вештина Теквондо. Имам осми дан, 10 пати бев шампион на Југославија, во 1974 година бев светски шампион, а наредната година бев европски. На судскиот процес гледам како на спортски натпревар, а имам шампионски инстикт за спорт и едноставно победувам!

Седум години бевте главен критичар на власта во однос на политиката спрема Босна и Херцеговина. Сите тие години власта сепак уредно Ви го исплаќаше хонорарот за Тихомир Блашкиќ. Како Ви успеа?

Тоа беше практично политичка уцена. Владата во еден момент сакаше да ме собори, со притисок се обидоа да работам според нивни правила. Меѓутоа, Блашкиќ беше многу популарен во јавноста, а и јас како негов адвокат кој работи во негов интерес, па доколку ме тргнеа од предметот, за нив тоа ќе беше политичко самоубиство. Така да, ако ангажираа друг адвокат ќе претрпеа огромна штета, помала беше штетата да ми платат. Штетата за нив како партија што е на власт ќе беше поголема ако Владата кренеше раце од Блашкиќ.

Кој е вашиот адвокатски принцип во трката за победа на спротивната страна?

Секој предмет е различен, кога ќе влезам во еден предмет во прв момент навистина не знам што ќе се случи, како се развива ситуацијата, така реагирам. За големите предмети не постои заедничка формула, освен тоа што многу работам и сум чесен, но секој предмет е различен, а секоја земја има различни околности. Според мене патеката до успехот е апсолутна лојалност спрема клиентот, него не можете да го предадете макар и државата да ви прави притисок, мора секогаш да сте на негова страна. Тоа е мојот принцип!