Хуманитарна акција на Нотарската комора
„Хуманоста и споделувањето се неизоставен дел од празничната традиција која Нотарската комора на Република Македонија ја практикува низ годините. Оваа година донации од страна на Нотарската комора на РМ беа поделени во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово, во Центарот за деца со церебрална парализа во Скопје и во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола, кој згрижува дечиња од најмала возраст па сè до 3 години“, известуваат од Нотарската комора на Република Македонија.
На 19 декември во посета на Центарот за деца со посебни потреби во Тетово беше потпретседателот на Нотарската комора на РМ, Наџи Зеќири, кој изврши примопредавање на донација за Дневниот центар, и тоа технички апарати – машина за перење алишта и машина за перење садови.
На 20 декември во посета на новоотворениот Центар за деца со церебрална парализа во Скопје беше потпретседателот на Нотарската комора на РМ, Олга Димовска, која во присуство на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на дечињата им подели новогодишни пакетчиња донација од Нотарската комора на РМ.
„Нотарската комора на Република Македонија и оваа година не ги заборави најмалите, а тоа се дечињата од Домот за доенчиња и мали деца во Битола, на кои на ден 21 декември од страна на членот на Управниот одбор Виолета Ангеловска во придружба на нотар Билјана Дамјановска-Јанчевска им беше предадена донација од детски масички и столчиња, бебешка опрема, бебешки хигиенски препарати и млечна храна. Подадената рака е секогаш добредојдена онаму каде што е потребно, а ние се надеваме дека ќе поттикнеме лавина од донации секаде каде што се потребни. Нотарската комора на Република Македонија и во иднина, како и досега, ќе продолжи со хуманитарни акции и донации во текот на целата година“, се вели во соопштението на Комората.
М.В