Ибраими ја напушти ДИК: „Одлуката на управните судии е атентат врз изборниот процес на локалните избори“, смета тој
Понеделник, 11 март 2013 – „Атентат врз изборниот процес на локалните избори“ вака членот на Државната изборна комисија од ДПА Бедредин Ибраими ја нарече одлуката на Управниот суд со која на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ им е овозможено на изборите во Струга и Кичево да одат со заеднички листи и демонстративно ја напушти вчерашна седница на Комисијата.
„Со ваквите решенија е суспендирано правото и правната држава. Во овој случај функционираше партиската држава, партиската државна изборна комисија и партискиот управен суд. Апелирам до Судскиот државен совет по службена должност да покрене постапка за разрешување на судиите на Управниот суд кои ја донесоа оваа срамна и противзаконска одлука“, рече Ибраими.
На вчерашната седница не присуствуваше ниту потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи од ДУИ, кој вчера утрото се спротивстави Комисијата да го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на листите во двете општини со цел да се поднесат заеднички листи со СДСМ.
Инаку, ДИК на јавната седница го изврши дополнително жребување за утврдување на редоследот на гласачкото ливче за Локалните избори 2013 година на кандидатите на политичките партии кои поднеле листи за членови на совети и на кандидати за градоначалници во дополнителниот рок до 8 март на полноќ. Во дополнителниот рок се пријавиле СДСМ со нивните коалициски партии, Либерална партија, Движење за национално единство на Турците и Републиканска алијанса
Претходно, на седницата не беше прифатен предлогот на претседателот на ДИК Борис Кондарко на дневен ред да се стави разрешување на претседателот на ОИК на Шуто Оризари кој не ја прифатил советничката листа на СДСМ поради тоа што еден кандидат немал уверение за неосудуваност, а чија одлука ја потврдил и Управниот суд.