/ Прочитано:

1.547

„Идеолошката борба на политичките затвореници и комунистите трае и денес“ – Никола Андонов,претседател на Здружението на политички затвореници

Идеолошкиот ориентир на македонските борци во Втората светска војна бил за ослободување на Македонија и македонскиот народ од окупаторот, независно на чија политичка филозофија и идеологија припаѓале, но во идеолошкиот судир на комунистите и политичките затвореници, настрадале и комунисти, а таа борба трае до ден денешен и треба што поскоро да се надмине, вели Никола Андонов, претседател на Здружението на политички затвореници.

„АСНОМ како продолжение на илинденските традиции за Македонија и македонскиот народ има големо значење, но не треба да се заборават и политичките затвореници од 1945 до 1991 година, па се до носење на Уставот на Република Македонија, затоа што тие Македонци во континуитет се бореа за самобитноста и самостојноста на државата надвор од рамките на ФНРЈ“,  смета Андонов.

Независно на чија идеологија припаѓале – македонските борци се бореле за ослободување од окупаторот

„Напоменувам дека политичките затвореници на Република Македонија на денот на одлуката за носење на Уставот на Република Македонија застанаа со сиот свој морален и државен интерес пред личните интереси за разлика од некои следбеници на АСНОМ. Но, тоа го оставаме на науката да го обработи поради државните интереси на Република Македонија“, вели претседателот на Здружението.

Според него, идеолошкиот ориентир на македонските борци во Втората светска војна бил за ослободување на Македонија и македонскиот народ од окупаторот, независно на чија политичка филозофија и идеологија припаѓале.

„Но, ова морам да го напоменам, поради политичките затвореници од 1945 до 1991 година кои во Втората светска војна масовно учествуваа во отпорот против окупаторот и учествуваа во формирањето на партизанските одреди во сите делови на Македонија“, вели тој.

Идеолошката борба трае до ден денешен: Комунистите се за комунизам, ние за капитализам

Андонов тврди дека идеолошката борба на политичките затвореници и комунистите трае и денес, но дека во интерес на граѓаните таа мора да се надмине.

„Не треба да се заборави дека комунистите беа за комунизам и комунистичка идеологија и филозофија, а политичките затвореници за капитализам и капиталистичка идеологија и филозофија со силни политички односи со Англија и Соединетите Американски Држави. Ова идеолошка борба трае и до ден денешен, но се надеваме дека еден ден и ова ке замине во историјата поради државните и националните интересси на сите граѓани на Република Македонија. Треба да имаме идеолошки и политички разлики заради развој на општеството, но да не се нарушуваат правните начела на секоја правна држава“, нагласува Андонов.

И комунисти беа политички затвореници

„Треба да се потсетиме дека Ченто, Брашнаров и редица други истакнати борци за Македонија беа комунисти, но застанаа за одбрана на македонскиот народ и држава, но ги снајде истото што ги снајде и политичките затвореници кои во пресудите на сите политички затвореници пишува дека се осудени за идеите на ВМРО и за автономна, самостојна и обединета Македонија надвор од рамките на комунистичка Југославија“, додава тој, потенцирајќи дека, како што вели, оваа историска вистина која граѓаните треба да ја знаат, до денешен не е целосно обработена.

Според Андонов, македонската историја од „времето на македонскиот комунизам и југословенскиот комунизам се чува во депоата на некои центри на моќ кои не дават документацијата да биде достапна на науката но и на граѓаните“.

Да се отворат и затворат сите политички состојби

„Оваа граѓа за да може граѓаните и науката слободно да ја користи, потребо е политичка заложба на сите политички субјекти во Република Македонија. За идните генерации кои треба да ја водат својата држава на домашно поле и на меѓународно, треба да ја запознаат целата македонска историја независно колку таа има свои позитивни но и негативни историски вистини. Еднаш за секогаш треба да се отворат и затворат сите политички состојби во Македонија поради тој национален и државен интерес“, вели Андонов, додавајќи дека не треба на идните генерации да и се остават неразјаснети политики и политички настани.

„Не би сакале на идните генерации да и оставиме неразјаснети политики и политички настани кои ќе ги држи како заложници на нас самите, а и нив како идни носители на извршната власт“, заклучува Никола Андонов, претседател на Здружението на политичките затворенци.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 04. 08. 2014