/ Прочитано:

2.782

„Иднината на правото подразбира храброст, младите правници најдобро го докажаа тоа“ – Мартина Смилевска, претседателка на Македонско здружение на млaди правници

Некои вредности во правото реторички се спознаваат низ моќта на зборот преточен низ сократовски дијалог, а понекогаш правната рефлексија може да се пронајде низ литературните „кодекси“ на шекспировата мисла како сведоштво на историска интеракција изградена врз обичајно-правните собитија на европската цивилизација. Но за сето тоа, потребно е едноставно присуство на луѓе кои правото не го перцепериаат како „заробеништво“ на легализмот, туку како легитимна екстензивност на неговата филозофија затоа што јазикот на правото не е норма, туку дискусија која создава простор за артикулација на идеи и мисли.

Амбициозна правничка со афинитет кон литературата

Додека се разговара со Мартина Смилевска, амбициозна, талентирана и атипична правничка, не може да се занемари нејзината евидентна енергичност на мислата и специфичниот манир на објаснување на нештата во правото, кои ги раскажува спонтано и силно како импресиите од речениците на Маркез, нејзиниот омилен писател.

Вљубеничката во литературните вредности на генијалниот писател и правничката со магистратура по меѓународни односи на тема „Влијанието на безбедносните интереси при донесувањето на одлуки во азилот: Праксата на Република Македонија“, говорејќи за правото ни го открива и нејзиниот „неформален“ дел од личноста, изграден од непомирливата страст кон уметноста, литературата, музиката.

„Ја сакам литературата. Мојата првична определба за продолжување на факултетското образование беше таа. Но, заради различни околности и влијанија се одлучив за правото. Но, не згрешив. Денес му приоѓам со сето срце и енергија на правото, иако уметноста е моето парче личносна слобода кое го доживувам сосем искрено како начин да се дефокусирам од работните обврски на едно поинакво духовно ниво“, вели Мартина.

Сосема случајно додека дискутираме за поврзаноста на слободата како правна вредност и уметнички концепт, во позадина провејуваат ноти на џез музика, за која констатираме дека некако се вклопила во таа „метафизичка“ смисла на правната дискусија, што пак е повод Мартина да ни открие уште еден интерес податок за неа.

Правото и џезот  имаат ист аксиолошки супстрат во себе –  слободата како вредност

Имено, Мартина е долгогодишен соработник и на Скопскиот Џез фестивал  и голем вљубеник во џезот, сакајќи го со сето свое битие, како што вели.

„Правото и џезот се поврзани преку слободата. Крикот на африканските робови е цивилизациска воздишка за човековите права. Историските процеси во правен контекст се нераскинливо поврзани и во џез контекст. Со различна структура, но со иста возвишена цел“, вели Мартина.

Нејзиниот ангажман и работа, сепак, потврдуваат дека љубовта кон правото како професија, но и кон правдата и слободата како врховна цел во правото, и се единствени и оригинални, но по перформансот на делувањето „џезерски“ компатибилни со сензибилитетот на обврските.

Претседателка на Македонското здружение на млади правници – организација со фасцинантни успеси

Мартина Смилевска е претседател на Македонското здружение на млади правници, една навистина креативно моќна, општествено суштинска и инспиративна асоцијација од која потекнаа мошне значајни иницијативи, за кои децидно може да се каже дека ја променија македонската правосудна реалност, практика, па и теорија и филозофија.

 Мартина заедно со своите колеги се носители и идејни креатори на иницијативите кои се именуваат како одредници на единственоста и априроноста во судската практика – а, тоа е фасцинантниот успех на Здружението во донесувањето на Првата пресуда против дискриминација во Република Македонија. После оваа пресуда, набрзо следеше и нивниот нов успех – Втората пресуда против дискриминација, и прва во областа на работните спорови.

 И велиме „Секоја чест“ на Мартина за успехот, но таа истакнува дека честитката ја прифаќа од името на целиот тим затоа што, како што вели, „најважен е духот на колегијалноста, на соработката и нивната дружба, оти тие се единствени во борбата и тука нема номиналност, туку солидарност“.

Низ таа призма, потенцира дека тимската работа ја почитувала уште како студент на Правниот факулет „Јустинијан Први“, каде почувствувала дека борбата за човековите права биле нејзин повик и кауза како правник поради што и се одлучила да се определи за студии на катедрата по меѓународно право.

Нејзините први впечатоци за тоа колку правото подразбира можност да се реализираат начелата на правдата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото ги имала уште со членувањето во ЕЛСА.

Правничката од ЕЛСА носеше и „докторски“ мантил

„Моите први почетоци во невладиниот сектор беа уште во 2005 година во ЕЛСА, каде всушност се обликував како правник и научив многу и каде во 2007 можеби најбитно, ја добив приликата да го запознаам МЗМП како здружение, во тогашен состав од неговите основачи.Првично, нешто што и денес го имам како импресија е дека примарна вредност на правото во актуелна конотација е Европската конвенција за човекови права, која според мене е ненадминат механизам за заштита на човековите права и таа треба да е водилка кон стремежот за воедначување на судската пракса. Ова не го велам случајно затоа што тој почеток и впечаток е продолжување на мојата моментална посветеност“, вели Смилевска, додавајќи дека всушност и со човековите права е поврзан нејзиниот магистерски труд.

Разговарајќи за плановите за докторат, доаѓаме до сознание дека Мартина носела и „докторски“ мантил. Имено, таа како дигресија ни раскажува дека има работно искуство во Клиниката за белодробни заболувања и туберкулоза, каде учествувала на проект за укажување на помош на лица заболени од туберкулоза, но не како доктор, туку како правник со обврски да ги спроведува правните активности на проектот. И тоа некако, како што вели, пак било поврзано со човековите права и меѓународното право.

Видните академски успеси резултираа со меѓународни натпревари

Големо и бесценето искуство за неа било и учеството на регионалното натпреварување на симулација на судење пред Европскиот суд за човекови права и тоа е момент кој има извршено голема мотивација за неа како студент, затоа што со тоа веќе почнала да ги поставува контурите на нејзината правничка иднина. Изборот да го претставува факултетот бил токму заради нејзината љубов кон меѓународното право, што резултирало со видни академски успеси.

„Тоа беше многу интересен дел од мојот живот, но и иницијација за нови идеи во ЕЛСА, која всушност како организација ја гледам како мостот кој води до збогатување на Македонското здружение на млади правници, со млади правни умови“, вели Мартина.

Почетоци, тековни и идни проекти и мисија на Македонското здружение на млади правници

Во почетоците на нејзината соработка и потем членство во Здружението каде најпрво волонтирала, вели дека имала среќа да работи со одлични правници и адвокати како тимот на адвокатско друштво Бона Фиде, Филип Медарски, и многу други, но и да биде дел од извонредната соработка со Советот на Европа , ОБСЕ, ФООМ и многу други.

Иницијативите и почетоци на работа на Здружението со Високиот Комесаријат за бегалци, соработка која активно и успешно трае и денес, а  поврзана на почетокот со бегалците од косовската криза доведуваат до тоа МЗМП да ја зајакне и формализира својата структура, но основниот идеолошки ориентир на организацијата покрај овој конкретен проект била идејата младите правници со своето знаење и ентузијазам да се вклучат во активностите.

 „Ние бевме препознаени од Високиот Комесаријат за бегалци и практично бевме првата линија за правна помош во секоја смисла. Здружението имаше за цел да ги застапува и да им помага на сите тие лица со статус на признаен бегалец, супсидијарна заштита, лица кои бараат азил во РМ, како и лица без државјанство пред институциите“, вели Мартина која појаснува дека прашањето на бегалците во различни периоди драстично се менувало, од 2003 до 2010 имало една ситуација, а во 2010 состојбата почнува да се менува во друга насока. Денес Репубика Македонија се наоѓа  на т.н  Западно Балканска рута на мешани миграциски движења која води од Турција, преку Грција, Македонија, Србија до Унгарија. За илустрација, во 2011 година вкупниот број на барања за азил поднесени пред Оделението за азил при МВР во Македонија изнесуваше 740. Во споредба со 180 барања за азил поднесени во 2010 година, годишната промена 2010- 2011 за земјата е 311 проценти. Денес, статистиката за 2013 е 1.353 поднесени барања за азил.

Како што нагласува Мартина Смилевска, квалитетите на Здружението биле препознаени уште тогаш, но најмогу за тоа удел имала самата искреност во пристапот и филозофијата на работа.

Благородна цел – да се задржат македонските млади правници во земјата

„Ние кога започнавме со работа имавме единствена цел – да се задржат македонските млади правници во земјата. Да им се даде шанса да бидат вклучени во активностите, директно во правото, правниот систем и во судските постапки преку застапување во конкретни предмети. Да постанат успешни адвокати кои потоа и директно преку својата работа ќе го креираат правосудниот амбиент на земјата. Зарем младоста не ветува многу, само преку неа може да се дојде до нови перспективи и вредности. Младите ентузијасти тоа најдобро го умеат и логично е што беше и во што прерасна таа наша кауза“, вели претседателката Смилевска.

Со вклученоста на правниците до 35 годишна возраст МЗМП е ентизијастички поставено во рамки на она што се именува нова македонска правна реалност и иднина на правната професија. Неслучајно. Основниот товар во креативната работа на здружението ја носат младите правници, но и адвокати, кои претежно биле членови на Здружението и каде се калеле за новите предизвици.

 Денес младите правници во соработка со своите колеги адвокати учествуваат во судски постапки и се горди и заслужни именители на успешноста на проектите на МЗМП кои во својата суштина се афирмирање на системот на бесплатна претходна правна помош за кој и Здружението е пионир, како  и стратешко застапување, од кои има бенефит државата,  како во создавањето на поефикасен правен систем, така и во задржувањето на овие млади луѓе во сопствената татковина.

 „Наоѓаме модалитети да се вклучат младите правници и адвокати во нашите проекти и динамика на работа. Моментално во рамки на Здружението има вклучено 10 адвокати, а реално може да мобилизира 20. Посебно ставаме акцент на претходната правна помош, но и на судските постапки, затоа што судските постапки се многу битен сегмент и приоритет“, објаснува Мартина.

Таа открива дека низ поставената фузија  на млади правници и адвокати се навестува и нов проект за заштита на човековите права под капата на УСАИД. Како прва компонента на проектот се предвидува вклучување на 300 млади правници кои ќе имаат можност да се усовршуваат во едукацијата, преку тренинзи и обуки, но понатаму и практично да бидат вклучени со работа кај 20 адвокати.

„Тоа ќе биде огромна можност за нив. Ќе имаат можност да бидат директно вклучени во работата, ќе ги запознаат сите детали на адвокатурата. Искрено се надевам дека барем сто од нив ќе останат во Здружението“, вели Смилевска.

Втората компонента од проектот, објаснува претседателката, ќе биде учество младите правници во 60 предмети преку застапувањето на предмети за дискриминација и заштита на маргинализираните групи и тоа заедно со адвокати од кои ќе можат да црпат сознанија и искуства.

„Да бидам искрена, ова е проект на кој многу му се радувам и кој со нетрпение очекувам да започнеме со негова реализација“, емотивно ни соопштува Мартина.

Епохален резултат: Добивањето на првата и втората пресуда против дискриминација во Република Македонија

Македонското здружение на млади правници оствари и еден епохален резултат, кој несомнено, ќе остане врежен во историјата на судската пракса, а активностите на овие млади луѓе предводени од Мартина Смилевска ќе останат како пример за идните генерации, но и поука за сите правници во државата без разлика на која правна специјалност и припаѓаат. Тоа секако е успехот со донесувањето на првата и втората пресуда против дискриминација во Република Македонија. Смилевска е горда на овој резултат и раскажува дека од неверување работата за миг се претворила во восхит.

Тоа за нас беше позитивен шок. Тоа е голем успех за нас, но и големо браво за судот. Претходно имавме искуство во проблематиката и храбро се впуштивме во нешто, што можеби се чинеше неостварливо. И тие пресуди имаат многу пошироко значење. Најпрво што ќе иницираат засилување на јавната свест и ќе бидат охрабрување на граѓаните. Потоа преку нашата активност се мотивираат и младите правници дека со квалитетна работа и нивна инклузија во вакви проекти можат да променат работи во општеството“, посочува Смилевска.

„Но ова не е крај. Една пресуда не ја чини судската пракса“, аристотеловски аргументира младата претседателка, која низ насмевка и виден елан ги повикува младите да бидат дел од овие иницијативи, кои значат големи нормативни поместувања во македонското правосудство, особено во делот на судската пракса.

Не крие дека за иницијативата, работата и постигнатиот резултат требало храброст и вели дека тоа е нормално ако сака да се постигне нешто во градењето на правната култура.

Како да се изгради правна култура?

„Градењето на правна култура не значи само свест, таа значи и сериозни легислативни акции, судска пракса. Познато е во теоријата дека пресудите имаат и педагошко влијание. И тука нема импровизации. Мора добро да се осмисли концептот и да се реагира со знаење и умешност. Ние на почетокот секако имавме скепса, затоа што практично од другата страна се соочивме со државен орган. Да бидам искрена, секогаш по социолошка инерција во такви ситуации се нафрла оној сомнеж во независноста на судството, посебно во времиња кога често се третира тоа во јавноста во ваков или онаков контекст. Сепак испадна спорот да го добиеме, правдата беше на нашата страна. Ние со МВР имаме и одлична соработка. И тука е клучот на успехот за секоја правна држава. Така треба да биде. Не треба на судските процеси или во остварувањето на правата да се гледа конкурентно, тоа се нормални текови, туку нема и не треба ни да има  политика, ни емоции, ни демагошки релации. Правдата треба да биде кристално чиста и јасна, процедурата да води кон вистината и да почива врз квалитетите и начелата на меѓуинституционалната соработка“ нагласува претседателката Смилевска.

Од таа гледна точка, таа е сигурна дека ваквиот успех ќе предизвика бран на  ново охрабрување во јавноста и свесна дека успехот на МЗМП му дава особен имиџ на препознавање и почит кај иснтитуциите.

„Несомнено тоа е доказ дека една невладина организација не мора да биде само, условно кажано, „обично“ здружение туку и креатор на јавното мислење, па и на правната држава и граѓанското општество. Нашата организација има за цел да ги апсолвира најдобрите правни умови, да биде генератор на идни правни умови, кои и тоа како и се неопходни на нашата земја“, нагласува Смилевска, додавајќи дека наскоро ќе се отпочне и со нов проект што ќе значи компарирање на новото предлог законско решение за Општата управна постапка во смисла на тоа дали новите решенија коицидираат со слабостите на постоечкото решение, но изразено низ случаи.

Активности на меѓународен план

Мартина Смилевска посочува и на тоа дека МЗМП е активно и на меѓународен план преку размена на искуства, вмрежувања во проекти и иницијативи, остварување на средби и семинари, а се со цел, делокругот на нивната работа да го зачува меѓународниот бренд на креативност и иницијативност, но и младите правници да стекнат нови познанства, нови искуства и размена на идеи со своите колеги од другите земји.

Несомнено, така најдобро може да се види компаративноста на правните системи, да се развие самокритичност за тековните состојби, но и да му се даде дополнителен импулс на правото како интегрирачки фактор за обединување на правната мисла и онаа „вечна младост“ на иднината како принцип на обединувачка сила.

Во таа насока, Смилевска најавува и една мошне суштински и интернационално инспирирана иницијатива со вмрежување на повеќе македонски граѓански организации под името „Совет за владеење на правото“, кој ќе даде исклучителен придонес во современата правна мисла и стратешка определба.

На правното образование и на младите правници им е потребна пракса

МЗМП е препознатливо и по енергичната методологија за анализа на правното образование и за таа цел оствари и проект за тоа што всушност му недостасува на правното образование. Според Смилевска, резулатите на проектот кои беа јавно презентирани укажаа дека праксата е најголем недостаток на правното образование.

„Праксата за еден млад правник е од иманентна важност. Таа мора да постои во правното образование ако сакаме да имаме квалитетни правници и да не се доведуваме во ситуација дипломираните правници кога ќе излезат од студентските клупи да не знаат да напишат еден поднесок. Но, исто така, неминовно е засилување на критичкото мислење и правната логика. Тоа се дисциплини кои му овозможуваат на правникот да ја заостри правната логика која е најважна при толкување на некое законско решение и негова примена. Преку правната логика не само што се чита законот, туку се детектираат неговите слабости, значи правниците треба да бидат тие кои ќе посочат што и како да се измени во конкретен закон, а не само да ги прифаќаат работите како законска аксиома само затоа што легалистички така сугерира рестриктивното толкување на нормата“, објаснува Смилевска.

Во Германија правните студии се едни од најтешките, но на испит се решава конкретен случај

Како илустрација, претседателката ни раскажува и една интересна случка додека била на конференциски престој во Германија, земја во која, како што вели, правото е подигнато на ниво на силен општествен пиетет кон професијата.

Имено, кога германските колеги, студентите по право, полагале испит тие на испитот излегле со книгите од кои ги учеле лекциите, како и со разни практикуми и закони. Никој не им забранил да читаат или да ги консултираат книгите додека одговараат. Но, она што требало да го направат е да решат: Конкретен случај.

„На тој начин тие уште за време на студиите, се впуштатаат во симбиоза на теорија и пракса. Тоа треба да биде стандард насекаде низ факултетите, посебно ако се земе во предвид дека квалитетот на правната професија е таков сублимат на теорија и пракса, односно теорија реализирана низ пракса“, образложува Смилевска, која презентирајќи го германското иксуство, како да ја открива и онаа кантовска перцепција за практикувањето на правото. Она што претставникот на германската идеалистичка школа го посочува во смисла на тоа дека она не може да постои ни теорија без пракса, ниту пак пракса без теорија – германскиот пример на Смилевска, едноставно и мошне јасно го потврдува.

Потребни се промени во образованието, но недостасува и интелектуален авторитет

„Се чини во Македонија, фокусот е даден на класичното учење лекции. Тоа всушност е многу лесно, но некреативно. Таквиот „рецитирачки“ пристап дава можност за голема излезност на правници, иако треба да постои некаков филтер за да и самата професија повеќе се цени. Во примерот со Германија, ќе кажам само дека таму правниот факултет е еден од најтешките факултети што може да се заврши. Зошто е тоа така, не е тешко да се претпостави. Правото, во согласност со континенталните традиции спаѓа во редот на „државните“ науки“, посочува Смилевска.

 Таа надополнува дека луѓето кои го пренесуваат знаењето не треба да бидат „скржави“ во пренесувањето на знаењето и дека тоа мора да го споделат на идните генарации, но и дека правниците мора да го дисперзираат своето познавање и во другите области како економијата, историјата, политиката, културата.

 „Да, правото е и културен поим“, вели Мартина, асоцијативно напоменувајќи ги тезите на Густав Радбрух, еден од врвните аворитети на првната мисла кој секогаш јавно и гласно говорел и за правните, но и политичките проблеми.

 „Секако дека правото е поврзано на одреден начин со политиката, но ако е тоа така во општеството се очекува секогаш да има некој авторитет, правен ум кој со својот кредибилитет и капацитет, независно и со полна почит од страна на општеството ќе протолкува одредено правно прашање, законска измена или потреба од нови решенија. За жал, во Македнија тоа недостасува. Особено на културен план во таа правно-општествена смисла, меѓутоа ако такви позиции на умови во општеството немате или се запоставени, во најмала рака говори за симптоми на отсуство на јавно истакната интелектуална вредност, која ако не постои е индикатор за отсуство на јавната правна сигурност“, предупредува Смилевска.

Инспирацијата е насекаде околу нас, младите мора да реагираат

Оттука, според претседателката, младите во државата се тие кои треба да бидат генератор на промената на свеста и да ја сфатат сериозно моќта која можат да ја имаат за општествени промени – од било каков вид.

„Провејува такво чувство дека инспирацијата се губи и бледнее во немањето на совршен ред на нештата и детектирањето на несреденост во општеството. Но тоа ли е аргументот да се нема проактивен поглед кон животот и професијата? Па, тука е инспирацијата, во тоа дека нештата мора да се променат. Каде би постоела таа младешка инспирација ако не во земја каде тоа е неопходно, барем младите тоа го гледаат и не можат тоа така да го препуштат да „оди“. Сфаќам да нема потреба од таква револуционерност на мислите во земја како Швајцарија, таму се е средено, не размислуваат младите во таа насока. Но, ние не можеме лежерно да се препуштиме на таа социететна судбина дека тоа е реалноста и не може да се смени, ниту да се бориме. Тоа е погубно мислење. Напротив, тука сме и тука треба да се бориме. Нема друг рецепт освен волја и желба да се подобри состојбата. Тоа е логично во секаква смисла, нихилизмот колку и да е оправдан во онаа психолошка конотација не смее да преовлада. Иако факт е дека лесно се забележува апатичноста, би рекла и депресивноста на младината. Не. Апсолутно не. Тоа не е начинот и тоа е погрешниот начин. Преку нашата организација мислам дека даваме светол пример, да не излелзе дека говорам без да имам поткрепа за тоа или дека го намалувам песимизмот со некакво чувство на парцијален оптимизам“, аргументира Смилевска.

Таа апелира до младите да се вклучуваат во организациите, да имаат поголема енергичност и да се почитуваат едни со други за да изградат позитивен амбиент на соработка на меѓусебно, интерперсонално ниво, кое ќе се одрази и на колективното ниво – како јавно добро, што би рекле правниците.

Бидете одлучни и храбри!

„Борете се и бидете храбри, бидете дел од она што вам ви припаѓа, а тоа е иднината. Не се плашете од отвореност и конверзација, од соработка и вклученост. Човек не може да знае сè и никогаш нема да знаеме и научиме сè, единствено што сигурно знаеме е дека треба да се учи и да се создава целиот живот. А, борбата и слободата по дефиниција се учење и активност. Во таа смисла, нема поголема вистина од тоа дека среќата ги следи храбрите, но таа храброст мора да се изгради врз принципите на солидарност и затоа мора да докажеме дека на почеток, скромно но суштински ќе започнеме да ги менуваме нештата, како што ете, Македонското здржение на млади правници направи мал чекор за човековите права во глобална смисла, но голем чекор за државата и македонското општество“, апелира Мартина Смилевска, низ чии зборови навистина може да се препознаат искрените намери на млад човек кој без демагогија со почит кон своите колеги, не само што извршува клучна мисија, туку и инспирира кон она што се нарекува „враќање на довербата во правната држава и во младоста како стожер на општеството“.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 22. 08. 2014