/ Прочитано:

2.051

„Имате права! Кажете не на дискриминацијата“ – младите правници за правата на граѓаните во врска со заштитата од дискриминација

Според Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, се вели во Прирачникот „Имате права! Кажете не на дискриминацијата“, изготвен од страна на Македонското здружение на млади правници.

akademik foto

Овој прирачник е наменет да ги информира граѓаните за нивните права за заштита од дискриминација според прописите кои важат во Република Македонија. Прирачникот појаснува што е тоа дискриминација, како да се препознае, кога да се побара заштита, каде да се побара заштита од дискриминација и кои правни средства можат да се употребат. Целта на прирачникот е да ги поттикне граѓаните да бараат заштита на своите права и да придонесе за општество без дискриминација.

Дискриминацијата, се посочува во прирачникот Прирачникот „Имате права! Кажете не на дискриминацијата“,  претставува нееднаков третман на едно лице или група на луѓе. Основ за различниот третман (однос и постапување) може да биде полот, религијата, националноста, етничката припадност, бојата на кожата, телесната и менталната попреченост, сексуалната ориентација и други карактеристики или определби на лицето, односно групата.

Нееднаквото постапување ги спречува луѓето да ги остварат своите права или да дејствуваат слободно за разлика од другите луѓе кои не се спречени во остварувањето на своите права во иста или слична ситуација. Во прирачникот на Македонското здружение на млади правници се посочуваат повеќе ситуации на дискриминација со кои можат да се соочат граѓаните.

При интервју за работа, на лице од женскиот пол е поставено прашање за брачната состојба или планирање на семејство. Секој без разлика на неговата брачна состојба има право на работа!

При патување надвор од земјата во автобус со 50 патници, неколку лица кои се од ромска националност се издвоени и прашувани за причината за патување, за местото каде ќе патуваат, за паричните средства кои ги поседуваат и побарано им е гарантно писмо. Правото на слобода на движење им се гарантира на сите еднакво!

На дете со попреченост не му е дозволено да посетува редовна настава во основно училиште без придружба на дефектолог кој родителот треба сам да го плати. Образованието e еднакво достапно за сите и секој има право на образование!

Лице припадник на ЛГБТИ-заедницата бара стан за изнајмување. Во еден од становите, сопственикот го прашува дали ќе живее сам или со семејството. Тој кажува дека ќе живее со својот партнер. На тоа сопственикот одговара дека станот нема да го издаде бидејќи тоа е зграда каде што живеат семејни луѓе со своите деца. Секој има право на избор на местото на живеење! Секој има право на почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот!

Лице со попреченост не може да пристапи до своето работно место и да ги врши своите работни задачи поради тоа што просторот не е прилагоден и во зградата каде што е сместена фирмата во која е вработен, влезот нема пристап за инвалидни колички. Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место!

Дете припадник на ромската националност е запишано во училиште каде што повеќето од учениците се од друга национална припадност. Детето од соучениците е нарекувано со погрдни имиња, неколку пати е нападното, и постојано му се вели да се отпише од училиштето. Родителите на детето ги пријавуваат овие настани кај надлежните. По овие пријави ништо не е преземено. Никој не смее да биде вознемируван или понижуван поради етничка припадност!

На лица припадници на одредена националност не им е дозволено да седат во кафе-бар само поради нивната етничка припадност. Секој има право на еднаков пристап до ресторани, кафе-барови и други јавни места без разлика на неговата етничка припадност или раса!

Дискриминацијата,  се вели во прирачникот, е секое ставање во понеповолна положба од другите поради поседување на некоја лична карактеристика, лично уверување или поради припадност на определена група. Дискриминиран е оној човек кој не може да оствари некое право само поради неговата карактеристика, состојба, определба и слично, а друго лице во иста или слична ситуација може да го оствари тоа право.

Постојат повеќе средства за заштита од дискриминација, како и повеќе надлежни институции во Република Македонија. Институции, велат младите правници, пред кои може да се побара заштита од дискриминација се: Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител, адвокатите, граѓанските организации и надлежните судови.

„За поведување постапка за дискриминација важно е да постојат докази. Доколку има писмени докази кои ја потврдуваат дискриминацијата, треба да се сочуваат. Во случај да постојат сведоци кои можат да потврдат дека постоел нееднаков третман и повреда на вашето право на еднаквост, потребно е да побарате нивен контакт за да можат да сведочат во одредена постапка. Располагањето со докази е неопходно за поведување на каква било постапка“, се истакнува во  Прирачникот „Имате права! Кажете не на дискриминацијата“.

М.В