/ Прочитано:

1.749

Интегритетот на судијата е атрибут на чесност и праведност – презентиран Кодексот за судиска етика

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Здружението на судиите на Република Македонија, со финансиска поддршка на ИПА-проектот 2010 – „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на пробациската служба и алтернативните мерки“, одржаа презентација на Кодексот за судиска етика на судиите во Република Македонија. Презентацијата на Кодексот произлегува од активностите кои се во согласност со препораките од експертскиот извештај на Рајнхард Прибе. На презентацијата на Кодексот во Гостивар присуствуваа судии, јавни обвинители, адвокати, нотари, извршители и претставници на невладините организации. Презентацијата на Кодексот и Водичот ќе се реализира во сите апелациони подрачја во Република Македонија.

foto

Како што се наведува во Кодексот, целта на востановените принципи во овој документ е воспоставување на стандарди за етичко однесување на судиите. Тие им даваат насоки на судиите и креираат рамка за регулирање на однесувањето на судиите. Освен тоа, се наведува во Кодексот, целта е да им се помогне на членовите на извршната и законодавната власт, на правниците и на пошироката јавност подобро да го разберат и да го поддржат судството.

Овие принципи претпоставуваат дека судиите се одговорни за своето однесување пред соодветните институции воспоставени за одржување на судиските стандарди, кои се независни и непристрасни и кои имаат за цел надополнување, а не отстапување од постојните законски прописи и правила на однесување кои судиите мора да ги почитуваат.

Во Кодексот се истакнува дека стручноста и совесноста се предуслови за соодветното извршување на судиската функција. Независноста на судството е предуслов за владеењето на правото и претставува основна гаранција за правично судење. Исто така, непристрасноста е од суштествено значење за соодветно извршување на судиската функција. Судијата е должен да ја врши судиската функција непристрасно, како при донесувањето на одлуките така и во водењето на постапките.

„Интегритетот е атрибут на чесност и праведност. Судијата секогаш, а не само во извршувањето на службените должности, постапува чесно и на начин кој е од корист за соодветно вршење на судиската функција“, се вели во Кодексот за судиската етика, каде што се пропишува и дека пристојноста и соодветното културно однесување на судијата се од суштинско значење за вршењето на сите активности на судиската функција.

Во Кодексот се вели и дека обезбедувањето на еднаквост за сите во постапката пред судовите е од суштинско значење за соодветното вршење на судиската функција.

akad 2

Во Кодексот се вели и дека обезбедувањето на еднаквост во постапката за сите пред судовите е од суштинско значење за соодветното вршење на судиската функција, а стручноста и совесноста се предуслови за соодветното извршување на судската функција.

На презентацијата стана збор и за практичниот водич за новиот етички кодекс. Генералната цел на Водичот за етичкиот кодекс е да се зголеми способноста на судиите соодветно и со интегритет да ги извршуваат своите должности во согласност со европските и другите меѓународни стандарди преку спроведување и примена на Кодексот за однесување.

„Етиката не е и не треба да се смета за прикаска за вредностите и принципите на кои се присетуваме и кои ги забележуваме кога ќе се појават корупција или измами. Етиката е компилација од вредности и однесување што имаат позитивен ефект кој ги блокира патеките што водат кон корупција, воспоставува непречено работење на судскиот систем и го зголемува квалитетот на неговите институции“, се посочува во Водичот.

Во врска со судиската етика, Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО Комитетот, говореше за препораките на ГРЕКО во 4 Круг на оцена во однос на Република Македонија.

Според препораките, со цел да се зајакне независноста на судството од несоодветни надворешни влијанија, потребно е да се укине членството на министерот за правда по службена должност во Судскиот совет и да се обезбеди ефективно да се применуваат во праксата законски определените критериуми и правилата за назначување на судиите во првостепените судови, особено во однос на барањето сите нови судии да се дипломци од Академијата за судии и јавни обвинители.

akademik foto 1

Потребно е да се преземат соодветни мерки во насока на јакнење на независноста, непристрасноста и интегритетот на судиите поротници, меѓу другото, со воведување на специфични упатства и обуки за прашањата на етика, очекувано однесување, превенција на корупција и судир на интереси и други прашања. Одлуките на Судскиот совет за унапредувањето на судиите да бидат придружени со објаснување на причините за тоа и да бидат предмет на судска проверка.

Земајќи го предвид принципот на независност на судството, потребно е да се ревидира системот на оценување на работата на судиите со цел да се воведат повеќе квалитативни критериуми и да се отстрани автоматското намалување на оценката на судијата како резултат од укинувањето на неговите/нејзините одлуки.

Да се воспостави збир на јасни стандарди/кодекс на професионално однесување, придружен со коментари за објаснување и/или со практични примери, кој ќе се применува на сите судии, и да се развијат правила и водичи за судиите во однос на прифаќањето на подароци и други предности и примената на овие правила соодветно да се мониторира.

„Дисциплинските повреди кои важат за судиите јасно да се дефинираат и опсегот на санкции да се прошири со цел да се обезбеди поголема пропорционалност и разрешувањето на судија да биде возможно само за најсериозните видови на повреди со цел да се спречи можноста судијата да биде разрешен само доколку се утврди дека една од неговите одлуки го прекршува правото на судење во разумен рок“, истакна Арнаудовска.

М.В