/ Прочитано:

1.127

Интерпол склучи договор со фармацевтската индустрија за борба против фалсификуваните медикаменти

Среда, 13 март 2013 – Во обид за борба со фалсификуваните медикаменти Интерпол соопшти дека склучил договор со фармацевтската индустрија, пренесува Би-Би-Си. Согласно договорот, 29 најголеми фармацевтски компании во светот во следните три години ќе дадат 4,5 милијарди евра за решавање на овој проблем. 

За борба со оваа закана, која секој ден му се заканува здравјето и животот на милиони луѓе, неопходни се глобални напори, соопшти Интерпол.

Кога станува збор за фалсификување на лекарства всушност станува збор за разликата меѓу животот и смртта на пациентот, изјави за Би-Би-Си главниот извршен директор на француската фармацевтска компанија „Санофи“, Кристофер Фијбахер.

Според оценка на неговата компанија, околу 10 отсто од лекарствата, кои се продаваат во светот, се фалсификати, а во посиромашните земји овој процент е пет пати повисок. Парите ќе се искоритат за подобрување на можностите на Интерпол да се справи со производството на фалсификувани лекарства, посочува Би-Би-Си.

Парите ќе бидат давани за земји во кои недостасуваат доволно средства за откривање на таквиот криминал. Дел од парите ќе бидат искористени за појаснувачка кампања за опасноста од искористувањето на фалшливите лекарства, особено купените преку Интернет.

Посебно внимание ќе му биде одделено на откривањето и разбивањето на мрежи, кшто се занимаваат со продажба на фалшливи медикаменти. Според оценки на Светската здравствена организација, над 50 отсто од лекарствата, кои се купуваат преку Интернет, а физичката адреса на доставувачот останува сокриена, се фалсификувани.

Минатата година само во Пакистан биле регистрирани над сто смртни случаи по примање на фалсификувани лекарства, истакнува Би-Би-Си.