ИНТЕРВЈУ СО Д-Р МАРИН МРЧЕЛА, судија и претседател на ГРЕКО: „За борба против корупцијата потребни се добри луѓе“
Добрите прописи, добрите луѓе, правната етика и промената на свеста се клучните и неопходните елементи во борбата против корупцијата. Образованието во делот на антикорупцијата е многу важно, исто така. Образованието најчесто се става настрана и не се води сметка за него. Некои меѓународни искуства покажуваат, а тоа е и мое лично мислење, дека образованието треба да почне што порано. Јас често тврдам дека борбата против корупцијата започнува во градинките и таа започнува и дома и во најраната младост“, вели, во интервјуто за Академик, д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа.
За борбата против корупцијата потребни се добри луѓе
„За борбата против корупцијата најпотребно е европските држави да направат систем кој ќе биде веродостоен, кој ќе има добри прописи, кој ќе има стандарди што ги уважуваат сите и кој ќе има добри луѓе што ќе го спроведат тоа. Без добри луѓе и без познавачи, на оние што знаат, мислам дека не може да има борбата против корупцијата. Корупција, за жал, секогаш ќе има бидејќи таа е криминал, а криминалот секогаш го прават луѓето од различни причини и мотиви. Но, се работи за тоа дека мораме да го промениме тоа и тука не мислам само на органите на прогонот, затоа што тоа не е единствениот начин за борба против корупцијата. Мора да имаме нешто поврзано за превенцијата и нешто поврзано за образованието“, истакнува д-р Мрчела, подвлекувајќи дека прашањето за образованието според сознанијата е „ставено настрана“, што е клучна грешка во борбата против корупцијата.
Борбата против корупцијата започнува во градинките
„Образованието најчесто се става настрана и не се води сметка за него. Некои меѓународни искуства покажуваат, а тоа е и мое лично мислење, дека образованието треба да почне што порано. Јас често тврдам дека борбата против корупцијата започнува во градинките и таа започнува и дома и во најраната младост. Единствено со правилно образование можете да го постигнете тоа веќе да не биде нормално или да не биде прифатливо да се донесе литар виски ако се сака да се добие дозвола, на докторот да му се донесе некаква слика или бонбониера за да се направи нешто што докторот мора да го направи, или некои други ситуации. Тоа беше нормално некогаш и се надевам дека сега тоа се менува, и мислам дека луѓето мора да сфатат дека тоа е погрешно и дека тоа не чини затоа што сите оние на кои им се носи нешто имаат своја работа која мораат да ја сработат“, вели претседателот на ГРЕКО.
Тој нагласува дека во борбата против корупцијата иманентна е и промената на свеста во согласност со изразената политичка волја и заложби.
„Значи за борбата против корупцијата најважни се добри прописи, добри луѓе и промена на свеста. А за тоа, за промената на свеста, првенствено потребно е политичка волја затоа што такви прописи треба да се направат и политиката мора да ја декларира борбата против корупцијата и да не ја попречува. Секако, мора да постои свест кај луѓето за тие промени и волја кај јавноста за да се направи тоа. Ако јавноста, луѓето, не го сакаат тоа, тоа нема ни да се направи“, вели Мрчела.
По однос на препораките на ГРЕКО за Македонија, Мрчела вели дека нивниот број изгледа голем, но не се работи за препораки што не можат да бидат исполнети. „Клучниот збор е транспарентноста“, нагласува судијата.
ГРЕКО за Македонија
„Ние како ГРЕКО сега го работиме четвртиот круг на евалуација и во четвртиот круг и Македонија доби 19 препораки, тој рок сѐ уште тече за исполнување. Бројот 19 изгледа голем, но не е таков да не може да биде исполнет, посебно затоа што некои препораки што се однесуваат на судиите, се однесуваат и на обвинителите. Она за коешто треба да се води сметка, а го работиме за спречување на корупцијата во пакет и за парламентарците, се прашањата кои се јавуваат помалку или повеќе во сите држави и на тие подрачја не е потребно да се направат само промени и систем, туку и надзор на тој систем. На пример, кај конфликтот на интереси да се знае што да се направи точно, па ако се случи, нешто да се направи. Клучниот збор е транспарентноста и тоа особено се однесува на политичарите затоа што ним не им суди никој друг туку избирачите. Ако веќе треба да се судат, тоа е веќе прашање на кривично дело, но судирот на интереси не мора да значи противправно дејство во смисла на кривично дело. Потоа, исто така треба да се води сметка за контактите со трети лица, во смисла на лобисти, затоа што и тоа мора да биде транспарентно. Исто така, од голема важност е прашањето за дојавувачите затоа што мора да бидат заштитени оние кои во добра вера ја пријавуваат корупцијата“, објаснува претседателот на ГРЕКО.
Етиката – „вечно прашање“
Д-р Мрчела додава дека етиката и моралот е „вечно прашање“ и тоа подразбира не само препознавање на моралното и неморалното, туку и ставање во засилена улога и на превентивната улога на антокоропцијата.
„И секако, тука е и вечното прашање на етиката и моралот, односно она што е морално и неморално, на кој начин да ги образуваш луѓето и на кој начин да им дадеш можност воопшто да не дојдат до проблем, да се советуваат за потенцијалната ситуација кога би дошле. И ова се однесува подеднакво и на судиите, и на обвинителите и на парламентарците. Некогаш луѓето доаѓаат во судир на интереси, а воопшто да не се свесни за тоа. Едноставно, не ги знаат прописите и затоа е потребен еден таков систем и да постои некаков надзор кој ќе се спроведе делотворно, на начин на кој ќе биде видлив. Ако се говори за доверливо советување, тоа секако не мора да биде транспарентно, ако е спроведено и ако е решено на задоволителен начин и ако е спречена каква било повреда на кодексот“, образложува д-р Мрчела.
Кодекс за парламентарци
Судијата Мрчела вели дека за борбата против корупцијата и судирот на интереси, има важност и донесувањето на кодекс на пратениците, а од особено значење е регулирањето на процесот на донесувањето на законите, во смисла на нивната транспарентност и почитувањето на институтот јавна расправа. Во Хрватска, вели Мрчела, ќе биде донесен ваков кодекс за парламентарци.
„И Хрватска доби препораки од ГРЕКО. Во Хрватската проблемите се првенствено економски и тоа го повлекува прашањето на корупцијата. Она што треба да го направи Хрватска, а е поврзано со препораките, е секако етичкиот кодекс на парламентарците. Тоа го нема. Според тоа, мислам дека ќе се направи. Но ова не е исклучок само за Хрватска, повеќето држави го немаат тој кодекс, меѓу кои и Македонија. Некои држави немаат ни кодекс за судии. Инаку, во таков кодекс за парламентарците треба да се решат прашања како: судирот на интересот, транспарентност на донесувањето на законите, прашањето за доволно време за јавна расправа за донесувањето на законите и контактот со трети лица. Треба да се знае дека прашањето за судирот на парламентарците и судирот на интересите кај судиите е поинаков. Судијата ако има судир на интерес, најдобро да не работи на конкретна работа, но кај парламентарецот ако има судир на интереси, не значи дека нужно тој не мора да гласа за некој закон. Еве, да го образложиме тоа со хипотетички пример: Најавено е дека во Охрид ќе се прави фабрика за јаглен. Парламентарецот од Охрид е избран да ги штити интересите на граѓаните бидејќи таа фабрика би го загадила Охрид, а чист град е во интерес на граѓаните. Тоа впрочем е и негов интерес. Е, сега тој треба секако да го следи тоа како интерес на граѓаните и како нивна заштита и јавно да го декларира тоа, но тој не може да се исклучи од гласањето. Затоа, судирот на интересите не мора да значи судир, контактот со лобистите исто така, но јавноста секогаш мора да биде запознаена“, истакнува Мрчела.
Мрчела додава дека ГРЕКО препорачува дека во борбата против корупцијата неопходно е континуирано образование и континуирано усовршување, нагласувајќи дека посебно на правните факултети задолжително треба да се да проучува правната етика, усогласена со „новото време“.
Повеќе посветеност во проучувањето на етиката
„Ние во ГРЕКО препорачуваме континуирано образование и континуирано усовршување затоа што сфативме дека не го покриваат доволно тоа подрачје правните факултети, а и ако го покриваат – светот се менува, доаѓаат нови ситуации, тие бараат ново образование. Доаѓаат нови технологии или нови ситуации. Кога сме студирале ние, немаше Фејсбук. Значи немаше проблеми околу тоа дали судијата може да користи Фејсбук. Сега се поставува прашањето и за судиите и за обвинителите и за адвокатите и за парламентарците – во која мера може да користат Фејсбук и дали е воопшто примерно за судијата да објавува јавно – „Еве, сега јас сум на плажа, се сончам и еве ме во слика со костим за капење“. За политичарите е разбирливо – тие сакаат да ѝ се допаднат на јавноста и на избирачите, но прашањето дали треба да се промовираат судиите на начин да се допаднат некому е прашање за проучување. Според тоа, секоја едукација е добредојдена. Ако имаат такви едукативни можности правните факултети, каде што ќе се изучуваат не само етички прашања, туку и прашања што можат да повлечат судир на интереси, тоа би било од голема корист и би имало големо значење. Правната филозофија и етика се нешто што би требало да го знае секој правник“, вели судијата во хрватскиот врховен суд.
„Што би се случило кога судиите би ги коментирале одлуките на политичарите?“
Мрчела потенцира дека судиите треба да го почитуваат моралниот закон и да не дозволуваат да влијаат врз нив, посебно не политичарите. Во таа насока, претседателот на ГРЕКО е со категоричен став и за пресумпцијата на невиност, која може да се наруши и од медиумите, но и од политичарите или од претставниците на извршната власт – „Пресумпцијата на невиност мора да се почитува“.
„Судијата не може да избега од стварноста и, секако, кога гледа телевизија или кога чита некој медиум, тоа може да има влијание врз него, но тој мора да се одвои од тоа и да суди објективно. За време на истрагата обвинителството е поактивно во јавноста, а потоа се адвокатите. И во случајот кога ги пласира своите тези обвинителството и во случајот кога ги пласира одбраната, може да стекнат различни впечатоци. Изјавите на обвинителот и изјавите на бранителот може да се толкуваат како притисок врз судиите. Но, во реалноста, не верувам дека се работи за притисок. Можеби се работи за изјави со цел да се создаде еден впечаток, но судијата мора да остане објективен и непристрасен кон такви изјави.
Оттука, она што е важно е да се почитува пресумпцијата на невиност, дека личноста не е виновна, туку осомничена, а особено е важно да се воздржуваат политичарите од каква било изјава за времетраењето на постапката бидејќи тоа може да ја загрози пресумпцијата на невиност. За ова има и пресуди на Европскиот суд за човекови права за вакви случаи, меѓу кои постои хрватски случај за давање изјави од страна на политичари додека е во тек постапката. Затоа, изјавата на политичарите, особено на оние од извршната власт, посебно кога зборуваат за суските одлуки и за судската власт, треба да се избегнуваат. И судската и извршната власт се дел од власта“
„Што би се случило кога судиите би ги коментирале одлуките на политичарите?“- резимира д-р Марин Мрчела.
Следете ја совеста и чесноста!
Познатиот хрватски судија ги советува своите помлади колеги, идни судии, адвокати и обвинители дека како професионалци секогаш треба да ја следат чесноста и совеста затоа што е најважен фактор во борбата против корупцијата, но и одлика на сопствениот морален закон.
„Треба да се следи совеста и чесноста и да не се постапува кон другите онака како што не би сакале да постапуваат со нас“, нагласува д-р Мрчела, претседател на ГРЕКО.
М.В / veljanoskim@akademik.mk
10 јули 2015