/ Прочитано:

1.013

Исповед на хашки судија: Трибуналот спроведува политички одлуки

Петок, 14 јуни 2013 – Неодамнешните ослободителни пресуди на високите хрватски и српските офицери и функционери ги донесов под политички притисок, а не во интерес на правдата, тврди данскиот судија во Хашкиот трибунал Фредерик Хархоф, во писмо испратено до 56 луѓе, меѓу  кои и адвокати, кое вчера го објави данскиот дневен весник БТ.

Судијата Фредерик Хархоф во своето писмо на пет страни ги анализира и критикува неодамнешните ослободителни пресуди за Хрватите Анте Готовина и Младен Маркач, како и за Србите Момчило Перишиќ, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, изразувајќи отворени сомнежи дека тие се донесени под политички притисок.

„Неодамнешните пресуди ме доведоа во длабока професионална и морална дилема, која досега не сум ја искусил. Најлошо од се’ e сомнежот дека некои од моите колеги стоеле зад кусогледиот политички притисок што сосема ја менува премисата на мојата работа во служба на принципот на разборитост и правдата“, пишува Хархоф, според англиската верзија од писмото објавено на интернет страницата на данскиот весник.

Судијата  го обвинува актуелниот претседател на Трибуналот,  Теодор Мерон дека директно вршел притисок врз судиите да донесат ослободителни пресуди, а причина за тоа смета дека е загриженоста на државите како САД и Израел дека широкото толкување на командата одговорност може да биде опасно и за нивниот воен врв.

„Би можеле да помислите дека воениот естаблишмент во водечките држави (како Соединетите држави и Израел) сметал дека судовите во практика премногу би се приближиле на одговорноста на воените команданти”, се вели натаму во цитираното писмо.

„Судот одел предалеку кон тоа дека командантите се одговорни за секое злосторство коешто го извршиле нивните подредени“, вели поранешниот хашки судија.

„Дали американските или израелските функционери извршиле притисокот на американскиот претседавачки судија за да ја променат насоката“, запрашува Хархоф и одговора дека „тоа најверојатно никогаш нема да го знаеме“.

„Меѓутоа, поради слуховите за упорниот притисок на тој американски претседавачки судија врз неговите колеги во предметите Готовина и Перишиќ, можете да помислите дека му било многу важно да постигне ослободителни пресуди, а особено дека имал среќа кога во последен момент успеал да го наговори постариот турски судија да го промени мислењето“, тврди Хархоф.

Станува збор за 77-годишниот турски судија Мехмет Ѓуенеј, кој во ноември минатата 2012 година гласаше Готовина и Маркач да бидат пуштени на слобода. Пресудата е донесена со три гласа „за“ и два „против“.

Данскиот судија Хархоф го обвинува американскиот претседател на Хашкиот трибунал Мерон дека вршел притисок и во предметот на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, првиот човек на српската тајна служба и неговиот заменик, инаку блиски соработници на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ во војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Пресудите за нив сѐ уште не се правомосилни.

„Дали холандскиот судија Алфонс Орие бил под притисок на американскиот претседавачки судија? Се чини дека е така!”, вели Хархоф.

Тоа значи дека „судот не само што направил важен чекор наназад од лекцијата дека воените команданти мораат да понесат одговорност за злосторствата на нивните подредени (освен доколку не се докаже дека за тоа ништо не знаеле), туку и дека теоријата за одговорноста врз основа на ‘заеднички злосторнички потфат’ сега е сведена на придонес (на овој или на оној начин) на барање директна намера да се сторат злосторства (а не само прифаќањето на злосторството)“, појаснува данскиот судија, истакнувајќи дека директната намера „речиси е невозможно да се докаже“.

„Повеќето случаи ќе завршат во иднина така што командантите ќе отшетаат слободни. Така и американските (и израелските) воени челници можат да здивнат“, заклучува Хархоф.

Како што пишува весникот, Хархоф не сакал да го коментира писмото под образложение дека се работи за „приватно писмо“, а за коментар не бил расположен ниту претседателот на Трибуналот, Mерон.