/ Прочитано:

840

ИВАНОВ: Балканот станува база за регрутација на нови странски борци за џихад

Четврток, 25 септември 2014 – Земјите на Југоисточна Европа се соочуваат со сериозна закана, а балканскиот регион е прв во Европа кој е на крвавата мапа на таканаречениот Исламски калифат предупреди македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред Генералното собрание на Советот за безбедност на Обединетите нации, свикано од претседателот Барак Обама за справување со растечката закана од тероризмот.

„Со загриженост можам да констатирам дека Балканот веќе станува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Странските борци од Балканот во ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди за да ја изведат џихадистичката идеологија во нивните матични држави. Некои се таму веќе три години. Други сега им се придружуваат. Некои ќе останат таму, но некои најверојатно ќе се вратат на Балканот, и кога ќе се вратат, со себе ќе ја донесат својата омраза кон различностите, својата погубна идеологија со која ќе ги иницираат нашите ранливи општества и држави“, предупреди претседателот Иванов од говорницата на Советот за безбедност.

Според претседателот, покрај интегрирање на регионот во НАТО и во Европската Унија, како трет чекор кој ќе придонесе за борбата против радикалните групи и заканата од создавање „балкански калифат”, би било создавање регионален центар за борба против тероризмот кој би ги обединил земјите од западен Балкан и нивните безбдносни служби во утврдување на заканите, размена на информации и координирање на активностите на безбедносните служби. 

Претседателот во говорот истакна дека блокадата на Република Македонија за влез во НАТО и напредување кон членство во Европската Унија значи блокирање на мирот, стабилноста и безбедноста на Балканот.

„Обединетите нации мора да бараат поцврсто спроведување на резолуциите, откочување на блокадата на македонија и почитување на Мпресудата на Межународниот суд во Хаг. Без интеграција на Република Македонија и останатите земји од Западниот Балкан во Европа се создава вакум во геополитичкиот простор. Да не дозволиме овој вакуум да биде пополнет со радикализам, верски фундаментализам и неизвесност“, апелираше Иванов.