Избор на Народен правобранител и уставен судија на дневен ред на собраниска комисија
Вторник, 11 декември 2012 – Во Собранието денеска седница ќе одржи и Комисијата за прашања на изборите и именувањата која меѓудругото треба да ја разгледа и утврди предлог-одлуката за избор на Народен правобранител, а ќе треба да се изјасни и по Предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија.
Најсериозен кандидат за функцијата Народен правобранител е досегашниот, Иџет Мемети кој веќе 8 години ја извршува истата. Мемети досега два пати беше одликуван со орден за граѓански заслуги.
На дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е и избор на уставен судија бидејќи на уставната судијка Вера Маркова и истекува мандатот во јануари.
Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ќе ги разгледува следните предлог – одлуки:
- Утврдување предлог-одлука за избор на Народен правобранител;
- Утврдување предлог одлука за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија;
- Утврдување предлог – одлука за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на други држави;
- Утврдување предлог – одлука за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија;
- Утврдување Предлог-одлука за престанок на мандат на член на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво;
- Утврдување Предлог-одлука за избор на членови на Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво;
- Утврдување предлог – одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда “Гоце Делчев” и Разно;
- Утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Македонија.