/ Прочитано:

962

Изборот на претседател на ДИК и судија во Уставниот суд пред пратениците

 Четврток 21 ноември 2013 – На денешната 77 седница на Собранието пратениците ќе избираат нов претседател на ДИК. Покрај овој избор, предвидено е да се расправа и за изборот на нов уставен судија.

Правникот Никола Рилковски од Охрид е предлогот на Социјалдемократскиот сојуз за нов претседател на Државната изборна комисија. Рилковски треба да дојде на местото на Борис Кондарко кој поднесе оставка на оваа функција.

Судијката Вангелина Маркудова е предлогот на Судскиот совет по барање на Собранието за нов уставен судија. Маркудова треба да го пополни местото на судијата Бранко Наумовски чиј мандат истекува на почетокот на декември.

Во Собранието ќе заседаваат и Законодавно-правната комисија, комисиите за труд и социјална политика и за финансирање и буџет на кои ќе бидат разгледани Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот.

Дневниот ред е дополнет со два предлога во прво читање – Предлог на закон за финансиска дисциплина и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за девизно работење.