/ Прочитано:

3.082

ИЗБРАНИ 14 ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА СУДОВИ: Илир Сулејмани на чело на Скопска двојка, Ѓорѓи Радојков ја повлекол кандидатурата

По една година откако е распишан огласот за избор на претседатели на судови низ Македонија, Судскиот совет денеска за 15 минути едногласно, без ниту еден глас против,  избра дури 14 претседатели на судови. Нов претседател доби и најголемиот суд во земјава – Основниот суд Скопје 2. Оваа функција во следните четири години ќе ја врши судијата Илир Сулјемани, откако актуелниот  в.д. претседател Ѓорги Радојков пред неколку дена ја повлекол кандидатурата,  а кандидатот што, исто така, конкурирал за ова место,  а е оценет со најмногу поени од Советот,  Шукри Сабриу, е времено оддалечен од функцијата бидејќи е осомничен за несовесно работење во акцијата „Јустиција“. Во трка за претседателското место во Основниот суд Скопје 2 беа и судиите Бесник Абдиу  и Улбер Хасани.

Претседателот на Судскиот совет, Бранко Ушковски, не сакаше да коментира зошто на Советот му беше потребно повеќе од една година да ги провери биографиите и да избере претседатели во судовите.

„Немам коментар. Јас сум претседател на Судскиот совет од пред еден месец, не би можел да коментирам“, изјави Ушковски по седницата.

Според Ушковски, претседателите на судовите се избрани на најтранспарентен начин.

„Самите се уверивте дека во Судскиот совет на најтранспарентен начин се избрани претседателите на основните судови и тоа во согласност со критериумите кои се утврдени во Законот за судовите и во согласност со критериумите и со начинот и постапката утврдени во Законот за судскиот совет. Воедно ве известувам дека ние денеска првпат го имплементиравме Законот со кој за претседатели се избираат судии кои во последните две години од страна на Судскиот совет преку АКМИС системот се оценети со највисок број бодови во однос на нивните противкандидати“, рече тој.

Најдобро оценет кандидат од Судскиот совет осомничен во „Јустиција“

Илир Сулјемани, судија во Основниот суд Скопје 2, е избран  за претседател на скопскиот Граѓански суд. Во неговата биографија, истакната на веб-страницата на Основниот суд Скопје 2, единствено пишува дека според Годишниот извештај за работа работи на: стечајни и ликвидациони предмети.

 Инаку, за ова место конкурирале и судиите  Шукри Сабриу, Бесник Абдиу  и Улбер Хасани. Иако од страна на Судскиот совет  бил оценет со најмногу поени, за судијата Сабриу од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 на денешната седница беше посочено дека не ги исполнува условите бидејќи е времено оддалечен од вршење на функцијата, по што изборот падна на Сулјемани, како втор на списокот на кандидати според бројот на поени. 

„Кандидатот е осомничен во акцијата „Јустиција“. Пријавен е претходно на оглас, меѓутоа испаднаа дополнителни околности и утврдивме дека не ги исполнува условите денеска да биде предложен за кандидат“, појасни Ушковски за новинарите .

Ушковски не сакаше да коментира како е можно судија оценет со највисок број бодови од страна на Судскиот совет да биде уапсен за  несовесно работење бидејќи, како што рече, истрагата за овој случај сè уште трае. 

Радојков: Не би ги коментирал причините за повлекувањето на кандидатурата

Во однос на актуелниот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 2, Ѓорѓи Радојков, како што рече Ушковски, од пред неколку дена има поднесок од негова страна со кој ја повлекол пријавата за кандидат. Првиот човек на Судскиот совет не ги образложи причините зошто е повлечена кандидатурата од страна на Радојков.

„Во оваа пригода би кажал само најпофални зборови за судијата Ѓорѓи Радојков со оглед на тоа што тој подолг период беше вршител на должност претседател на најголемиот суд во Република Македонија и како вршител на должност постигна многу високи резултати и успеси. Се покажа на највисоко професионално ниво и во целиот период континуирано го одржуваше Судот како најефикасен и најажурен меѓу судовите што се во Република Македонија“, рече тој.

Академик контактираше и со судијата Радојков во врска со причините за повлекување на кандидатурата, но тој ни одговори дека не би ги коментирал.

И другите претседатели на судови беа изгласани едногласно без ниту еден глас против. Дел од избраните кандидати се и актуелни в.д. претседатели на конкретните судови.

Голубинка Козовска e избрана за претседател на Основен суд Берово,  Дејан Крстанов за Основен суд Битола, Зоран Јосифовски за Основен суд Кавадарци, Анкица Димитровска за Основен суд Крива Паланка, Александар Шопов за Основен суд Велес Благој Цикарски за Основен суд Виница, Драги Дилберов за Основниот суд Гевгелија,  Миле Ѓорѓиев за Основен суд Делчево, Баки Алили за Основен суд Кичево, Ацо Анѓелковски за Основен суд Неготино, Јане Тренчевски за Основен суд Прилеп, Слободан Арсковски за Основен суд Свети Николе и Емил Пилатов за Основен суд Штип.

На новинарско прашање „дали тоа што Дилберов е тетин на сопругата на премиерот имало влијание во случајот“, Ушковски одговори:

„Не сум во тек и воопшто не можам да коментирам за нешто што не сум во тек. Би се воздржал од такви коментари бидејќи не се коректни. Се работи за кандидатот кој е со највисок број на бодови и само толку можам да кажам“.

Во однос на тоа што Дилберов има уште една и пол година до пензионирање, Ушковски рече дека во согласност со Законот не може ниту еден кандидат да се ограничи да конкурира.

Изборот за претседател на скопска Апелација останува за некоја наредна седница

На денешната седница Советот не избра претседател на Апелациониот суд во Скопје, каде што подолго време на оваа функција вршител на должноста е судијката Љиљана Ивановска-Шопова.

„За Апелација и за уште еден суд претседателите ќе бидат избрани на една од наредните седници. Покрај овие критериуми и условите кои се определени во Законот за судовите и во начинот и постапката што се утврдени во Законот за судовите и деловникот на Судскиот совет, ние покрај овие критериуми, коишто се многу битни, имаме широка можност на секојдневните состаноци што ги имаме подетално да утврдиме каков е нивниот начин на соработка со граѓаните, каков е нивниот начин на соработка со колегите судии, каква е нивната соработка со судската администрација итн.“, рече претседателот на Судскиот совет, Бранко Ушковски, и појасни дека другиот суд е Основниот суд Струмица.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 29.04.2015