/ Прочитано:

1.937

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА ГАБЕР – ДАМЈАНОВСКА: Адвокатурата е јавна служба и постои потреба од нагласување на нејзината општествена одговорност

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и Кодексот за професионална етика на адвокатите и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за дисциплинска одговорност. По нејзиното гласање против Решението У.бр.21/2015 донесено на 23.12.2015 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 51 став 1 во делот “и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми“ од Статутот на адвокатската комора на Република Македонија како и член 13 став 1 алинеи 1 и 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност на Адвокатската комора на Република Македонија донесена на 14.10.2006 година, судијката Д-р Наташа Габер-Дамјановска го образложува своето издвоено мислење.

akad 4

Појдовниот став во Решението У.бр.21/2015 по однос на оспорените одредби е дека Адвокатската комора на Република Македонија како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон (член 53 од Уставот), има автономија самостојно да ја уредува својата внатрешна организација, правила на однесување и постапување. Уставно втемелената самостојност на адвокатурата поконкретно е регулирана со член 5 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015) и со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2013). Исто така, наведено е дека оспорениот Правилник за дисциплинска одговорност нема карактер на пропис, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата за овој оспорен акт.

По однос на генерално искажаниот став на Уставниот суд за самостојноста при уредување на својата внатрешна организација, правила на однесување и постапување, сметам дека не постои основ за оспорување од уставносудски аспект. Но, исто така, токму заради самиот факт што адвокатурата претставува јавна служба која што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со Закон, постои потреба и од нагласување на општествената одговорност која таа ја има како составен дел на уставниот поредок. Се работи за принципиелна неусогласеност при регулирањето во оспорените одредби на извесни дејствија кои би можеле, но и de facto актуелно се вршат во смисол на pro bono давање на правна помош, а кои произлегуваат од улогата на адвокатурата како јавна служба со нагласена јавнокорисна, етичка димензија и без првенствена цел остварување на профит, во точно однапред определени случаи.

Во таа смисла, воочлива е несообразноста на член 51 став 1 во делот “и давање на правни совети во печатени и електронски медиуми“ од Статутот на Адвокатската комора, и на член 13 став 1 алинеи 1 и 4 од Правилникот за дисциплинска одговорност наспроти Глава I “Однос кон странката и предметот“ точка 1 став 3 и точка 8 од Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија.

Член 13 став 1 алинеја 1 од Правилникот за дисциплинска одговорност предвидува дисциплинска одговорност за адвокатот кој наплаќа и договара пониска награда за застапување и пружање правна помош спротивно на висината утврдена со АТ на АКРМ (нелојална конкуренција), а алинеја 3 предвидува дисциплинска одговорност за адвокатот кој не ги пријавува до органите на АКРМ лицата кои неовластено пружаат правна помош.

mladi-advokati-e1419587760658.jpg

По однос на алинеја 1, со оглед на тоа дека не се регулирани никакви можни исклучоци од ова правило (во кои случаи би се сметало а во кои не дека постои нелојална конкуренција или на пример во кои случаи би можела да се дава правна помош на маргинализирани или социјално загрозени категории на население), сметам дека постои неусогласеност со Етичкиот кодекс на АКРМ. Конкретно, Етичкиот кодекс во Глава I “Однос кон странката и предметот“ во точка 1 став 3 наведува: “Доколку се работи за сиромашна странка која не е во состојба да ја плати наградата на адвокатот во полн износ, тоа не може да влијае на ускратување на тоа да се даде правна помош или вршење на јавно овластување, бидејќи ова претставува традиционална и чесна задача на адвокатската професија“. Точка 8 гласи: “Уште при превземање на предметот, доколку е можно, адвокатот треба да ја запознае својата странка со износот на трошоците и наградата за застапување односно вршењето на јавни овластувања. Ако е во прашање странка со слаба материјална состојба својата пресметка адвокатот треба да ја сообрази со платежните можности на истата, односно, наградата да ја спушти и под минимално дозволените ставки за работа на адвокатите, а од сосема сиромашните странки да не бара никакво надоместување, имајќи го притоа предвид старото етичко правило на адвокатите: никој, поради неможност за плаќање на наградата на адвокатот да не остане без адвокатска и квалитетна правна помош.“

Имајќи ја предвид облигаторноста и правното дејство кое го има Правилникот за дисциплинска одговорност наспроти прокламираните принципи наведени во Етичкиот кодекс (и покрај тоа што Адвокатската комора на Република Македонија наведува дека Етичкиот кодекс е обврзувачки за неа, како членка на ЦЦБЕ) сметам дека по однос на ова прашање постои несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, која имплицира јасност, неконтрадикторност и применливост на одредбите.

По однос на алинеја 3 од истиот член, сметам дека со оглед на сличноста на правниот пристап, Уставниот суд требал да ја земе предвид Одлуката У.број 233/2008, според која постои повреда на уставното начело владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.

Крајно, останува нејасно зошто Уставниот суд одлучил за еден акт (Етичкиот кодекс на АКРМ) да се прогласи за надлежен и да одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста, а иницијативата по однос на Правилникот за дисциплинска одговорност да ја отфрли.

УСТАВНИОТ СУД ЗА ОСПОРЕНИТЕ АКТИ НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Забраната за рекламните цели на фирмата не е противуставна

М.В