Оскудно образложение на Уставниот суд
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА НАТАША ГАБЕР – ДАМЈАНОВСКА: „Уставниот суд поопсежно треба да ги појаснува оспорените одредби“
Уставниот суд на Република Македонија ја отфрли Иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување, поднесена од Стопанска комора на Македонија-Асоцијација на осигурително брокерски друштва-Скопје. Уставната судијка д-р Наташа Габер-Дамјановска смета образложението на Уставниот суд за отфрлање на Иницијативата е, како што вели, мошне оскудно и не дава одговор на сите прашања поставени во иницијативата.
„Сметам дека Уставниот суд, со оглед на тоа дека неговите одлуки играат голема улога во толкувањето на уставните приниципи и со самото тоа и на нивната примена, а со цел обезбедување на хармоничното владеење на правото, при елаборацијата на сопствените одлуки поседува дискреционен простор кој треба да го користи за поопсежно појаснување на оспорените одредби и покрај евидентниот исход на самиот предмет. Во таа смисла, би сакала да го надополнам донесеното решение“, истакнува судијката.
Интегрален текст на Издвоеното мислење:
„Со означеното Решение, Уставниот суд ја отфрла иницијативата за иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 112/2014), при што образложението содржано во истото сметам дека е мошне оскудно и не дава одговор на сите прашања поставени во иницијативата. Сметам дека Уставниот суд, со оглед на тоа дека неговите одлуки играат голема улога во толкувањето на уставните приниципи и со самото тоа и на нивната примена, а со цел обезбедување на хармоничното владеење на правото, при елаборацијата на сопствените одлуки поседува дискреционен простор кој треба да го користи за поопсежно појаснување на оспорените одредби и покрај евидентниот исход на самиот предмет. Во таа смисла, би сакала да го надополнам донесеното решение со следниот став.
Во иницијативата, подносителот наведува дека обезбедувањето на зајакната финансиска дисциплина во регулирањето на трансакциите во сферата на осигурителните работи, како цел на оспорениот член од Законот, во принцип било во ред, но само доколку Законот содржел и еквивалентни одредби за пренос на наплатената провизија од страна на осигурителното друштво за осигурителното брокерско друштво. Во оваа насока се оди со претпоставка дека нема никаква финансиска дисциплина од страна на друштвата за осигурување, а со тоа осигурителните брокерски друштва немале никаква правна сигурност за наплата на провизијата од друштвата за осигурување, поради што била доведена во прашање еднаквата правна положба на субјектите на пазарот.
По однос на овие наводи, сметам дека осигурителното брокерско друштво е лиценциран правен субјект кој посредува во склучувањето на договори за осигурување помеѓу договарачите на осигурувањето (осигурениците) и друштвата за осигурување. За извршената услуга (посредување), осигурителното брокерско друштво наплатува провизија од друштвото за осигурување, која се утврдува во процент од премијата за осигурување која договарачот е должен да ја плати на друштвото за осигурување по однос на склучениот договор за осигурување. Но, осигурителните брокерски друштва не вршат работи на осигурување, туку работи на посредување, односно тие се само посредници при склучување на договорот за осигурување. Работите на осигурување ги вршат друштвата за осигурување кои го носат и ризикот од осигурувањето.
Премијата што осигурителното брокерско друштво ја наплаќа од страна на клиентите по однос на склучените договори за осигурување, не е приход на осигурителното брокерско друштво, туку е приход на друштвото за осигурување како овластен субјект да врши работи на осигурување согласно Законот. Осигурителните брокерски друштва, како посредници помеѓу осигурителните друштва и осигуреникот, имаат обврска премијата која ја наплатиле од осигуреникот, да ја пренесат на сметка на друштвото за осигурување во законски утврдениот рок од член 150-а од Законот, односно согласно овој член од Законот, осигурителното брокерско друштво е должно да изврши пренос на наплатената премија од посебната банкарска сметка, на сметка на друштвото за осигурување, најдоцна во рок од 15 дена од денот на наплата на премијата.
Со членот од Законот кој се оспорува, законодавецот уредил дополнителен рок за осигурителните брокерски друштва (една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно од 2 август 2014 до 2 август 2015), во кој рок, тие треба да ја пренесат на друштвото за осигурување премијата која ја наплатиле од осигурениците-клиенти, а претходно не ја пренеле до денот на влегувањето во сила на овој закон, под закана за одземање на дозволата за работа. Во суштина, оспорениот законски член се однесува за неисполнети законски обврски на осигурителните брокерски друштва спрема друштвата за осигурување, кои претходно биле должни да ги исполнат во рокот утврден во Законот, а кои обврски не ги исполниле и до денот на влегување во сила на измените и дополнувањата на Законот, па со оспорениот член 51 од измените и дополнувањата на Законот, дополнително им се утврдува рок за исполнување на својата обврска. Оспорената законска одредба се однесува за сите оние осигурителни брокерски друштва кои во континуитет не постапувале согласно со одредбите од членот 150-а став 2 од Законот, односно не ја пренесувале наплатената премија од клиентитие на друштвото за осигурување, ниту пак тоа го сториле согласно димнамиката утврдена од Агенцијата за супервизија на осигурување, до денот на влегување во сила на предметниот закон. Значи, станува збор за веќе доспеана, но неисполнета обврска на осигурителните брокерски друштва.
Целта на законодавецот во уредувањето на овој оспорен член од измените и дополнувањата на предметниот закон, е заштита на интересите на граѓаните од последиците со кои можат да се соочат поради неневремениот пренос на осигурителната премија која тие ја платиле, а со тоа и навременото остварување на нивното право кое произлегува од поседување на полисата за осигурување при настанување на осигурен случај, бидејќи во крајна линија од премијата се исполнуваат обврските од договорите за осигурување. Друштвата за осигурување е потребно во континуитет да бидат во состојба да акумулираат фондови на средства кои ќе им овозможат редовно сервисирање на доспеаните обврски спрема граѓаните, по склучените договори.
За разлика од обврската за пренос на средствата на име наплатена премија и рокот за нивното исполнување, за кои не е допуштена слобода во договарањето помеѓу осигурителните брокерски друштва и друштвата за осигурување, надоместокот на име провизија согласно Законот е предмет на облигационен договор помеѓу друштвата за осигурување и осигурителните брокерски друштва, што значи побарувањата на име провизија и роковите за нивна исплата, се регулира и произлегува од договорот кои тие меѓусебно ги склучуваат. Ова од причини што средствата од премии, наплатени од осигурениците во корист и за сметка на друштвото за осигурување по пат на посредување на осигурителното брокерско друштво, не се средства на посредникот-осигурителното брокерско друштво, од каде истото и не може да ужива диспозиција во располагањето со така наплатените средства. Провизијата за извршената услуга е само резултат на деловниот однос што се воспоставува помеѓу друштвата за осигурување и осигурителните брокерски друштва, во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи и принципите на облигационото право, па оттука, непостоењето на еквивалентна законска одредба каква што е оспорената, не значи дека осигурителните брокерски друштва немале никаква правна сигурност за наплата на провизијата од друштвата за осигурување.
Произлегува дека во конкретниот случај станува збор за субјекти од сферата на осигурувањето кои имаат различна позиција по однос работите кои тие ги вршат и одговорноста во поглед на остварувањето на целите на овој закон, а тоа е заштита на интересите на граѓаните-осигуреници, за кои директно се одговорни друштвата за осигурување, бидејќи тие располагаат со средствата од наплатената премија, а не осигурителните брокерски друштва кои се само посредници помеѓу осигурениците и друштвата за осигурување при склучувањето на договорите за осигурување.
Од аспект на наводите дека оспорениот член предизвикувал повреда на членот 55 став 2 од Уставот во поглед на еднаквата правна положба на пазарот на конкретните субјекти од сферата на осигурувањето, сметам дека принципот на еднакво постапување, кој произлегува од наведениот член од Уставот, подразбира еднакво постапување со еднаквите, односно со правни или физички лица кои се во иста правна ситуација да се постапува на ист начин, а со субјекти кои се во различна правна ситуација на различен (поинаков) начин. Во аналогна правна ситуација во конкретниот случај, се субјекти од сферата на осигурувањето кои вршат работи на посредување, конкретно сите осигурително брокерски друштва кои не извршиле пренос на наплатена премија во законските рокови, а и потоа до денот на влегувањето во сила на предметниот закон“.
М.В