/ Прочитано:

1.349

Измени на Законот за градење во делот на градбите за кои не е потребно одобрение за градење

Во Собранието на Република Македонија по скратена постапка се предложени нови измени на Законот за градење.

akad 4

Во предложените измени, во членот 73 како градби за кои не е потребно одобрение за градење се додаваат и електронските информативни и рекламни паноа (со површина над 30 м2 и со конструктивни елементи) кои се поставуваат на јавни површини; плажите со придружни објекти, кои се градат на копнена и на водена површина, во рамки на простор предвиден за плажа; пешачките патеки и подземните бунари со линиски системи кои се во функција на бунарите.

Со предлог-измената се предвидува да се издава решение за урбаната опрема – информативни и рекламни паноа со површина над 30 м2, кои се електронски, со конструктивни елементи и кои се поставуваат на јавни површини, во согласност со членот 74 од Законот. Според членот 74 од Законот за градење, за изведување на градбите односно за поставување на опремата од членот 73 на овој закон, инвеститорот, со потребна документација, поднесува барање за изведување, односно барање за поставување до општината, до општината во Градот Скопје, односно до Градот Скопје, на чие подрачје треба да се изведе градбата, односно да се постави опремата и решението го издава градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје, односно Градот Скопје.

Исто така, со предлог-законот како посебен случај на изградба се предвидува и изградба на одлагалиште на земјиште, кое ќе се користи при изградба на државен и општински пат, при што се пропишуваат начинот и постапката за формирање на одлагалиште на земјиште.

„Предложените измени ќе придонесат за спроведување на постапки за изградба на електронски информативни и рекламни паноа на јавни површини, плажи со придружни објекти кои се градат на копнена и на водена површина во рамки на простор предвиден за плажа, пешачки патеки и подземни бунари со линиски системи кои се во функција на бунарите, како и за формирање на одлагалишта на земјиште, кои ќе се користат при изградба на државен и општински пат“, се вели во законското образложение.

M.B