/ Прочитано:

1.910

Извршниот директор на ЗЕЛС, Душица Перишиќ: Електронскиот начин е вистинскиот за проблемите со чекање на шалтери да станат минато

Софтверите за градежно земјиште, енергетска ефикасност, пријавување проблеми во општините, правни прописи поврзани со локалната самоуправа, културни настани и културни историски обележја се само дел од електронските алатки на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РМ (ЗЕЛС). Целта на овие алатки е развој на ефикасно и ефективно работење на општините, вели извршниот директор на ЗЕЛС Душица Перишиќ. Она што е новина е електронското издавање на дозволите за градба кое ќе биде задолжително за сите општини од 1 јуна, а има за цел значајно скратување на времeто за чекање од 45 дена на 15. Според Перишиќ, Македонија е единствена земја во регионот која има шанса, процесот на легализација на дивоградбите да го заврши за 5 години.

Со цел обезбедување на развој на ефикасно и ефективно работење на општините, ЗЕЛС последниве години активно е вклучен во развојот на информатичка технологија во локалните самоуправи, колкав е интересот на оштините за електронските алатки?

Последните 3 или 4 години, ЗЕЛС почна да гради стратегија за електронски услуги кон општините и од општините кон граѓаните. Увидовме дека има многу проблеми со чекање по шалтери, со недобивање на навремени информации и мислевме дека електронскиот е вистинскиот начин за секој граѓанин да може да пристапи најлесно до информациите, но и да ги обави сите потреби што ги има во општината. Од таа причина, ние пред 3 години направивме стратегија за ИКТ и истата се обидовме да ја реплицираме во неколку општини и успеавме отприлика 14 или 15 општини да добијат вакви стратегии изработени од нас. Со ова им овозмoживме да се развијат, но исто така изработивмe и прирачник кој овозможува тие самите да си изработат ИКТ стратегија. Од кога ја изработивме стратегијата, почнавме со билдање на софтвери. Така на пример, почнавме со софтвер – „пријави проблем“. Потоа тргнавме со софтверот за „енергетска ефикасност“ што им овозможува на општините перманентно да ги следат трошоците со цел да можат да направат предвидување за тоа што ќе им биде трошок во наредниот месец или година. На крајот се изготвува и извештај кој согласно закон мора да го достават до Агенцијата за енергетика. И овој софтвер е сопственост на ЗЕЛС и е слободен за сите општини, меѓутоа во моментов го користат околу 17 општини, што не значи дека така ќе остане бидејќи минатата година Агенцијата за енергетика најави воведување на големи казни заради тоа што не им испраќаат годишни извештаи. По ова, тргнавме во еден голем проект заедно со Министерството за транспорт и врски, кој се однесуваше на градежното земјиште. Градежното земјиште по осамостојување на Македонија целосно беше пренесено во рацете на централната власт. Седум години ние се боревме, на секој состанок, во секое писмо баравме да ни се врати правото локалната власт да управува со градежното неизградено земјиште и конечно успеавме во 2009 година. Седнавме заедно со Министерството за транспорт и врски да го пишуваме Законот за градежното земјише и 2011 година истиот беше усвоен, дури и цела глава во тој закон е напишана од нас, од колега од ЗЕЛС. Тоа значи дека секоја општина која сака да управува со градежното земјиште, тоа мора да го прави преку софтвер кој е сместен и е во сопственост на ЗЕЛС. Значи продавање, издавање, регистар на било каква акција поврзана со градежно земјиште се наоѓа во нашиот софтвер. Во моментов 40-тина општини се стекнаа со право да управуваат со градежното земјиште и масовно го користат овој софтвер. Откога е пуштен софтверот во работа, јуни или јули 2011 година, досега се направени околу 2000 трансакции, меѓутоа не само општините, не само локалната власт, туку и централната власт, државата која се уште има земјиште со кое управува, продава и издава преку софтверот.

Неодамна го промовиравте новиот софтвер што има за цел дозволата за градба да се добие за 15 дена. Некако звучи преоптимистички со оглед на поплаките дека и постојниот рок од 45 дена ретко кога е испочитуван…

Тргнувајќи концептот за градежното земјиште, за што ЗЕЛС покажа дека има капацитет и авторитет да се грижи, тргнавме во остварување на нов предизвик  – електронското издавање на дозволите за градба. Министерот дојде со ваков предлог на еден Управен одбор, ние се сложивме и почнавме да го градиме софтверот. Значи веќе нема да има хартија во употреба, максимално се скратува на терминот за издавање и времето за целата постапка, помалку трошоци како за општината така и за физичките или правните лица кои поднесуваат барања, а и во секој момент ќе знаете каде ви се наоѓа предметот. Софтверот треба да биде готов некаде пред крај на овој месец, а законската обврска вели дека од 1 јуни сите општини ќе го користат.

Спремна ли е администрацијата да одговори на предизвикот?

Цел мај ќе го посветиме на градење на капацитети бидејќи во исто време во ЗЕЛС постои и ЗЕЛС тренинг центар што годишно обучува околу 1.500 луѓе. Исто беше и со градежното земјиште, 400 луѓе поминаа низ ЗЕЛС за обука за користење на софтверот за градежно земјиште и еве успешно го користат .

Очекувате ли поголема градежна експанзија како резултат на овој проект?

Тоа сигурно ќе донесе поповолна оценка за Македонија како бизнис дестинација со поволни услови, дали тоа ќе донесе експанзија лично не знам, не сум правела анализи, но знам дека ќе нѐ качи некое скалило погоре како поволно подрачје за градење. Софтверот кој ќе се наоѓа во ЗЕЛС, ќе биде достапен за сите општини во РМ, но и за централната власт која ќе може да го користи за издавање одбренија за градба од прва категорија што е во нивна надлежност.

Како ја оценувате владината одлука, државното градежно земјиште наменето за изградба на куќи за индивидуално домување и за катни гаражи да се продава на јавно наддавање со почетна цена од едно евро за квадратен метар? Имаше коментари дека истата ќе донесе голема загуба во приходите на општините.

Па јас не би се сложила со тоа. Моето несогласување се базира на практичните примери што се случуваат на нашиот софтвер за градежно земјиште. Како пример ќе ви наведам дека градежно земјиште во Општина Аеродром кое е со почетна цена од 1 евро, на лицитацијата доби меѓу 300 и 500 евра за квадрат, значи било атрактивно, имало заинтересирани луѓе, се накачуваше и таа парцела беше продадена за околу милион и петстотини евра, 80 отсто од тоа иде во општината. Сега вие ако сакате да продадете земјиште кое е на неатрактивна локација, вие и за пола евро да го продавате, нема да ви се продаде. Нели робата се продава согласно вредноста!?

Колку вака поставените електронски системи гарантираат непристрасност и сведување на коруптивните елементи на нула?

Дефинитивно се сведуваат на нула. Еве го системот за градежно земјиште, значи се отвора аукција кој почнува во 10 часот: се приклучуваме јас, вие, други и сите наддаваме. Јас од дома наддавам, вие од друго место, кој може да не контролира или да направи некакво нелегално дејствие кога вие не знаете колку јас ќе дадам, а јас не знам вие колку ќе дадете. Секој вклучување што е направено, секоја промена, секое наддавање, секоја администратор што влегол, сѐ се запишува нашиот сервер. Некој да дојде утре да вештачи, сите информации ги има. Значи толку гарантира непристрасност и антикоруптивни елементи, што мислам дека многу ќе и помогне на државата во смалување на степенот на корупција.

Актуелна е и легализацијата на дивоградбите, како е вашиот став наспроти коментарите дека законот е дискриминирачки во однос на сите граѓани кои своите градби ги изградија или ги градат по законски пат?

Ставот на ЗЕЛС во тој период беше многу различен, знаете ние дури и многу пати  преку дискусија и разговори со Министерството за транспорт и врски успеавме да го смениме првичниот закон, односно драфт верзијата, бидејќи имаше различни опции. Првата опција за која се сеќавам, беше формирање на посебна агенција што ќе го води процесот на легализацијата, на што ние имавме многу забелешки. Потоа дојде сличен модел на постојниот закон, едно евро ќе било за овие, не знам колку ќе било за оние, што беше неизводливо во пракса. И за третата опција, едно евро по квадрат за сите, освен за групни станбени објекти, градоначалниците имаа многу забелешки од причина што знаете дека на секоја општина задача и е да обезбеди инфраструктура за секој изграден објект. Со едно евро општините не можеа ништо да обезбедат, меѓутоа пак најдовме нагодба според која за тие што плаќаат едно евро, општината нема обврска да изгради ништо. Така што, тој што изградил нешто на диво, нема образ ниту право, утре да отиде во општината и да бара да му изгради пат или да му донесе вода. Од друга страна ќе ви кажам дека знаејќи ги проблемите на колегите од регионот што ги имаат, мислам дека моделот што го избра Македонија е најостварлив. Единствено во регионот имаме шанси за 5 години да го завршиме процесот на легализација. Бидејќи гледам во Албанија и Србија 30 пати дадоа рокови и никако не можат да се усогласат, не можат да излезат на крај, секогаш им паѓа законот.

Во тек ли сте која општина најмногу напредува во овој процес?

Немам во моментов прецизни информации, но има голем број општини кои ги отвориле пристигнатите документи и ја утврдиле фактичката состојба.

Од неодамна е во оптек е идејата за формирање банка на општините, до каде е реализацијата?

Тоа е една од оние убави идеи, формирање ЗЕЛС банка на општините која ќе има за цел единствено и само на општините да има дава поволни кредити. За таа работа, минатата година на тендер победи Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој ја изработи студијата. Студијата сега треба да ја разгледа Управниот одбор, само чекаме да завршат изборите, по што ќе се формира нов Управен одбор кој ќе даде конечна одлука. Доколку тие се сложат, имаме нареден чекор кој ќе значи испраќање на барање до Народна банка, до гувернерот којшто треба да го одобри евентуалното формирање на ваквата банка. Знаете формирањето на ваква банка би била од огромна помош за општините, бидејќи тие кубурат со можности да земат кредит. Има сѐ уште задолжени општини и многу често се случува комерцијалните банки да не сакаат да им дадат кредит. Вака би се нашол начин за дефинитивен развој на општините во РМ, со можност за кредити.

Дел од општините имаа финансиски проблем околу организирањето на локалните избори, како беше решено ова прашање?

Ние од многу општини добивме писма во кои не известија каква им е состојбата. Сите писма ги испративме до Генералниот секретаријат на Влада на РМ,  до Министерство за финансии и до ДИК. Веднаш по испраќањето на писмата, имаше и состанок свикан од ДИК каде целта беше уште еднаш да биде разгледан проблемот. Јас лично бев на тој состанок и детално им објаснив каква е сстојбата и дека ова што се случува со општините кои немаат средства, а дел од нив и се блокирани, може да значи и стопирање на изборниот процес во таа општина. Се работи за луѓе кои се членови на изборни комисии, општински и сл., не знам како иде тој процес, но веројатно треба да имаат превоз, храна и сл. Меѓутоа знам дека на општините им тебаа пари и они рекоа дека уште еднаш ќе ги известат. После тоа имаше страшни преписки, значи општините до нас, ние веднаш до сите, ДИК пак уште еднаш до сите. Јас не сум слушнала дека  е наjдено решение. Меѓутоа како што гледам ги спроведовме изборите, можно е Министерството за финансии да нашло некое решение. Mожеби е тоа пропуст на ЗЕЛС, ние не сме биле консултирани кога во Изборниот законик е ставено дека сите трошоци ќе паднат на општините. Првпат се соочивме со тоа 2009 година и беше страшно голем шок за нас. Претпоставувам дека после ова што ни се случи во 2013 година и ние малку повеќе ќе навлеземе во решавање на овој проблем.

Што очекувате од „новите шефови“?

Од новите шефови очекувам да си ги развиваат општините и да си го развиваат ЗЕЛС како досега што го правеле тоа. Приоритетите на ЗЕЛС веќе се искажани во Акцискиот план за 2013 година и освен идејата за банката која треба да се реализира и софтверот за издавање на дозволи за електронско издавање на градба, имаме уште еден софтвер кој го планираме во соработка со Катастар. Функцијата на овој софтвер е да се врзат дигиталните, детални урбанистички планови на општините и катастарските подлоги. Софтверот треба да им помогне на општините да издаваат извод од детален урбанистички план, но исто така да му помогне на секој инвеститор, но и обичен човек да влезе на еден јавен сајт и да види: што е планирано на таа парцела ако сака таму да гради, каде во општината може да гради, каде има парцели предвидени за одредена индустрија. Истовремено преку софтверот може да види и сопственост на земјиштето, дали припаѓа на некој човек, дали е нерешен статус. Значи исто голем проект кој ќе го почнеме се надевам во 2013 година, но нема да го завршиме оваа година, сигурно ќе се префрли за следната година. Како трет голем приоритет е формирање на ЕСКО едiница во рамките на ЗЕЛС. ЕСКО единицата е во насока на енергетската ефикасност, значи оваа единица треба да види кои се законските пречки или можности за формирање на ЕСКО компанија, кои се можностите за општините подобро да дојдат до средства за ЕСКО компанија, директно да им помогне на општините при изработка на планови, тендерски документации, студии за енергетска ефикасност, а финална е идејата да се испита можноста ЗЕЛС  да формира ќерка фирма ЕСКО. Ќе продолжиме и со лобирање, бидејќи има многу закони кои треба да се променат, а кои се од нужна потреба за општините. Да продолжиме со тренингот, бидејќи тоа вистински дава капацитет во градење на општините.

03.04.2013