/ Прочитано:

1.187

Од состанокот со Вајгл, Ховит и Кукан

Јанева на европратениците им укажала на недоволна соработка на Кривичниот суд со Специјалното обвинителство

На состанокот со европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан специјалната обвинителка Катица Јанева укажала на потребата од измена на Законот за заштита на сведоци во делот на определување на надлежност и на ова Јавно обвинителство, како и на недоволна соработка на Основниот суд Скопје 1 со Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

katica-janeva-zakletva-specijalen-obvinitel-m-1.jpgВо однос на Законот за заштита на сведоци, од СЈО информираат дека во периодот што следи, ќе пристапат  кон изготвување на предлог измени и благовремено ќе ја информираат јавноста за прашањата од интерес.

За забелешките за недоволна соработка од страна на Судот, оттаму посочуваат дека судот сака да наметне нова пракса во случаите кога се барани предмети на увид од Специјалното обвинителство.

„Воедно, на состанокот со европратениците укажано е и на недоволната соработка на Судот со ова Јавно обвинителство. Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата пракса која Судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова Јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од Судот на увид побарани се и архивирани предмети (како на пример предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова Јавно обвинителство). Притоа согласно досегашната пракса на Судот, на барање на јавните обвинителства вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак на барањето на ова Јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во Судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина Судот ќе пристапи кон соработка со ова Јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање на кривични дела и обезбедување на докази“, се вели во соопштението.

Во однос на материјалите кои што лидерот на опозицијата Зоран Заев ги достави до Специјалното обвинителство, Јанева вели дека постапуваат согласно законите.

„Во изминатиот период предмет од интерес за јавноста беше и начинот на примање на материјалите од политичката партија СДСМ и начинот на постапување на ова Јавно обвинителство. Во оваа насока ја уверуваме јавноста дека целокупното постапување на ова Јавно обвинителство е согласно законските прописи и околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таква подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста.  Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување“, се истакнува во соопштението.