/ Прочитано:

657

ЈАСНА ПРЕПОРАКА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ФИСКАЛНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ: „Фајнанс тинк“ за Извештајот на ЕК за напредокот на РМ

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ оценува дека Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2016 година дава реалистична слика за состојбата со македонската економија. Тој ги презентира силните страни на економијата, како и краткорочните и долгорочните слабости. Извештајот дава позитивна оценка за макроекономската стабилност, за стабилноста на финансискиот систем, за поставеноста на монетарната политика и сл.

akad 2

„Сметаме дека Извештајот ја заострува реториката во делот на краткорочните слабости, кои, очекувано, се однесуваат на јавните финансии. Извештајот го потврдува алармирањето на домашната експертска заедница дека е неопходна итна и неодложна фискална консолидација, со оглед дека јавниот долг се искачи на ниво од 50.6 % од БДП, а првичнопроектираниот буџетски дефицит беше често пробиван. Извештајот не укажува дека е потребна елиминација на буџетските дефицити, туку само нивно намалување и искористување на какви било вишок фискални средства за создавање фискален простор којшто ќе ја штити економијата од ненадејни шокови. Во таа насока, Извештајот не поддржува понатамошно зголемување на пензиите и други тековни трошења“, истакнуваат од „Фајнанс тинк“.

„Фајнанс тинк“ во неколку наврати апелираше за неопходноста од фискална консолидација, но и за преложената фискална консолидација во Фискалната стратегија 2017–2019. Во таа насока, велат од организацијата, потребна е промена на фискалното планирање, особено во смисла на намената на трошењата и особено на намената на позајмените средства.

„Фајнанс тинк“ оценува дека Извештајот недоволно критично укажува дека е потребно да се даде приоритет на капиталните инвестиции со цел да се постигне најголем поврат за вложениот јавен денар. Извештајот дава јасна препорака за значајно подобрување на фискалната транспарентност, особено во делот на имплементирање и придржување до среднорочните фискални планови (Фискалната стратегија), како и нивно детализирање.

„Посебен акцент е ставен на нетранспарентноста околу достасаните, а неисплатени обврски на државата, кои можат да бидат извор на значаен ризик со оглед на тоа што нивниот износ не е познат. Апелираме овој износ да биде ставен на увид на јавноста, најмалку на квартално ниво со цел да се следи напредокот во чистењето на овие заостанати обврски“, велат од „Фајнанс тинк“.

Во останатиот дел, додаваат од организацијата, Извештајот се фокусира на среднорочните и долгорочните слабости на економијата, како што се: извршувањето на законите, институционалните слабости, јазовите на пазарот на труд и потребите од образовни реформи, како и потребата од промена на структурата на економијата.

M.В