/ Прочитано:

1.572

ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО: „Успешни претприемачки приказни: Како да се поттикне креативноста?“

Австрискиот економски центар од Виена, Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и Клубот „Алпбах Македонија“ денеска одржаа јавната дебата на тема: „Претприемништвото и економскиот просперитет?“ На јавната дебата се говореше за аспектите на слободниот пазар, за вредностите на либерализмот, за правната сигурност, за реализацијата на бизнис-идеите и инвестициите, за развојот на слободното пазарно општество, за местото и улогата на младите во актуелните претприемачки процеси, како и за значењето на едукацијата, мотивацијата и апликативноста на современата филозофија на трудот. Освен во Македонија, јавната дебата како дел од „Роуд-шоуто на слободниот пазар“ е дел од настаните што се организираат низ Европа, а идејата и вредностите за слободниот пазар ќе бидат промовирани и низ 40 градови во светот.

Јавната дебата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се случува во рамките на „Роуд-шоуто на слободниот пазар 2015“ (2015 Free Market Road Show) како собир на истакнати лидери од бизнисот, истакнати научници и студенти, креатори на јавното мислење, експерти за политики, дипломати и други интересни групи кои дискутираат на актуелни општествени прашања.

Темите на панелите во рамките на настанот беа „Претприемништвото и економскиот растеж: Како претприемачите можат да го зголемат националното богатство? и ,,Успешни претприемачки приказни: Како да се поттикне креативноста?“.

На почетокот на настанот професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Александар Стојков, изразувајќи им благодарност на еминентните предавачи, го истакна значењето на дебатата која е место за размена на искуствата и идеи во делот на претприемништвото и која има извонреден придонес во поттикнувањето на креативноста кај младите и придонес во нивната правно-економска едукација.

Гутер Фелингер, претседател на „Европејци за даночни реформи“ (Europeans for Tax Reform), посочи дека ваквите настани се важни и на национално ниво, особено поради тоа што преку нив се гледа деловно-корпоративниот момент на соработката на Македонија со европските инвеститори, за кои констатираше дека е потребно да бидат повеќе присутни во земјава.

Ричард Цундрич, член на Одборот на Институтот Хајек (Hayek Institut) и на Австрискиот економски центар (Austrian Economics Center) говореше за улогата на Роуд-шоуто на слободниот пазар и идејните либертаријански определби на кои се заснова, промовирајќи ги вредностите на слободниот пазар. Во таа насока тој истакна дека слободниот пазар треба да претставува инспирација, споредувајќи го, како што илустрираше, времето на Железната завеса, кога правната едукација се сфаќала како можност за „државна работа“, а не како апликативност на образованието низ свои претприемачки идеи и посветеност во нивната реализација. Тој ги советуваше младите студенти да стекнуваат искуства и знаења, да создаваат вредности, но и доколку ја напуштат земјата и доколку работат во странство, да бидат тие кои ќе се јават понатаму како инвеститори.

Даниел Кадик од Фондацијата „Фридрих Нојман“ говореше дека во Македонија мора да постои стабилност за функционирањето на слободниот пазар како либертаријански концепт. Тој посочи дека во државата постојат многу нелогичности во однос на буџетските приоритети, притоа акцентирајќи дека бројката на невработени млади луѓе е повеќе од половината од вкупната невработеност, што е загрижувачки. Во тој контекст, тој потенцираше дека е многу важен аспектот на психолошкото чувство на луѓето за сигурност, односно, како што рече, потребно е тие да веруваат во подобра иднина. Но, за таа цел, како што подвлече, потребна е борба против корупцијата и владеење на правото заради здрав развој на економијата, на слободниот пазар и на општеството во целина.Според него, претприемачите треба да се помагаат, но додаде дека не е се во финансиската помош, туку и во елиминирањето на административните бариери и правни пречки и обезбедувањето на правната сигурност.

Кате Зеан, соработник на постдокторски студии на Институтот за слободен пазар при Техничкиот факултет во  Тексас (Free Market Institute, Texas Tech University), во рамките на своето излагање презентираше научноистражувачки сублимат на претприемништвото и нејзините искуства од спроведените анализи, притоа осврнувајќи се на македонските состојби. Таа истакна дека постојат позитивни економски политики, како на пример политиката на ниски даноци за инвеститорите, кои влијаат за нивното привлекување, но нагласи дека за економските слободи и за креирање слободниот пазар неминовни се стабилната монетарна политика, владеењето на правото, независен судски систем и заштитата на сопственичките права.

Хозе Кордеиро, директор на Проектот Милениум (The Millennium Project, Venezuela Nodе), имаше мошне интересно излагање за важноста на технологијата и на претприемништвото. Според него, како економист и инженер, економијата е во тесна врска со технологијата бидејќи, како што рече, моќта е во технологијата. Кордеиро рече дека во следните неколку години ќе постои бесплатен интернет на глобално ниво и евтини персонални компјутери и телефони, кои ќе им бидат достапни на луѓето, а тоа се можности што засекогаш ќе го променат светот и животот. Но, за сето ова, додаде тој, неопходен е слободниот пазар, вредностите на либерализмот, и стабилноста, која не е сè, но без неа нема ништо.

Нина Ангеловска, основач на Групер.мк, говореше за нејзините искуства при формирањето на Групер.мк, за базичната идеја, која ја добила од светските практики, но и за мотивацијата што ја имала дека може да успее во своите цели како млада личност со бизнис-агенда. Ангеловска рече дека нејзината работа и реализацијата на претприемачката идеја била синергија на теоријата и праксата и на мотивот да дознае повеќе. Иако на почетокот кон нејзината замисла гледале со скепса, таа и првенствено низ волонтерска работа учела за сите аспекти, од законодавниот аспект до тоа како да го создаде тимот.

Говор кој инспирираше голем интерес и прашања од присутните беше говорот на познатиот македонски адвокат Георги Димитров, управувачки партнер во адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“ и креативен директор на Академика.

Димитров говореше за своите почетоци како адвокат, низ какви професионални ситуации поминувал градејќи ја својата кариера, најпрво како приправник во адвокатска канцеларија, па сѐ до етаблирањето на неговата адвокатска фирма и на претприемачките идеи кои ги реализирал денес препознаени во угледните брендови на Академик и Академика. Димитров рече дека за адвокатурата најважна е репутацијата, а вторите компоненти, како статистичките показатели и финансиската бенефиција, доаѓаат со одржувањето на константноста, трудот и на посветеноста кон квалитетот. Познатиот адвокат истакна дека денес Академик, Академика и Академик.мк, нудат значајни услуги во однос на правната едукација и практика преку литературата, обуките, медиумските анализи, но и преку Конференцијата за управување со правни ризици, како настан на кој учествуваат најпознатите имиња на светската правна мисла. Димитров подвлече дека не може да постои успех без труд, и мора да се учи напорно низ студиите ако се сака да се биде вистински правник. Тој резимираше дека во денешно време младите имаат повеќе пристап до знаењето, но дека потребни се идеали кои можат успешно да ги реализираат во сферата на претприемништвото.

Жарко Димитриоски, автор и извршен продуцент на „Еден на еден“ – маркетинг агенција и продукциска куќа, истакна дека покрај едукацијата младите треба да имаат и други вештини како личности и професионалци, а додаде и дека за негувањето на слободниот пазар и претприемништвото мора да се промени и корпоративната филозофија на компаниите кои треба да ги следат креативните процеси во општеството, да се приспособуваат на нив и да ја даваат својата поддршка.

Герхард Шлатл, трговски аташе на Австриската амбасада во Скопје и одговорно лице за „Адвентиџ Австрија“ (Advantage Austria) во Македонија, резимираше дека настанот е позитивен придонес за размената на искуствата и идеите на претприемачите и младите, кои треба да ги градат своите вештини токму низ континуирано следење на трендовите во правно-деловниот амбиент.

Заклучоците од јавната дебата се дека младите треба да ги осознаваат, да се едуцираат и да ги применуваат предностите на слободниот пазар и дека со сопствени идеи може да се креираат сопствени деловни можности преку кои ќе може да се генерираат и нови работни места, а со тоа и да ѝ се помогне и на домашната економија. Меѓутоа, за остварувањето на таа цел, како што беше заклучено, владеењето на правото, стабилноста на пазарот и личниот ангажман на младите се неминовност во создавањето на перспективна економска реалност на земјата, во која младите креативци ќе го најдат своето место како бизнис-иноватори и ќе бидат дел од успешните претприемачки приказни.

М.В/veljanoskim@akademik.mk

12.04.2015