/ Прочитано:

1.566

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита, според кој ќе се спроведува социјалната реформа во Македонија, се одржа денеска на Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На настанот зборуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. д-р Маја Геровска-Митев, експерти, претставници од невладините организации и од локалните самоуправи.

За да се постават темелите и да се унапреди социјалниот систем и паричните права, јавните консултации се од исклучително значење при носењето на  законите од областа на социјалната заштита. Со Законот за социјалната заштита се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, корисниците на социјалната заштита, правата на парична помош и социјалните услуги, постапките за остварување на правата и користење на услугите, вршење на дејноста на социјалната заштита, кадрите, финансирањето и надзорот над вршењето на социјалната заштита и други прашања од значење за вршењето на дејноста на социјалната заштита.

„Министерството за труд и социјална политика подготви темелна реформа на социјалниот систем и детската заштита, со која се прави целосна преобразба на општеството. Со оваа реформа за 300% ја зголемуваме социјалната помош, но и нудиме ефикасни и долгорочни решенија за извлекување од сиромаштијата преку активација на работоспособните на пазарот на труд. Воведуваме детски и образовен додаток – надоместок кој, освен примателите на гарантираниот минимален приход, ќе можат да го користат и домаќинствата со минимална плата“, рече министерката Царовска.

Царовска потенцираше дека со новиот Закон за социјална сигурност на старите лица, којшто е исто така дел од социјалната реформа, за прв пат во Македонија се воведува и социјална пензија. На овој начин им се обезбедува достоинствен живот на ранлива група граѓани во трета доба, кои поради низа околности не успеале да го стекнат условот од 15 години работен стаж за да остварат право на пензија. Право на надоместокот ќе имаат лица на возраст над 65 години кои имаат помалку од 15 години работен стаж, а се државјани на Македонија и немаат имот.

Министерството за труд и социјална политика на почетокот на минатиот месец извести дека подготвува нов Закон за социјалната заштита. Сите досегашни анализи, велат од Министерството, недвосмислено покажуваат дека системот на социјалната заштита во Република Македонија се наоѓа во фаза во која е неопходно да се преземат суштествени реформи, пред сè, со цел да се подобри ефективноста на паричните давања и ефикасноста на социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници.

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

Во подготовка Закон за социјална сигурност за старите лица: Посебно парично давање за старите лица кои не оствариле пензија

Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги

М.В