/ Прочитано:

982

Јавна расправа по Предлог-законот за медијација

Вторник, 29 октомври 2013 – Денеска во Собранието, во рамки на  Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се одржи  јавна расправа по Предлог-законот за медијација. Целта на законското решение е креирање на нов профил на медијатори кои би постапувале во спорните ситуации, како и обезбедувањето на соодветен надзор или контрола над медијатори, но и надминување на сите негативности и недоречености со кои се соочи постојниот систем на медијација.

Предлог – законот за медијацијата содржи 70 законски одредби, чија основна цел е промена во функционирањето на  медијацијата во РМ и содавање на една современа правна рамка во која преку адекватни законски решенија ќе се влијае на медијацијата да прерасне во успешен концепт за решавање на спорни односи помеѓу засегнатите страни.

Воедно  со Предлог Законот за медијација  се пропишува дека заради развој на медијацијата државата врши субвенционирање на дел од заедничките трошоци на медијацијата со цел се даде поддршка на медијацијата од страна на државата и да се поттикнат страните во еден спорен однос да се обидат да го решат спорот по пат на медијација  без притоа да бидат подложени на дополнителни финансиски импликации.

Со Предлог Законот се воведува  надлежност на Министерството за правда  за водење на Регистарот за евиденција на постапките за медијација (што претходно беше во надлежност на Комората на медијатори). 

„На овој начин ќе се овозможи  ажурно следење и евиденција на сите започнати и завршени постапки за медијација без никакви трошоци за медијаторите, и ќе се поттикнат медијаторите да ги впишуваат во Регистарот сите започнати и завршени постапки за медијација (без оглед на исходот од истата), со цел да ја остварат и можноста за користење на субвенција од страна на државата“, се наведува во материјалот на законското решение. 

Воедно со Предлог Законот за медијација заради развој и поддршка на медијацијата се пропишува дека Владата на РМ, Судскиот совет и Врховниот суд на РМ медијацијата  изготвуваат  посебни програми за развој на медијацијата.

Со Предлог Законот се воведува еден целосно нов концепт во однос на спроведувањето на обука на медијатори, полагање на испит за медијатори  и добивањето на лиценца за вршење на медијаторски услуги со цел да се влијае на зголемувањето квалитетот, капацитетите за работа  и професионалноста на медијаторите.  Заради  успешно спроведување на обуките се предвидува и формирање и водење на Регистар на обучувачи и Регистар на акредитирани програми за обука на медијатори од страна на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работата на медијаторите.

Во законското решение се содржани и одредби кои се однесуваат на  Комората на медијаторите, надлежностите, организација и изборот на органите и претседателот на Комората.

„Комората на медијатори и покрај нејзиното седум годишно функционирање не успеа да профункционира во целиот нејзин капацитет, ниту пак да воспостави систем на самоодржливост, заради што има сериозни проблеми проблеми поврзани со нејзиното финансиско работење.  Одреден број на членови на Комората не ја плаќаат уредно членарината, а заради нивен изгубен интерес за делување во сферата на медијацијата,  што се одразува и на немање на основни средства за извршување на секојдневните активности кои би требало да ги има Комората.  Поради немање на доволно финансиски средства Комората нема вработено лице и не функционира во континуитет постојано, туку зависи од присуството на Претседателот на Комората“, се вели во материјалот.

Крупна новина, меѓу другите, е воведувањето на одговорност за штета на медијаторите и нивната обврска да склучат осигурување спрема трети лица на износ не помал од 50.000 евра, што е особено битно ако се има предвид новоста која ќе се предвиди во Законот за парнична постапка, зазадолжителен обид за медијација кај стопанските спорови до 1.000.000 денари. Уредени се трошоците на постапката и можноста за депозит на трошоците.

Kомората на медијатори не функционирала согласно законот и подзаконските акти

Според предлагачот на законот – Владата на РМ, Комората на медијатори не функционирала согласно законот и подзаконските акти, односно не била состојба да ги одржи ниту редовните годишни седници на Собранието за 2011 и 2012 година, а оспорена е и легитимноста на  Собранието за 2013 година. 

„Сето ова укажува на внатрешни организациони проблеми, кои неповолно се одразува на работата и функционирањето на Комората на медијатори, но и на угледот на самите медијатори, што е пак клучно за стекнување на доверба на јавноста, како основен предуслов за користење на нивните услуги.  Имајќи ги предвид досегашните искуства во однос на медијацијата кои  укажуваат дека медијацијата како начин на решавање на споровите нема широка примена во правниот систем на Република Македонија и дека резултатите од нејзината  седум годишна примена во пракса се минорни како и неповолните состојби во Комората на медијатори и кај самите медијатори кои се пасивни и не преземаат никакви активности за афирмација на медијацијата и  надминување на моменталната тешка состојба следуваа активности од страна на Владата на Република Македонија во текот на 2012 и 2013, во правец на  заживување на медијацијата“, се наведува во материјалот на Предлог-законот.

За спроведување на новиот Закон  испланирани се финансиски средства од Буџетот на Република Македонија во износ од 1.800.000 денари.

Медијацијата како еден од алтернативните начини на решавање на споровите во Македонија е промовирана со донесувањето на Законот за медијација во 2006 година, изготвен во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот систем 2004-2008, со примарна цел растеретување на судовите од огромниот број на предмети, како усогласувањето на домашното законодавство со европските текови. Законот за медијација започна со применува од 01 ноември 2006 година.