/ Прочитано:

1.626

Јогата во македонското законодавство и државни институции

Во декември мината година Владата на Република Македонија предложи Закон за алтернативна и комплементарна медицина, кој беше изгласан од страна на Собранието на Република Македонија во февруари оваа година. Законот за комплементарна и алтернативна медицина беше подготвен од страна на Министерството за здравство.

Владата предложи, Собранието изгласа „различна филозофска основа“ во лекувањето

Како што образложија од Владата и Министерството за здравство, законското решение се предлага бидејќи комплементарната и алтернативната медицина опфаќа терапии што се со различна филозофска основа од конвенционалната медицина.

„Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација, кои благотворно делуваат или би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје или неговата здравствена состојба, а кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази. Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа терапии кои се со различна филозофска основа од конвенционалната медицина и коишто спроведуваат поинакви процеси на дијагностика и третман од конвенционалните со цел подобрување и зачувување на физичкото, емотивното и менталното здравје на луѓето, виталноста на телото и духот“, се истакнува во образложението на Законот.

 „Модерната медицина настанала врз основа на претпоставката дека умот и телото се одвоени“

Во законското образложение е посочено дека болестите, според модерната медицина, се механички нарушувања и овие нарушувања и симптомите што ги предизвикуваат тие нарушувања се третираат.

„Во литературата е објаснето дека историски, модерната медицина настанала врз основа на претпоставката дека умот и телото се одвоени. Болестите според модерната медицина се „механички“ нарушувања и овие нарушувања и симптомите што тие нарушувања ги предизвикуваат се третираат. Комплементарната медицина има за цел да ја третира целата личност, а не само симптомите“, се вели во законското образложение.

Јога вежби како лекување

Во Законот за алтернативна и комплементарна медицина како методи и постапки на дијагностика и лекување се дефинирани: традиционална кинеска медицина; хомеопатија; традиционална индиска медицина – ајурведа; фитотерапија; квантна медицина и сродни техники; киропрактика и примената кинезиологија, а како методи и постапки на рехабилитација: апитерапија; ароматерапија; чи гонг вежби; духовна енергетска медицина; енергетска терапија – реики; детекција на штетни зрачења; јога вежби; семеен распоред (фенг шуи); тај чи чуан вежби; макробиотика и традиционална домашна медицина.

Ајурведата во законски рамки

Исто така, во Законот е дефиниран како што се истакнува во решението, традиционалниот начин на лекување во Индија – „ајурведа“.

„Ајурведа е традиционален начин на лекување во Индија, кој дава подеднаква важност и менталното здравје на физичкото, древна хербална медицина која применува ретки и делотворни растенија за изготвување на билни лекарства, кој опфаќа земање на анамнеза, вршење на општ физички преглед, преглед на јазикот, очите, кожата, увото, пулсна дијагностика (Nadji vighjana-Наџи Виџана), како извор на информациите за физичката состојба и состојбата на свеста, испитување на тактилни и слушни функции, информации за животниот простор (Vastu-Васто). Превенцијата и третманот се засноваат на одредена дневна рутина во согласност со prakrti (пракрти), вежби на медитација, техники на дишење (Pranajama-Пранајама), јога asanama (асанама), исхрана, редовни и умерени физички вежби, повремено земање на ајурведа додатоци на исхрана и сезонско чистење на организмот (Panchakarma-Панчакарма) со цел да се воспостави рамнотежа во телото на човекот помеѓу трите базични енергии Vata (Вата) што значи ветер, Pitta (Пита) што значи оган и Kapha (Кафа) што значи земја“, се дефинира во членот 3, точка 14 од Законот.

Вработените во Министерството за финансии вежбаат јога

Министерски практики: Офис-јога за намалување на стресот

Покрај придобивките од алтернативните начини на лекување, кои се образложени во Законот за алтернативна и комплементарна медицина, јогата беше честа практика и во некои македонски министерства и институции. Министерството за здравство организираше бесплатни часови по јога за трудници, додека, пак, во Министерството за финансии се организираше, како што посочуваа од таму „офис-јога“ заради намалување на стресот кај вработените.

„На часовите по јога вработените учат како да се опуштат и да го намалат стресот во работата. Министерот Ставрески се приклучува на проектот кога има време. Денешниот час по офис-јога го прескокна заради работните обврски“, беше наведено на официјалната веб-страница на Министерството за финансии.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

24.6.2015