/ Прочитано:

2.115

ЈП „Комунална хигиена“ привремено нема да ги заловува кучињата бездомници

„ЈП Комунална хигиена – Скопје ја донесе оваа одлука со цел да се избегнат здравствените ризици и компликации кај овие животни, коишто би можеле да се појават доколку во вакви временски услови се вршат хируршки интервенции врз нив“, се наведува во соопштението од ЈП „Комунална хигиена“.

Куче во Вардариште

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје со допис ја извести невладината организација „Анима мунди“ дека во овој период поради ниските температури нема да врши ниту заловување на бездомни кучиња на територијата на Градот Скопје, ниту пак ќе врши хируршки интервенции (стерилизирање) врз веќе заловените кучиња кои се наоѓаат во стационарот „Вардариште“.

Во соопштението испратено до НВО „Анима мунди“, директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи, информира дека претпријатието ги прекинува споменатите активности за да се избегнат какви било компликации кај животните.

„Би сакале да ве информираме дека поради новонастанатите временски услови на екстремно ниски температури, службата за хуман третман на бездомните животни, при ЈП Комунална хигиена – Скопје нема да врши заловување на бездомни кучиња на територијата на Градот Скопје, односно хируршки интервенции (стерилизирање) врз веќе заловените кучиња што се наоѓаат во стационарот Вардариште.

ЈП Комунална хигиена – Скопје ја донесе оваа одлука со цел да се избегнат здравствените ризици и компликации кај овие животни, коишто би можеле да се појават доколку во вакви временски услови се вршат хируршки интервенции врз нив“, се наведува во соопштението од ЈП „Комунална хигиена“.

Од „Анима мунди“ велат дека одговорот на јавното претпријатие следува по нивните барања за привремено запирање на активностите на заловување и хируршките зафати, како и по ултиматумот и најавата за протест против стационарот „Вардариште“, со кој раководат Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“.

„Очекуваме надлежните да се придржуваат во целост до оваа одлука затоа што во Вардариште нема греење, ниту соодветни услови за престој и третман на животните во зима, а граѓаните ги повикуваме доколку видат заловување, да стапат во контакт со нас“, соопштуваат од НВО „Анима мунди“.

А. Б.