/ Прочитано:

1.991

Како полагав Римско право — проф. д-р Кирил Чавдар

„Со наполнети 18 години, во 1951 година се запишав како студент во прва година на Правниот факултет во Загреб. Меѓу предметите што се изучуваа во прва година се наоѓаше и предметот Римско право кој го предаваше познатиот, омилен професор Маријан Хорват, кој имаше издадено и учебник по тој предмет. На Правниот факултет во Загреб владееше фама дека тој што ќе го положи испитот по тој предмет со одличен успех важи за добар студент и ужива реноме кај сите професори во наредните години на студии. На изучувањето на тој предмет, кој е извориште на современото цивилно право, се посветив со голем ентузијазам бидејќи добро знаев латински јазик, па не ми преставуваше тешкотија да ги совладам сите изрази и дефиниции од кои се состоеја правилата на римското право и кои го изразуваа духот и филозофијата на тоа право“, проф. д-р Кирил Чавдар за Академик го раскажува своето искуство со одреден испит од студентските денови.

„Издвојувам три клучни моменти, покрај редовното следење на наставата заедно со околу 300 студенти кои бевме во прва година, кои придонесоа испитот да го положам со одличен успех. Првиот беше фамата за оценката добиена по тој предмет и за нејзиното влијание во натамошното студирање.

При учењето во учебникот наидов на поим што не ми беше јасен, па сакајќи да го разберам неговото значење, внимателно го проучив целиот учебник, но не наидов на објаснување што претставува тој поим. На една од паузите во предавањата, го замолив професорот да ми објасни што значи тој поим, укажувајќи му дека во учебникот нема објаснување за него. Професорот ми објасни, но беше изненаден дека нема објаснување за тој поим во учебникот. По неколку дена тој ми пристапи и ми кажа дека е пропуст што не е објаснет тој поим во учебникот. Тоа беше мојот прв директен контакт со професорот Марјан Хорват, чиј асистент беше д-р Мартин Ведриш, кој подоцна стана еден од најпознатите научници по Граѓанско право во бившата СФРЈ, и кој беше присутен за време на овој контакт.

Вообичаено, на Правниот факултет во Загреб последните два-три наставни денови од учебната година професорите не предаваа, туку на часовите поставуваa прашања на кои се јавуваа студентите да го дадат одговорот. Бидејќи ја имав добро совладано материјата по тој предмет, се јавив за одговор за еден институт од римското право кој беше доста апстрактен и кој не постои во современото право, па беше доста тешко да се совлада и да се научи. Од мојот одговор беа задоволни и професорот и асистентот.

На денот на полагањето на испитот, кој се полагаше усно и траеше најмалку пола час, во јуни 1952 година, асистентот не беше присутен. На мое изненадување, испитот помина не како испит меѓу студент и професор, туку во вид на разговор во кој претресовме повеќе прашања и поими од римското право, не ограничувајќи се на прашањата што ги извлеков во испитното ливче. На крајот, професорот, изразувајќи задоволство од тоа како сум го совладал предметот, во индексот ми запиша оценка ,,изврстан“, што беше највисока оценка на Правниот факултет во Загреб. На излегување од испитната просторија, наидов на асистентот д-р Мартин Ведриш, кој ми постави прашање како поминав на испитот и кога му реков ,,изврстан,“, тој ми одговори дека таа оценка ми била утврдена уште на денот кога сум го давал одговорот на последните часови од предавањата.

На Правниот факултет во Загреб дипломирав во јуни 1955 година со одличен успех и како најдобар студент во генерацијата 1951/1955 година.

Мојата наклонетост кон римското право се задржа не само во текот на студиите, туку и подоцна во текот на мојот работен век како правник, така што често се навраќав на учебникот, читајќи одредени партии, па дури и наоѓав решенија на одредени ситуации кои ми се појавуваа и во примената на современото право. Поради тоа, со задоволство можам да констатирам дека тој испит и тој предмет беа првиот поттик темелно да го проучувам цивилното право и, конечно, во многуте мои книги, статии и предавања на факултети и други форуми, преку коментари на законите на Република Македонија да го заокружам мојот опус за современото цивилно право на Република Македонија“.

За Академик, проф. д-р Кирил Чавдар

26.04.2015 

ЗА СВОИTЕ СТУДЕНТСКИ ДЕНОВИ: