/ Прочитано:

1.458

КАНГО: „Правникот го красат вокабуларот и реториката – така говореше и Иво Пухан, професорот со предавања како песна!“

Вели дека за правниците многу кажува тоа каков вокабулар и реторика имаат. На тоа го научил, како што вели, големиот професор Иво Пухан кој му предавал Римско право и за кого има највисоко мислење како професор. Не се откажал од семејната традиција на правничкото образование, но уметноста и музиката му останале во крвта. Во светот владеат деструктивни личности, но само оној кој има љубов за светот може да владее во иднинатата и за иднината, вели Симеон Иванов -Канго, правник и музичар.

Помеѓу уметноста како генетика и правото како традиција

Кога бев млад, бев во голема дилема што ќе студирам. Ја сакав музиката и уметноста, а мојата опсесија надоѓаше. Ќе студирам рокенрол, велев. Пријателите ме прашуваа каде тоа се студира рокенрол и се интересираа дали сакам да се запишам на некој престижен американски универзитет како Беркли. Тие го сфаќаа тоа во формална смисла, иако рокенролот значи живот и се студира со душата и љубовта.

Но, како што реков, бев во дилема. Мојот татко, кој исто така е правник, ми сугерираше да се запишам на Правниот факултет и да студирам право.

„Продолжи го образованието како мене, правото е убава и просперитетна професија“, ми велеше татко ми. Сестра ми, која е уметник исто така, ме советуваше да не студирам уметност.

„Не се запишувај на уметност, од уметност не се живее“, велеше таа. Секако, тие совети влијаеа на мене, а и самиот некако сакав да продолжам на право, затоа што музиката ми беше тука, во генетиката. Си реков дека е добро да се запишам на Правниот факултет. Така и направив, се одлучив, учев и завршив Правен факултет.

Има правници со „лопата да ги ринеш

Имам искуство во професијата како дипломиран правник и набрзо заминувам во пензија. Во ова време кога буквално има правници „со лопата да ги ринеш“ да се биде правник и воопшто не е лесно. Затоа и сега има акции и кампањи да се запишуваат младите на стручни училишта за да можат да го усовршат тој занаетски дел и да продолжат да работат како  кадар кој е дефицит во земјата.

Немам милион евра, но имам милион пријатели

Го сакам правото, но најдов спас во уметноста, тоа е оној повик што го чувствувам. Не инсистирав да се насочам кон правото за да стекнувам милиони, ниту да се фокусирам на големи заработки. Можеби немам милион евра, но имам милион пријатели и тоа ме прави среќен и ми дава сила. И за ова знам дека сум во „право“.

Професорот Иво Пухан толку добро предаваше што не збореше, туку пееше

Додека студирав омилен предмет на Правниот факултет ми беше Римско право заради повеќе фактори. Најпрво ја сакам антиката, а потоа заради големиот професор и човек Д-р Иво Пухан. Многу работи за правото научивме од тој човек. Беше ненадминат предавач и беше восхитувачки да се присуствува на неговите предавања и да се слуша како говори и со какво внимание пристапува кон тоа. Толку добро предаваше, толку добар оратор беше, што тој човек не збореше туку пееше кога говори.

Но, имаше и професори кои не беа добри педагози, ниту оратори. Некои од нив немаа способност да работат со студенти, ниту да одржат квалитетни предавања кои ќе привлечат слушатели, во што е инаку умешноста на доброто предавање? Буквално, на некои од тие предавања дури и јас што сум хиперактивен – заспивав и предавањето предизвикуваше колективно дремење и досада.

Глас, стас, гестикулација, знаење за темата и поетика

За еден правник е најважно да има добар вокабулар, изградена реторика и да биде добар оратор. Така нас не учеше и научи професорот Пухан. Правото има поширок пристап на проучување, не е само читање на закони. Мојата ќерка е исто така правник и во една прилика ми даде книга Ораторика. Веднаш ја прочитав затоа што јасно е дека тоа е темелот на добро изграден правник и пожелно е да проучува такви написи. Според прекрасната книга, а и како што се проучува во теоријата, еден правник треба да е добар оратор и затоа тој треба да поседува глас, стас, гестикулација, знаење за темата и поетика. Јас тие работи ги имам. Но, за тоа е „крив“ Правниот факулет. Благодарение на умешноста на определени талентирани професори – изградив силен вокабулар и умешност на реторика.

Во МАНУ ми се чудеа

Дури еднаш во МАНУ кога ме поканија се чудеа на мојот вокабулар. Сега починатиот академик Никола Кљусев ми велеше дека говорам одлично и го интересираше каде сум го усовршувал тоа. Му кажав дека сум правник и дека за правниците е важен вокабуларот, а дека поетиката е мојата генетика, имено уметноста. Не треба да се заборави дека и љубовта треба да зрачи од секој говор, таа има моќ која многу кажува и зрачи. Тоа е таа симбиоза за добар оратор.

Римско право, Современи политички теории, Судска медицина и Форензика – омилени предмети

Покрај ова и антиката ми беше инспирација – и за образованието и за уметноста. Уште како средношколец ја проучував и имам прочитано многу за таа област. Историјата на правото ги има тие елементи кои се најважни за основата на правото. Но, не сакам само Римско право и Историја на право. Како студент ги обожавав, но и како правник ги ценам, современите политички теории, судската медицина и форензика. Во правото внимавам да имам поткрепа од документи и факти. Затоа што пред документите молчат и боговите. Оттука и го почитувам принципот на корпус деликти како вредност.

Во иднина со планетата ќе владее оној што ќе има љубов за светот

Современите политички теории особено ми се интересни и знам дека во светот има негативни луѓе кои владеат со своите деструкции, но не сакам да зборам за нив, тие се присутни и тука, во ова општество, и најдобро е да не им дадеме значење, да ги игнорираме. Тие сакаат да ја одземат љубовта од луѓето затоа што така полесно владеат со нив. Но, јас им проштевам, затоа што во иднина ќе владее оној што ќе има љубов за светот.

Покрај правничка, поседувам и „Диплома за љубов“

Светлината,  убавината и љубовта за најзначајни за светот и опстанокот. Ние живееме на место кое создава таква енергија. Следната година ќе правиме дваесет години јубилеј на „Мактеон“, за што многумина ми велат и сметаат дека е предвесник на Скопје 2014. Јас и во неколку наврати повикав за изградба на монументален споменик на Александар Македонски и затоа велам потребно е многу љубов, многу светлина и добра мисла. Во правото останав правник, но за разлика од други правници, имам и друга диплома, а тоа е дипломата на љубовта, која на драго срце, кое е полно со светлина, би им ја дал како дар од мене!


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 12. 08. 2014