/ Прочитано:

876

Канцеларијата на Народниот правобранител го презентираше Извештајот за состојбата со почитувањето и остварувањето на правото на учество на детето во донесувањето одлуки во средните училишта во Република Македонија

Средношколците не се препознаени како фактор што може да придонесе за ефикасно функционирање и работење на училиштето. Учениците се консултирани само за прашања во врска со екскурзии, за тоа дали да носат униформи, како и каде да се организира матурската прослава и за некои спортски активности и натпревари. Тие се без право на учество и одлучување во процесите кои ги засегаат лично нив, односно кои се однесуваат на образовниот процес.

средношколци

Канцеларијата на Народниот правобранител, во пресрет на Светскиот ден на детето – 20 ноември, го објави посебниот Извештај за состојбата со почитувањето и остварувањето на правото на учество на детето во донесувањето одлуки во средните училишта во Република Македонија.

Врз основа на обемната анализа од истражувањето, кое го спроведе Канцеларијата на народниот правобранител во второто полугодие од училишната 2015/2016 година, констатирано е дека учеството на средношколците во земјава во воспитно-образовниот систем не е уредено со Законот за средното образование, ниту пак со подзаконски акти.

„Средношколците не се препознаени како фактор што може да придонесе за ефикасно функционирање и работење на училиштето. Учениците се консултирани само за прашања во врска со екскурзии, за тоа дали да носат униформи, како и каде да се организира матурската прослава и за некои спортски активности и натпревари. Тие се без право на учество и одлучување во процесите кои ги засегаат лично нив, односно кои се однесуваат на образовниот процес“, рече заменикот на народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, при презентацијата на Извештајот. 

Бајрамовска нагласи дека учеството на децата во образовниот процес, според она што го дозволува Законот за средното образование, се однесува само на можноста на ученикот за приговор доколку не е задоволен од оценката. Во оваа насока, како што потенцираше таа, во рок од три дена од соопштувањето на оценките, ученикот има право да поднесе приговор до наставничкиот совет.

„Постојниот Закон за средното образование, освен приговор за незадоволство од оценките, дозволува ученикот или родителот да поднесат приговор до училишната комисија доколку не се задоволни од резултатите од екстерното тестирање. Ученикот има и право на приговор кога станува збор за изречена педагошка мерка пред отстранување и изречена педагошка мерка за отстранување од средното јавно училиште. Затоа сметаме дека овој закон има многу недостатоци. Тоа што загрижува е дека во поголем дел од средните училишта во Македонија не се препознава или не е јасна визијата за учеството на средношколците во работата на органите на училиштето“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Имајќи ги предвид констатираните состојби, а со цел да се придонесе да биде квалитетно застапено учеството на средношколците во образовниот процес, Канцеларијата на Народниот правобранител во Извештајот дава повеќе препораки.

„Треба да се почитува правото на учество на децата, односно да се слушне мислењето на ученикот во контекст на образованието. Треба да се работи во насока на обезбедување на активно учество на учениците во донесувањето значајни одлуки за прашања кои се поврзани со училишниот живот. Најважно од сè, треба да се преземат мерки со цел учениците да се гледаат како партнери на училиштата и да бидат консултирани при донесувањето на одлуки кои се однесуваат и кои влијаат на нивното учење и улогата во образовниот процес. Препорачуваме и поголемо вклучување на средношколците во процесот на планирање и имплементирање на образовните политики. Во врска со оваа препорака, сметаме дека активно треба да бидат вклучени и учениците со посебни потреби“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.

Овој Извештај е доставен до Министерството за образование, рече Бајрамовска-Мустафа, нагласувајќи дека целта е да се обезбедат услови за доследна примена на членот 12 од Конвенцијата за правата на детето во сферата на образованието.

Канцеларијата на Народниот правобранител смета дека со прифаќање на препораките наведени во Извештајот ќе се промени досегашното место на децата и младите како пасивни субјекти чии права и интереси зависат од родителите, старателите и државните органи и установи.

А. Б.