/ Прочитано:

5.042

Карл Маркс: Правото е волја на владејачката класа издигната на степен на закон

На денешен ден е роден германскиот филзоф Карл Маркс, најзначајниот теоретичар на социјализмот со творештво посветено на теориските истражувања на историјата и политичката економија и со критичка мисла која ги постави темелите на општествено-политичкото движење наречено според неговото име и учење – Марксизам (историски материјализам). Неговиот животен пат завршува во Лондон на 14 март 1883 година, останувајќи запаметен како еден од највлијателните филозофи во историјата на општетствените науки.

Маркс е роден во Трир во 1818 година и благодарејќи на својот татко адвокат уште од најмала возраст се запознава со идеалите на Француската револуција. Во тој револуционерен дух бил воспитан и младиот Маркс чии вредности ги истакнува и проучува и за време на своето образование, најпрво по инсистирање на својот татко студирајќи право, а потоа, со оглед на тоа дека непомирливо бил восхитен од филозофијата, бранејќи го својот докторски труд инспириран од античката филозофија, а насловен како„ За разликата помеѓу Демокритовата и Епикуровата филзофија на природата“.

Учењето на Карл Маркс примарно е базирано на материјалистичката концепција на историјата која ја нагласува важноста на економската област во влијанието врз другите области на општествената активност,  укажувајќи дека правото не може да се изучува надвор од определените форми на историскиот развиток на самото општество.

Во Капиталот, делото кое на кое Маркс посветил голем дел од своето научно творештво,  тој ги идентификува  „законите на движењето“ на капитализмот, претставувајќи го како системска целина подведена и раководена  од еден основен закон – „Законот на вредноста“.

Во тој контекст, „…ни правните ни државните облици не можат да се поимаат од себе самите, ниту од општиот развиток на човековиот дух, туку коренот им е во материјалните животни односи“, наведува Маркс во „Прилог кон критиката на политичката економија“.

Од тие појдовни точки на гледиштето кон правото, Маркс етаблира ново социолошко и материјалистичко сфаќање за државата и правото, како делови на општествената надградба, додека пак основата е во материјалното производство, иманентно поврзана со односите во општеството.

Марксовото филзофско гледиште е определно во критичка анализа на идеологијата, која ги користи поимите: право, правда, слобода и еднаквост. Според него, постои класност на правото, создадено по неизбежните борби на класите во општеството и всушност класното владеење во општеството е темелот на неправдата.

Во класното општество правото има организациона и регулирана функција која е подредена под волјата на владејачката класа. Државата е инструмент на класната доминација во рамките на растот и падот на сукцесивните и прогресивните модели на производството, наведува тој во „Капиталот“ и оттука, класната природа на државата и правото ја согледува низ следните сегменти:

а) Самите класи не се вечна општествена појава, туку се врзани за одредни историски фази на развојот на општеството, односно производството.

б) Класната борба нужно доведува до победа на пролетеријатот, која создава своја класна држава и право.

в) Пролетеријатот не ја создава државата и правото за да се овековечи себе како класа, туку да ги укине сите класни разлики, создавејќи бескласно општество.

Препознатливата марксистичката дефиниција за правото е изразена во Комунистичкиот манифест и таа вели: „Правото е волја на владејачката класа издигната на степен на закон и е нејзино оружје и инструмент“, дефиниција која појдовно структурално е инфлуентна и во Критичките правни студии (Critical legal studies), преку најистакнатите претставници  на овие студии и учења – професорите Данкан Кенеди, Марк Ташнет и Роберто Унгер  во 80-те години на XX век во САД.

Маркс е автор, а на некои и коавтор заедно со Енгелс, на делата: „Прилог кон критиката на Хегеловата филозофија на правото“, „Економско-филозофски ракописи“, „Светото семејство“, „Тезите за Фоербах“, „Германска идеологија“, „Манифест на Комунистичката партија“, „Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта“, „Кон критиката на политичката економија“, „Капиталот“, „Граѓанската војна во Франција“, „Критика на Готската програма“ и други.

Собраните дела на Маркс и Енгелс опфаќаат 43 книги, меѓу кои е и најважната „Капиталот“ и само еден дел е печатен за време на животот на Маркс.

По неговата смрт во 1883 година, Енгелс ги издава другите записи, а овие записи со светската криза во изминатите неколку години повторно се реактуелизираа и го реафирмираа Маркс како нејзин најдобар аналитичар правејќи ги неговите книги повторно „бестселери“. Маркс се враќа повторно во мода, констатираше своевремено и британски „Гардијан“, заклучок кој коинцидира и со тврдењата на дел од постмодернистичките теории за правото.

5 мај 2014 година

М.В. / veljanoskim@akademik.mk