/ Прочитано:

1.127

КАТАСТАРОТ: Ќе побараме продолжување на рокот за елаборати за легализација на дивоградбите

Агенцијата за катастар на недвижности ќе побара продолжување на рокот за елаборати за легализација на дивоградбите. Според податоците на Катастарот, петнаесет илјади геодетски елаборати неопходни за комплетирање на документацијата за легализација на дивоградбите не се доставени до општините до истекот на законскиот рок на крајот на минатата година.

fotografija

„Податоците од геодетските фирми покажуваат дека иако биле изготвени пет илјади елаборати до крајот на декември лани, не биле подигнати од страна на странките. Геодетските фирми не успеале да изработат десет илјади елаборати бидејќи барањата за легализација биле поднесени пред истекот на рокот, па немале доволно време. Катастарот ќе ја информира Владата за ваквата состојба, со барање за продолжување на рокот за доставување елаборати, за да можат приватните геодетски фирми да ги изработат овие десет илјади елаборати, па странките да ги достават, и граѓаните да можат да ги подигнат петте илјади елаборати и да ги достават до општините“, вели директорот на  Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Според податоците на Катастарот, од март 2011 година, кога започна процесот на легализација, заклучно со 31 декември лани, геодетските фирми примиле двесте и четириесет илјади барања за изготвување елаборати. Од нив, посочуваат од оваа институција, двесте дваесет и пет илјади се изработени и се подигнати од странките.

„Истече рокот за поднесување елаборати за барањата од граѓаните за легализација. Со првичната можност за тоа која започна во 2011 година, беа доставени над триста и шеесет илјади барања, а досега во Катастарот се запишани сто и седумдесет илјади легализирани објекти. Точната бројка на граѓаните кои воопшто не поднеле барања за изработка на елаборати, а побарале легализација, ќе се знае откако ќе се вкрстат податоците на геодетските фирми и на општините. Од поднесените триста и шеесет илјади барања можно е да има двојни или со еден елаборат да се бара да бидат опфатени повеќе објекти. Во дополнителниот рок за доставување барања за легализација на почетокот на минатата година беа доставени нови осумдесет илјади барања. Тие треба да бидат комплетирани со геодетски елаборати до крајот на годинава“, вели директорот на Катастарот, Славче Трпески.

М.В