/ Прочитано:

1.755

КАТАСТАРОТ НАЈАВУВА НОВИНИ ЗА АДВОКАТИТЕ: Електронско прибавување на податоците и е – управни тужби

Во Министерството за правда се подготвуваат нови измени на Законот за адвокатурата, со кои ќе се предвиди можноста адвокатите по електронски пат да ги прибавуваат податоците од Катастарот, но и по електронски пат да доставуваат тужби за управните спорови, вели за Академик директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Во подготовка се измени на Законот за адвокатурата

„Ова лето Владата на РМ ја усвои информацијата од Агенцијата за катастар на недвижности со која се предвидува промена на 30 законски прописи, а со цел електронско поврзување на сите професионални корисници кои имаат допир со Катастарот, односно по електронски пат да ги прибавуваат податоците од Катастарот и да ги доставуваат правните основи за запишување. Исто така, адвокатите и Законот за адвокатурата се составен дел од листата на закони кои треба да се променат во овој дел. Обврската на Министертвото за правда претстои, и во таа насока треба да се направаат измени со кои ќе се овозможи сите адвокати кои работат на имотноправни спорови, пред се, да ги имаат податоците од Катастарот на самото работно место, на нивниот компјутер“, вели Трпески, посочувајќи дека во подготовките со свои мислења и сугестии се вклучени сите релевантни институции, вклучително и Адвокатската комора на Република Македонија.

Се подготвуваат и измени на Законот за судовите и на Законот за управните спорови

Во таа насока, Трпески најавува дека се подготвуваат и измени на Законот за судовите и во Законот за управните спорови, со кои ќе се наметнат обврски судовите да се поврзат електронски со Катастарот.

„Сите оние документи кои им се потребни за одлучување на судовите, ќе се обезбедуваат по електронски пат,  а се разбира и времени мерки итн., ќе се доставуваат по електронски пат до Катастарот. Веќе со измените на Законот за катастар на недвижности, за судовите постои обврската сите правосилни пресуди да ги доставуваат во Катастарот заради прибележување“, појаснува Трпески.

Можност адвокатите да поднесуваат тужби по електронски пат

„Интересно е во делот на управниот судови, а во однос на прашањето за противпотврдата што ја донесува Катастарот. Имено, секој граѓанин има право да поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 15 дена по добивањето на потврдата. Заедно со министерството за правда и со управниот суд веќе одржавме неколку состаноци, на кои ја разгледуваме можноста да се воведе еден вид на е-управна тужба. Тоа ќе значи дека ако адвокатот кој води управен процес пред Катастарот, тој ќе биде поврзан со Катастарот и ќе може по електронски пат да достави тужба до Управниот суд. Секако и Управниот суд треба да биде приклучен до електронскиот катастар, па преку елктронската тужба, а преку електронскиот катастар, ќе може да го види комплетно електронски предметот, и не само предметот, туку ќе може да го види и историјатот комплетно на таа катастарска парцела. Тоа е важно, бидејќи кога одлучува Катастарот, секогаш се гледаат и претходните промени, таа можност ја имааат референтите. Но, во моментов Управниот суд таа можност  ја нема. На секоја тужба ние го доставуваме само предметот кој е утужен, а Управниот суд  нема можност да ги види сите промени што настанале“, објаснува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Тој додава дека со ваквите измени би се зголемила ефикасноста како од страна на Управниот суд, така и од страна на адвокатите, во делот на дејствијата, постапувањето, одлучувањето по судските спорови и донесувањето на пресуди. Директорот на Агенцијата, потенцира дека ваквите решенија значат економичност и ефикасност, што се едни од начелата во правосудсвото.

Пресудите да се доставуваат до Катастарот по електронски пат

„Целта е сите да работат на актуеални податоци од Катастарот и при одлчувањето да ги имаат сите потребни податоци и документи. Тоа се прави со цел да зголеми ефикасноста и да се донесе правилна одлука. Но тука, исто така, треба да се промени Законот за судовите во таа насока и  сите судови да склучат договор со Катастарот, веќе имаме 12 вакви судови, со што ќе се овозможи во нивната работа, кога им требаат податоци од Катастарот, да можат да ги прибават  по експедитивен пат. На пример, кога одлучуваат за некој спор да видат каква е состојбата во катастарот, конкретно  во имотен лист. Тоа е правата работа, а втората работа е штом ќе се донесе пресуда, судот веднаш по електронски пат, откако пресудата ќе стане правосилна, да ја достави до Катастарот која истата ќе ја прибележи. Секако, Катастарот не може ја спроведе, бидејќи истата не е оданочена,  но веќе сите ќе знаат дека таму веќе има пресуда, што е од големо значење за правната сигурност“, нагласува Трпески.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

25.9.2015