Прирачник за заштита на личните податоци
Во издание на Академик излезе од печат Прирачникот за заштита на личните податоци. Прирачникот, чиј автор е Игор Кузевски, генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци, како водич во тематиката и практиката за заштита на личните податоци, има за цел преку практични примери и решенија да даде одговори на сите организациски и технички мерки што треба да се применат од страна на сите кои вршат обработка на личните податоци.
Прирачникот за заштита на личните податоцие е наменет за сите контролори и обработувачи на личните податоци, за лицата кои се определени за офицери за заштита на личните податоци во рамките на контролорите, односно обработувачите, како и за оние физички или правни лица кои, во согласност со новата Општа регулатива за заштита на личните податоци, се определиле да ја вршат функцијата офицер за заштита на личните податоци како нивна професионална дејност.
Прирачникот е наменет и за сите заинтересирани страни кои сакаат да стекнат практични знаења или да ги прошират постојните знаења од областа на заштитата на личните податоци. Во таа насока, целта на Прирачникот е на јасно образложен начин да му ги пренесе знаењата и новините во врска со најдобрите практики од областа на заштитата на личните податоци на читателот од стручната и пошироката јавност.
За таа цел, во Прирачникот детално се даваат одговори на прашањата за најдобрите практики (со практични примери и соодветни обрасци) на примена на техничките и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци и за обврските на офицерите за заштита на личните податоци преку практични примери.
Во Прирачникот се појаснуваат и најзначајните новини во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679. Со Регулативата се воведуваат повеќе новини, а како позначајни решенија се: т.н. право да се биде заборавен, правото на преносливост на податоците, уредувањето на профилирањето во врска со донесувањето на поединечни одлуки, проценка на влијанието при обработка на личните податоци, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, заеднички корпоративни правила, како и техничка и интегрирана заштита на личните податоци.
Содржински Прирачникот е поделен во 14 глави, во кои се говори за значењето на термините и за дефинициите употребени во него, потоа за неговата намена и неговите цели, за начелата за заштита при обработка на личните податоци, за основите на информациската сигурност на информациите кои содржат лични податоци, потоа за примената на нивоа на технички и организациски мерки и обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци и за обработката на личните податоци преку вршење видеонадзор.
Исто така, во Прирачникот се говори и за заштитата на личните податоци со нивно криптирање, за безбедноста на интернет и електронската комуникација, за социјалниот инженеринг и заштитата на личните податоци, за нагодувањата на оперативниот систем „Виндоус“ и за Општата регулатива за заштита на личните податоци и за документацијата за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци со вклучени обрасци. Поконкретно, во делот на обрасците, во Прирачникот се приложени одлуки, овластувања, барања, изјави, согласност за обработка на личните податоци и известување за вршење видеонадзор.
Прирачникот дава одговори и практично прикажува што сè треба да усвојат и што сè треба да применат оние што обработуваат лични податоци (контролорите и обработувачите) за да се минимизира ризикот од евентуална злоупотреба на личните податоци при нивната обработка.
Прирачникот е исклучително корисен труд и во светло на новата регулатива за заштита на личните податоци, која е усогласена со ЕУ-регулативата, врши целосно транспонирање на Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679. Со новата регулатива и законското решение за заштита на личните податоци радикално ќе се сменат правата на граѓаните во смисла на заштита на личните податоци.