/ Прочитано:

2.118

Разводот на брак во европските земји


Разводот на брак, како начин на престанок на полноважен брак за време на животот на брачните партнери, е феномен кој доведе до драматични промени во семејниот живот во сите европски држави. Бројот на разведени бракови расте во цела Европа, така што стапката на разведени бракови на 1000 жители се зголемила од 0,8 во 1965 година на 1,9 во 2016 година. Во 2016 година во земјите на Европската Унија биле склучени 2,2 милиони бракови, а биле разведени еден милион бракови. Бројот на разведени бракови постојано се зголемува и во Македонија, при што во последниве две децении бројот на разводи е зголемен за три пати и сега изнесува над 2000 разведени бракови годишно.

Разводот на брак доведува до сериозни промени во семејниот модел, до дестабилизирање на бракот и до зголемување на бројот на еднородителските и на рекомпонираните семејства. Освен тоа, разводот на брак негативно влијае врз психосоцијалниот развој на децата, кои често се најголемите жртви на разводот на нивните родители. Големиот пораст на бројот на разведените бракови, како и сериозните економски, правни и психолошки последици кои разводот на брак ги предизвикува за децата, семејствата и современите општества се основниот мотив за оваа книга.

Во книгата се дава историски преглед на разводот на брак во европските земји, од античкиот период до современото општество. Во неа се анализираат факторите за развод на брак и
правните системи за развод на брак, а посебно внимение се обрнува на влијанието на разводот на брак врз психосоцијалниот развој на децата, како и влијанието на моделот на поделено родителство, кој се повеќе се прифаќа во сите современи законодавства, врз развојот на децата по разводот на брак.

Во книгата се дава приказ на најзначајните тенденции во правното регулирање на разводот на брак во европските земји, како и на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во сферата на разводот на брак. Освен тоа, во книгата се анализираат и последиците од разводот на брак во однос на вршењето на родителското право по разводот на брак, издршката и поделбата на имотот на брачните партнери по разводот на брак.

Во книгата се дава приказ и на регулирањето на разводот на брак во македонското семејно законодавство, при што се анализираат причините за развод на брак, постапката за развод, како и регулирањето на последиците од разводот на брак во Законот за семејството.

Во последниот дел од книгата се даваат предлози за измени и дополнувања на македонското законодавство во однос на регулирањето на разводот на брак и на последиците од разводот на бракот. Врз основа на анализата на решенијата во споредбеното право, како и врз основа на анализата на македонското законодавство и на слабостите на постојните правни решенија кои доведуваат до сериозни проблеми во практиката, во книгата се даваат поголем број предлози за реформи на македонското семејно законодавство, особено во делот на регулирањето на вршењето на родителското право по разводот на бракот.

Авторите сметаат дека е крајно време за сериозни реформи во оваа област и за прифаќање на моделот на заедничко вршење на родителското право по разводот на брак, како и на моделот на поделено родителство. Овие реформи ќе овозможат усогласување на нашето законодавство со Конвенцијата на ОН за правата на детето и со генералните тенденции во регулирањето на вршењето на родителското право по разводот на брак во европските земји и ќе обезбедат поголема заштита на правата и на интересите на децата во случај на развод на брак на нивните родители.