/ Прочитано:

856

Ко-основачот на „Пајрат беј“ осуден на затворска казна од две години

Четврток, 20 јуни 2013 – Ко-основачот на шведската интернет страница „Пајрат беј“, Готфрид Свартхолм Варг (28) денеска е осуден на две години затвор поради „упад“ во компјутери на компанија за чување податоци на шведски претставници и за незаконски онлајн трансфер на пари, соопшти денеска судот, пренесува „Ројтерс“.

Варг минатата година беше екстрадиран во Шведска од Камбоџа поради судење, откако во 2009 година беше обвинет за Интернет пиратерија. Ко-основачот на „Пајрат беј“ ги отфрли сите обвиненија.

„Хакерскиот напад беше многу голем и технички многу напреден“, соопшти шведскиот суд, истакнувајќи дека е нападнат многу сензитивен систем.

Според наводите на Обвинителството, Варг незаконски онлајн трансферирал 4.300 долари, но исто така наводно се обидел, преку неколку различни трансакции,  да пренесе околу 915.000 долари.

Според неговите адвокати, се очекува пресудата да биде обжалена.

Шведското обвинителство во мај се обиде да го затвори „Пајрат беј“ поради недозволено симнување линкови со музика и филмови.

Моментално сајтот го води непозната група, а името на Интернет доменот е регистриран на Сент Мартин, холандска територија на Карибите.