/ Прочитано:

44.664

КОИ ПРИХОДИ СЕ ОДАНОЧУВААТ СО ПЕРСОНАЛНИОТ ДАНОК НА ДОХОД: Информации и упатства за годишната даночна пријава

Приходи кои се остваруваат, во земјата и странство, а кои подлежат на оданочување и треба да се пријават во УЈП се приходите од лични примања, приходи од самостојна дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, приходи од капитални добивки, приходи од авторски права и права од индустриска сопственост добивки од игри на среќа и други приходи, појаснуваат од Управата за јавни приходи.

akad 4

„Приходите кои граѓанините ги остваруваат, во земјата и во странство, се оданочуваат со персонален данок на доход (ПДД). Даночната стапка по која се пресметува персоналниот данок е 10%. Одделните приходи кои сте ги оствариле во текот на календарската година, како даночен обврзник на персоналниот данок имате обврска да ги пријавите во Управата за јавни приходи (УЈП), со поднесување на аконтативна даночна пријава во законски предвидените рокови кои важеле во 2015 година, но и со поднесување на Годишна даночна пријава до 15 март 2016 година. Доколку како граѓанин, во текот на 2015 година, сте оствариле приходи по повеќе основи, односно покрај вашата плата или пензија, на пример, сте оствариле и приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или сте оствариле хонорар по основ на авторски договор, понатаму сте учествувале во наградна игра и сте оствариле добивка над 5000 денари и сл., имате обврска сите ваши годишни приходи да ги пријавите во УЈП со поднесување на Годишна даночна пријава“, истакнуваат од Управата за јавни приходи.

УЈП, упатувајќи на овогодинешната  публикација со целосни  информации, насоки и упатства за пополнување на годишната даночна пријава, образложува кои приходи  подлежат на оданочување:

Лични примања

За лични примања се сметаат сите приходи што сте ги оствариле по основ на плати и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност, надоместоци на трошоци од работен однос и сите други надоместоци на трошоци поврзани со работа, пензии, примања од членување на органите на управување и на органите на надзор на трговските друштва, примања доколку сте функционер, пратеник, советник или носител на јавна функција, или професионален спортист (премии, трансфери и сл.), секој поединечно остварен приход врз основа на договор за повремено или привремено вршење на услуги на правни и физички лица. Приходите може да бидат исплатени во пари, бонови, парични потврди, акции, стоки или во некој друг облик кој има парична вредност. Вашиот работодавач (исплатувач на приходот) е должен да го пресмета и уплати персоналниот данок на доход и при секоја исплата на приход да ви издаде примерок од пресметката за платениот персонален данок и придонеси, како и збирен податок за вкупно платениот данок (аконтација) во текот на 2015 година најдоцна до 25 јануари 2016 година. Доколку освен плата, односно пензија, во 2015 година сте оствариле и приходи по други основи, должни сте да поднесете и Годишна даночна пријава.

Приходи од самостојна дејност

Приходи од самостојна дејност се приходите остварени од вршење на стопанска дејност, од давање на професионални и други интелектуални услуги, приходите од земјоделска дејност и од други дејности чија трајна цел е остварување на приходи. Како вршител на самостојна дејност должни сте најдоцна до 15 март 2016 година до Управата за јавни приходи и Централниот регистар да ги доставите обрасците “Б” и “ПДД-ДБ”. Доколку како вршител на самостојна дејност во 2015 година покрај приходи од самостојна дејност сте оствариле и приходи по други основи, должни сте да поднесете и Годишна даночна пријава.

Приходи од имот и имотни права

Доколку во 2015 година сте оствариле приходи од имот и имотни права, односно издавате под закуп (кирија) или подзакуп земјиште, станбени или деловни простории, гаражи, простории за одмор и рекреација, опрема, превозни средства и други видови имот, покрај обврската да поднесете аконтативна даночна пријава (образец “ПДД-АДП/ПИ“) во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот, задолжително по истекот на годината треба да поднесете и Годишна даночна пријава.

Приходи од авторски права и права од индустриска сопственост

За исплатените приходи од авторски права (пр. имате склучен договор за авторско право со Авторска агенција) или приходи од права од индустриска сопственост (пр. склучите договор за користење на патентиран производ, договор за користење на трговска марка итн.), исплатувачот на приходот е должен во моментот на исплатата на приходот да го пресмета и уплати данокот на доход и да ви издаде примерок од пресметката за платениот персонален данок. За остварените приходи задолжително по истекот на годината, треба да поднесете и Годишна даночна пријава.

Приходи од капитал

За остварените приходи од капитал во 2015 година, како дивиденди и други приходи остварени со учество во добивката кај правни и физички лица, камати по кредити дадени на физички и правни лица и камати по обврзници или други хартии од вредност, исплатувачот на приходот треба да ви го пресмета данокот на доход за секој поединечно исплатен приход, а вие сте должни до 15 март 2016 година да поднесете Годишна даночна пријава.

Приходи од капитални добивки

Приходите од капитални добивки (продажба од учество во капиталот и недвижен имот), покрај тоа што сте имале обврска да ги пријавите во УЈП во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот, на образецот ”ПДД-АДП/КД“, за истите треба да поднесете и Годишна даночна пријава до 15 март 2016 година.

*Капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност не се оданочуваат од 1 јануари 2013 година до 31 декември 2018 година.

Добивки од игри на среќа

Ако во 2015 година сте оствариле добивка од општите игри на среќа (ТВ квизови, наградни игри, лотарија и сл.) во износ поголем од 5.000 денари (во пари, хартии од вредност, во натура, наградни патувања или во некој друг вид), приредувачот на игри на среќа е должен при исплата на добивката да ви издаде примерок од пресметката на персоналниот данок. Вие задолжително треба да поднесете Годишна даночна пријава.

Други приходи

Ако од правно лице ви се исплатени „други приходи“ кои не се набројани претходно, ниту се ослободени од обврска за оданочување, исплатувачот на приходот треба да ви го пресмета данокот на доход за секој поединечно исплатен приход, а вие сте должни до 15 март 2016 година да поднесете Годишна даночна пријава. Во случај да остварувате „други приходи“ (приходи остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок) истите треба да ги пријавите во УЈП на образец “ПДД-АДП/ДП“ во рок од 15 дена од денот на остварување на приходот, но и да поднесете Годишна даночна пријава по истекот на календарската година.

ГОДИШНА ДАНОЧНА ПРИЈАВА

М.В