/ Прочитано:

1.648

Кои се граѓанските права за време на избори? Никој не смее да знае за кого оди гласот!

Среда, 26 март 2014 – Никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал, согласно македонските законски прописи. 

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа од сторување на повредата. Исто така на избирач на кого му е повредено избирачкото право  во постапката за спроведување на гласањето во странство може да поднесе приговор до Државната изборна комисија  во рок од 24 часа по брза пошта, а времето на поднесување на приговорот се смета од времето на предавањето на пратката. После примениот приговор Државната изборна комисија е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука . 

Кривична одговорност  во случај на повреда на избирачкото право

  • Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.
  • Член на избирен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.
  • Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.
  • Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
  • Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор најмалку три години. Ако делото го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години.
  • Член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повсќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.