/ Прочитано:

1.102

Комбинацијата на спорт и право ми ги подигнува адреналинот и ентузијазмот — Тим Џонс, адвокатот кој се грижеше за правната сигурност на Олимпијадата во Лондон

Ангажманот на Олимпијадата во Лондон нѝ  овозможи да се издвоиме од толпата и да воспоставиме модел како да се постапува во иднина, вели во интервјуто за Академик, Тим Џонс, човекот кој го предводеше адвокатскиот тим што се грижеше за правната сигурност на најспектакуларниот светски спортски настан. За Џонс, кој е управувачки партнер во едно од петте најголеми друштва во Велика Британија, „Freshfields Bruckhaus Deringer“, адвокатурата е прекрасна професија која нуди многу предизвици. Македонската јавност имаше прилика да го запознае еминентниот адвокат во улога на предавач на првата регионална Конференција за управување со правните ризици, која во организација на АКАДЕМИК се одржа во Скопје.  Според него, одлична тема, која е многу актуелна во меѓународните кругови.

Имате импресивна кариера, специјалист сте за високопрофилни проекти. Кој е најголемиот професионален предизвик со кој сте се соочиле досега?

Мислам дека Олимписките игри Лондон 2012 беа најголемиот предизвик, не само лично за менe, туку и за мојата фирма. Немавме пример што би го следеле, беше нешто ново за нас. Овој ангажман ги опфати сите правни дисциплини кои ги практицираме: стопанско право, финансиско право, даночно право, работно право, кокуретно право, имотно право… Се работеше во сите овие области, а да бидеш на чело на таков голем проект навистина треба да имаш разбирање за она што се случува. Се на сè, на овој проект работевме повеќе од 10 години, речиси 300 луѓе беа на некој начин вклучени, 40 луѓе беа директно вклучени во организацијата… Да, тоа дефинитивно беше најголемиот и највисокопрофилниот проект, поготово кога говориме на тема правните ризици. 

Кои беа најголемите придобивки за „Freshfields Bruckhause Deringer“ од овој ангажман?

Знаете, луѓето често зборуваат дека петте големи лондонски фирми кои го формираат т.н. магичен круг на некој начин се слични. Мислам дека токму ангажманот на Олимпијадата ни овозможи да се издвоиме од толпата. Беше нешто различно, предизвикувачки, доста ризично, но ова го направивме и за Лондон, како наш дом, и мислам дека вроди со ефект. Препознатливоста значајно нѝ порасна во тој период  и мислам дека луѓето нè поврзуваат со фактот дека сме направиле нешто поинакво. Ние воспоставивме модел, како треба да се постапува во слични случаи во иднина.  Меѓу другото, за мене беше и едно многу забавно искуство.

Дали ја поддржувате идејата на АКАДЕМИК и г-динот Димитров да се почне серија на регионални конференции на темата „Управување со правни ризици“? Какви се Вашите впечатоци од конференцијата која се одржа во Скопје?

Во еден мој разговор со г-динот Димитров, баш му споменав  дека ние како интернационална компанија секогаш сме заинтересирани за теми кои ги спојуваат нашите експертизи што ги применуваме во повеќе различни земји. Нашата фирма секоја година има две до три теми кои ѝ се многу битни. Управувањето со правни ризици се наоѓа на врвот на нашата агенда веќе подолго време, се работи за тема која нашите интернационални клиенти мораат да ја разберат, односно да ги разберат ризиците со кои се соочуваат. Бизнисите последниве години многу го менуваат начинот на кои работат, се селат на нови, различни и растечки пазари и на тој начин преземаат бројни ризици. Aдвокатите, пак, се тие кои мораат да бидат во центарот на таквите операции со цел вистински да го разберат и анализираат ризикот. Од овие причини сметам дека темата е навистина одлична и актуелна на меѓународно ниво. Конференцијата беше многу корисна, сите допринесовме, но и научивме многу работи.

Понекогаш е тешко во компетитивниот свет на правните фирми да се најде вистинскиот баланс помеѓу максимизирањето на профитите и потребата за промислена и претпазлива интерпретација на правните факти. Дали имате некаква препорака за ваков баланс?

Сметам дека на долги патеки, добриот совет носи пари. Во ред, луѓето понекогаш се соочени со предизвик да направат компромис со советот кои го добиле, но според мене репутацијата значи сѐ, дури ако тоа те прави непопуларен понекогаш. Репутацијата може да се изгради само врз квалитетни совети и работа на долги патеки, а доколку ја изгубиш – тешко дека ќе ја вратиш.

„Freshfields Bruckhause Deringer“ е една од водечките правни фирми во светот. Каков е Вашиот интерес во регионот?

Со канцеларии сме присутни во 28 земји, а намерно се одлучивме тоа да не биде насекаде низ светот. Нашата професија диктира малку поразлични правила, не ни требаат канцеларии секаде, секогаш можеме да најдеме добри адвокати во било која земја и со нив соработуваме. Доколку разговарате со адвокати кои работат во нашиот тим во Лондон и ги прашате каде  работат, тие ќе ви одговорат „работам во Бразил, Индија, Аргентина, Кореа…“, а ние немаме канцеларии во овие места. Така што моделот на соработување со фирми во други земји одлично функционира. Секако, се случува понекогаш нашите интернационални клиенти да не сакаат да соработуваат со други фирми, па последниве години често размислуваме како да го решиме и ова прашања, бидејќи не сакаме да растеме повеќе, а сакаме да работиме што повеќе интернационална работа.

Што според Вас ги одликува англиските адвокати?

Aдвокат сум веќе три децении. Во „Freshfields Bruckhause Deringer“ сум 32 години. Сведок сум на процесот на менување адвокатската професија низ годините, можам да кажам дека адвокатурата стана меѓународна дејност. Во текот на мојата кариера сум бил вклучен во многу интернационални проекти, неколку години работев во Шпанија. Сепак, сакам да истакнам дека ние во Англија имаме многу среќа бидејќи англиското право и англискиот јазик се едни од нашите најголеми извозни добра, па оттука англиските адвокати можат да работат насекаде. Инаку јас, освен адвокатската професија, имам можност да вршам и менаџерска работа. Веќе четири години сум управувачки партнер во лондонската канцеларија, а тоа е прилично голема одговорност: повеќе од илјада луѓе, приходи…

Поранешен рагби играч, каде повеќе уживате: спортот или правото?

Да, јас сум поранешен рагби играч. Сега сум стар за да играм рагби, а можам да кажам дека во спортот уживав многу. Инаку мојата нареден ангажман како адвокат е уште еден голем спортски настан кој ќе се организира во Англија: светскиот куп во рагби кој ќе се одржи за две години од сега. Ќе помогнам да се постави овој проект. Спортот е многу голем бизнис во моментов, со радиодифузерите, спонзорите, потоа договорите што ги потпишуваат играчите со клубовите… Има се повеќе правна инволвираност во спортскиот бизнис, што можеби на еден начин и не е толку добро, но јас навистина уживам. Комбинацијата на спорт и право ми ги подигнува адреналинот и ентузијазамот. Инаку генерално сметам дека правната пракса дава многу можности. Еден од основните проблемите за адвокатите е што тие многу работат, но доколку погледнеш малку нагоре и наоколу ќе сфатиш дека праксата ти дава многу можности. Јас цел живот сум во една фирма, но ми изгледа како да сум променил десет професии. Ми беше дадена можноста да работам на различни материи, на различни проекти и места во светот. Сметам дека во адвокатурата има многу задоволство: искусуваш различни предизвици, различни улоги, специјализации, работиш понекогаш во различни земји. Според мене, адвокатурата е прекрасна професија -треба да ја зграбиш можноста и да извлечеш најмногу од нејзе!


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 19.12.2013