/ Прочитано:

1.232

Kомисијата за заштита од дискриминација ќе утврдува дали е вистина дека Ромите не се добредојдени во скопскиот Аква парк

Четврток, 1 август 2013 – Комисијата за заштита од дискриминација ќе истражува дали се вистините информациите дека вчера на група лица од ромска националност не им бил дозволен влез во Аква паркот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ само поради нивната етничка припадност.

„Комисијата ги осудува сите форми на дискриминација кон поединци или групи на луѓе со кои тие се ставаат во нееднаква положба од останатите и нееднакво се третираат. Од тие причини Комисијата апелира до сите приватни и јавни фирми да внимаваат на однесувањето кон поединците и групи на луѓе, да постават правила еднакви за сите согласно Уставот и законите на Република Македонија и да постапуваат согласно тие правила. Во врска со случајот во Аква парк, каде што на 30.07.2013 година, група на Роми не биле пуштени да влезат поради нивната етничка припадност, а со претпоставка дека несоодветно ќе се однесуваат, Комисијата веднаш презеде мерки за расветлување на настанот и во најбрз можен рок ќе ја информира јавноста за исходот од преземените активности во утврдувањето на дискриминација. Постапувањето за утврдување на евентуална дискриминација ќе се третира итно и со висок приоритет, особено поради фактот дека и во минатите години имало случувања и индиции дека оваа група на наши граѓани се доведуваат во положба на нееднаков третман, така да случајот во Аква-парк, внимателно (впрочем како и сите останати) ќе биде разгледан и третиран“, се вели во дописот до медиумите.

Од друга страна, пак,  директорот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ демантира дека лицата не го почитувале кодот на однесување, затоа не биле пуштени да влезат во Аква паркот.

„Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е јавен објект и е достапен за сите граѓани на Република Македонија без разлика на пол, вера или раса. Во однос на обвинувањата и шпекулациите сакам децидно да кажам дека оние лица кои нема да го почитуваат кодексот на однесување или ќе доаѓаат несоодветно облечени, влезот нема да им биде овозможен. Лицата кои претходниот ден беа исфрлени од аква паркот се однесуваа несоодветно, а конкретните лица не беа соодветно облечени. Му се извинувам на таткото за непријатностите и жалам што тоа ќе се сфати како дискриминација“, но не станува збор за тоа ,  вели Капушевски.

Таткото, од своја страна, тврди дека децата носеле костими за капење и дека тоа не можело да биде причината. Тој вели дека ова е само обид да се измислат оправдувања откако за случката дознаа невладините организации, граѓанскиот сектор и јавниот првобранител.