/ Прочитано:

1.436

Компаниите не можат да си ги наплатат побарувањата од државата — бараат измени на Законот за извршување

Интервенција во членот 211 од  Законот за извршување бара Стопанската комора ја РМ за да можат компаниите да ги наплатат побарувањата од Република Македонија, државните органи, јавните претпријатија и општините.

Според Стопанската комора на РМ, членот 211 дозволува прешироко толкување, односно овозможува судот да стави забрана за повлекување на средствата на должникот под образложение дека се „неопходни“ со што се спречува нивно префрлување на доверителот, односно подмирување на долгот.

„Во практиката повеќе компании како доверители се доведени во состојба да не можат да ги наплатат своите побарувања спрема Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, поради околноста што покрај предметите и правата, како неопходни за вршење на дејноста на овие субјекти се определуваат и паричните средства на нивните сметки кај сите носители на платниот промет, и истите се изземаат од извршување. При тоа, тие парични средства се определуваат во износ кој го надминува вкупниот максимален износ на средства кои субјектот вообичаено ги има на својата сметка како расположливи средства, со што практично се оневозможуваат фирмите во постапка на присилно извршување да ги наплатат побарувањата кои ги имаат кон овие субјекти од јавниот сектор“, истакна оперативниот директор во Стопанската комора Елена Милевска – Штрбевска.

Член 211 од ЗИ (извор: akademika.com.mk)

На овој начин, според Милевска-Штрбевска, Законот нееднакво важи за јавниот и за приватниот сектор, а компаниите, притоа, се во подредена позиција.

„Во таквите ситуации, доверителите, кои покрај ненаплатеното побарување, се изложуваат и на дополнителни трошоци во постапката која претходи на донесувањето на извршната исправа и во самата постапка на извршување, не можат да ги намират своите побарувања спрема овие субјекти, а од друга страна, доколку спрема нив се спроведува присилно извршување, тоа може да биде спроведено врз сите нивни предмети и права вклучувајќи ги и сите расположливи средства на неговите сметки кај носителите на платен промет каде што тој има сметки. На овој начин, приватните деловни субјекти и субјектите од јавниот сектор се ставени во нерамноправна положба, а со тоа се загрозува и ликвидноста на деловниот сектор, од причина што извршување спрема деловен субјект од приватниот сектор може да се спроведе над целиот негов имот, а тој субјект не е во можност да ги наплати своите побарувања по присилен пат спрема субјектите од јавниот сектор“, рече Милевска-Штрбевска.

Од Стопанската комора на Македонија, истакнуваат дека предложените решенија не се во насока на критика на законот и на институциите кои го применуваат, туку предлагање на конкретни решенија за проблемите поврзани со примената на законите во практиката, а во функција на создавање на ефикасна, применлива регулатива, во која ќе бидат почитувани начелата на еднаквост и рамноправност на сите субјекти пред законот.

Оттаму додадаваат дека уште утре до Министерството за правда ќе биде доставен предлог за дополнување на Законот за извршување, односно предлог во членот 211 да се додаде нов став 3 кој ќе гласи:

„(3) За предмети и права во смисла на ставот 1 од овој член не се сметаат паричните средства кои се наоѓаат на сметка кај носител на платен промет, и врз нив може да се спроведува извршување без никакво ограничување.“

КИРМ: Неопходно е донесување на новиот Закон за извршување

Од Комората на извршители на РМ (КИРМ) се согласуваат дека во практиката има целосно погрешна примена на  членот 211 од Законот за извршување што резултира со нерамноправен третман на јавниот и приватниот сектор.

Токму поради овие причини, вели за Академик извршителот и член на Управниот одбор на КИРМ, Гордан Станковиќ,  во Нацрт-законот за извршување, кој веќе две години е заглавен во институционалните лавиринти, предвидено е дополнување на овој член со нов став кој ќе оневозможи вакви паушални толкувања од страна на судовите.

„Комората на извршители на РМ веќе две години се обидува да го реши овој проблем и други кои се јавуваат во практиката преку донесување на новиот Закон за извршување, кој меѓу другото е целосно во духот на она што го бара и Стопанската комора на РМ. Ја поздравуваме иницијативата, но сметаме дека треба заедно да издејствуваме за донесување на новото законско решение што би допринело за целосно, а не парцијално отстранување на проблемите“, потцртува Станковиќ. 

Извршителите лани наплатиле околу 108 милиони евра. Најмногу, односно околу 66 милиони евра се наплатени од компаниите, 28 милиони евра од граѓаните, додека, пак, од органите на државата, наплатени се 13 милиони евра. Најголем должник меѓу државните органи е ЈП „Македонија пат“ по основ на невратени долгови кон други фирми.


Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Oбјавено: 7.09.2015