/ Прочитано:

916

Компаниите подготвени за либерализацијата на пазарот на електрична енергија

Четврток, 6 јуни 2013 – Од 1 јули оваа година, 146 компании треба слободно да излезат на пазарот на електрична енергија. Добро се информирани, подготвени и точно знаат што треба да се случи, вели претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев.

„Законот е донесен во 2012 година. Либерализацијата требаше да почне од 1 јануари 2013 година, но се одложи од 1 јули. Дали ќе има ново одложување ќе треба да се произнесе пред се Регулаторната комисија за енергетика. И без разлика на тоа дали ќе има или не, ние се обидуваме компаниите да бидат подготвени за тој чекор на либерализација“, изјави Анѓушев по денешната средба на Асоцијацијата која беше во насока на информирање и објаснување на процесот на либерализацијата на пазарот.

Потенцира дека овој потег би требало да донесе бенефит за сите компании, односно цената на електричната енергија која во последните неколку години константно се намалува на берзите треба како ефект да го почувствува и македонската индустрија.

„Очекуваме дека со примената на либерализацијата на пазарот на електрична енергија трошокот за енергија кај овие компании просечно ќе се намали за 20 до 25 проценти“, рече Анѓушев, посочувајќи оти цената за наредната година на Унгарската берза е 41,5 евра.

Според него, компаниите во принцип како што е замислен системот нема да имаат голема обврска да се подготвуваат.

„Нема што многу да направат. Ниту пак тие сега треба да станат експерти за енергија или да имаат некакви сектори во нивните компании за тоа. Тие што ќе ги снабдуваат со електрична енергија ќе треба да им ги направат сите тие услуги, а тие конечно да добијат само пониска цена“, истакна Анѓушев, додавајќи дека пазарот и конкуренцијата треба да го направи своето, односно пазарот е тој што ќе направи компаниите да добијат електрична енергија, а снабдувачите да ги преземат сите други обврски.

Истакна дека има 50 компании што се регистрирани за снабдување со електрична енергија, но оти реално работат седум до 10 компании.

Компаниите кои имаат обврска да излезат слободно на пазарот се со над 50 вработени и со приход над 10 милиони евра годишно