/Прочитано:

1.613

Кон публикацијата „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ – интервју со проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски

199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ е последното издание на „Академик“. Публикацијата се создаде како одговор на потребата од општоприфатени и стандардизирани договорни одредби. Во оваа публикација, конципирана од проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски, се дадени точно 199 модели на договори и други акти, со предложени различни модели за одделни видови на договорни односи.

foto akademik

Професоре Коевски, во издание на Академик објавена е новата публикација „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“. За какво дело станува збор и што опфаќа неговата содржина?

Кога би требало да ја објаснам оваа публикација, прво би започнал од читателската група кон која е насочена. Публикацијата „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“, по својот концепт, структура и методологија, е поставена на начин да ги опфати содржините што првенствено се од интерес за трговската практика. Имено, оваа публикација е конципирана на начин што директно ги засега сите оние што секојдневно на своите работни места се занимаваат со сегменти на трговското и договорното право, како и со одредени аспекти на имотното право. Се работи за голем круг на читателска публика која ги опфаќа адвокатите, нотарите, извршителите, правните консултанти, правните служби во рамките на трговските друштва, надлежните државни институции и други. Секако оваа публикација ќе биде од интерес и за студентите по право, а во одредена поширока смисла, и на секој оној што во една конкретна животна ситуација ќе има потреба да уреди одреден договорен однос.

Во поглед на актуелните тенденции и предизвици во македонското трговско и договорно право и практика, како се наметна потребата за креирање и за конципирање на вакво дело?

Потребата од ваков формат на публикација произлегува од фактот што последната слична публикација беше издадена пред повеќе од две децении. Слободно може да се каже дека претходната публикација „177 обрасци на договори од комерцијалното и стопанско работење и од имотното право”, во издание на Академик, од авторите д-р Кирил Чавдар и д-р Димко Миленков, беше задолжително присутна во правните библиотеки на сите практичари. Нам, како автори на публикација „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“, ни е особено драго што издавачот Академик се реши по извесен период повторно да го актуализира овој проект. Денес со задоволство можам да кажам дека резултатот од соработката со Академик е оваа публикација со речиси 690 страници и 199 обрасци на договори и други правни акти. Во изминатиот дводецениски период бевме сведоци на значителни општествени промени. Тука, пред сѐ, како пресврт се истакнува донесувањето на Законот за облигационите односи во 2001 година. Впрочем, и развојот на договорното право во Република Македонија можеме да го поделиме на периодот пред донесувањето на македонскиот Закон за облигационите односи од 2001 година и на периодот по неговото усвојување. Во овој период, покрај донесувањето на нов системски Закон за облигационите односи, донесени се и низа други законски решенија со кои се опфатени мноштво договорни односи. Би ги споменал: Законот за договорите за превоз во железничкиот сообраќај, Законот за внатрешна пловидба, Законот за облигационите и стварноправните односи во воздушниот сообраќај, Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај, Законот за договорен залог, Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Законот за сопственост и други стварни права, Законот за градење, Законот за земјоделско земјиште, Законот за градежно земјиште, Законот за концесија и јавно приватно партнерство и други.

1 dogovori

Она што се забележува во развојниот пат на македонското договорно право е и преземањето на некои договорни неименувани односи и ставањето на тие односи под чадорот на позитивното право, како што е случајот, на пример, со договорот за лизинг и Законот за лизинг.

Слично, сметавме дека Република Македонија не смее да заостане зад процесите на глобализираниот промет на стоки и услуги. Да се биде дел од тие процеси бара и познавање на одредени унифицирани правила кои се однесуваат на светската трговска практика. Оттука, во публикацијата се направи обид да се даде и приказ на одредени договорни односи (најчесто договори на автономната трговска практика) и договорни клаузули кои најчесто се јавуваат во меѓународниот промет на стоки и услуги.

Конечно, сметавме дека во публикацијата треба да се поместат и правни акти кои го засегаат статусното трговско право, па затоа на нејзините страници ги инкорпориравме најчесто користените акти што произлегуваат од Законот за трговските друштва.

Несомнено, публикацијата „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ зазема значајно место во македонската правна литература. Каква  корист од неа ќе имаат стручната и пошироката читателска јавност, а особено оние што практикуваат договорно право?

 Како што наведовме во предговорот на публикацијата, предизвикот за креирање на идеално сообразен договор, како израз на волјата на договорните страни, со себе носи големи напори и дилеми. Во таа смисла, договорната практика се обидела да изнајде различни решенија. Па така, се забележува изразено присуство на претходно подготвени обрасци (модели) на договори, општи договорни услови и слично. Во таа насока е и оваа публикација, во која се дадени 199 модели на договори и други акти. Во тие рамки, за одделни видови договорни односи се предложени неколку различни модели. Читателот на оваа публикација, кој ќе има потреба да уреди свој конкретен договорен однос, ќе може да го направи тоа многу лесно преку селекција на најсоодветниот модел на договор или преку избор на најсоодветните одделни договорни одредби. Користа од ваквите публикации се состои во тоа што тие овозможуваат прегледен и систематизиран пристап до различните модели на договори, што го олеснува и го прави брз изборот на најдобро можно решение за уредување на конкретниот договорен однос.

фото

Доц. д-р Дарко Спасевски, кој е еден од коавторите на публикацијата, вели дека со професорот Горан Коевски работеле заедно на публикацијата подолг временски период. Тој образложува дека секогаш кога се пристапува кон работа од ваков вид, важен е обемот на искуствената практика.

 „Во публикацијата беше важно да ги споиме теоретските ставови и пристапи и искуствата и сознанијата на практиката. Моделирањето на правните акти дадени во публикацијата беше проследено со значителна споредбено-правна анализа на различните концептуални стојалишта. Секогаш кога се пристапува кон работа од ваков вид, важен е обемот на искуствената практика. Во таа смисла, под водство на професорот Горан Коевски и со поддршка на Академик, слободно можам да кажам дека денес пред нас имаме особено значајно дело кое многу брзо ќе го најде своето место во македонската правна книжевна ризница“, истакнува Спасевски.

Спасевски појаснува дека првото поглавје на публикацијата со 30-тина модели договори е посветено на договорот за продажба, како носител на трговскоправниот промет. Публикацијата, нагласува Спасевски,  ја следи светската договорна практика и нејзино правно трансплантирање во македонската.

„Тука, пред сѐ, можеме да ги издвоиме договорите на автономната трговска практика, како што се договорите за франшиза, за факторинг, за форфетинг и слично. Исто така, посебно внимание беше посветено и на редефинирањето на договорот за трговско застапување, како и на релативно новите за македонската правна средина договорни облици претставени со договорите за дистрибуција и договорите за ексклузивна дистрибуција. Посебен дел од оваа публикација се различните документи кои ги среќаваме во трговското статусно право, како што се: изјавата за основање на друштво со ограничена одговорност, договор за основање на друштво со ограничена одговорност, статут на акционерско друштво, прокура, план за реорганизација, договор за пренос на удел, менаџерски договор итн. На страниците на оваа публикација се поместени и предлог на модели на договори кои се однесуваат на уредување и организација на транспортот на стока, како што се: договорите за шпедиција и договорите за превоз на стока“, вели Спасевски.

Тој додава дека  во рамките на систематизацијата на структурата на публикацијата може да се најде и одредница во која се групирани договорите од областа на туризмот и туристичко-услужното работење.

„Како посебен облик на креација преставуваат издаваштвото и авторската дејност, па поради тоа изнесен е широк спектар модели на договори кои уредуваат прашања токму од оваа област. Договорите за закуп, заем, залог, хипотека, цесија, асигнација, гаранција, како класични договорни облици, се содржани во публикацијата во посебен сегмент. Тука може да ги надоврземе моделите на договори кои се однесуваат на банкарската гаранција, документарниот акредитив и сличните на нив“, вели д-р Спасевски.

За доц. д-р Дарко Спасевски публикацијата несомнено ќе ги исполни едукативните цели и тој очекува таа да биде од корист за студентите по право, како за оние што се на додипломски студии така и за оние што се на постдипломски студии.

„Публикациите од ваков вид се значајни за студентите бидејќи овозможуваат визуализација на теоретските знаења со кои се стекнуваат студентите во текот на студирањето. Во таа смисла, оваа книга овозможува опиплива правна практика за студентите“, нагласува доц. д-р Дарко Спасевски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk