/ Прочитано:

1.830

Конференцијата на АКАДЕМИК — моменти на совршена инспирaција и незаборавно искуство

Понеделник, 28 октомври 2013 – Она што секогаш претставувало одлика на правните традиции од овие простори е нивната културолошка отвореност, влијанието врз креирањето на правните системи и внесувањето на нов дух во перцепцијата на правото. Ако се земат во предвид јустинијановите филозофскоправни определби кои промовираа нова аксиолошка мисија на правниот логос, неминовен е заклучокот дека идејата за правото на јустинијановото културно наследство денес треба да ги промовира истите начела на обединување, креативен судир на идеи и преточување на тие идеи во современите дискурси на правната мисла и правната практика.

Креативна мисија и цели

Деновиве Македонија беше центар токму на една ваква мисија. Во главниот град на земјава, светската правна мисла преку најистакнатите имиња во правната фела се спои низ јустинијановата парадигма за интегрирање на идеите, различностите и универзалните вредности. Регионалната конференција „Управување со правни ризици“ организирана од страна на АКАДЕМИК, беше местото од кое се рефлектираа предавањата, говорите и искуствата на најпроминентните личности на современото право. Правници, економисти, адвокати, практичари и теоретичари, универзитетски професори и членови на академската заедница имаа можност да бидат дел она што беше најавено како „Денови на совршена инспирација“.

И навистина беше инспирација да се биде дел од ваков настан, кој постави нови стандарди во развојот на правната мисла. Се слушнаа извонредни предавања, говори, искуства и идеи со тема која одбележува една постмодерна вредносна инклузија во правната практика и наука – управување со правни ризици. Со таква иновативна и интересна тема, Конференцијата не само што ги оправда очекувањата туку покажа дека од висок ризик за правото е настан од ваков тип и капацитет да не се продолжи како традиција и воедно да не се биде дел од неа.

Светската правна елита дебатираше за управувањето со правните ризици

На почетокот, Конференцијата беше поздравена од Претседателот на Адвокатска Комора на Македонија, Никола Додевски, кој ја оцени како исклучително важна и неопходна за правната едукација на адвокатите. Заменик министерот за правда Билјана Бришкоска – Бошковски ја искажа политичката волја за регулирање на ова прашање, потенцирајќи дека извршната власт е концентрирана во креирање на политики од областа на управувањето со ризик. За таа цел се повика и на добродејдените искуства од овој настан преку кој ќе може да се имплементираат искуствата во стратешкиот план кој го подготвува Владата на Репубика Македонија.

Правните ризици при организирањето на Олимписките игри во Лондон контролирани и отстранети – затоа што игрите ги организираа правници

Тим Џонс од мултинационалната адвокатска компанија со седиште во Лондон „Freshfields Bruckhaus Deringer“, правен застапник на Олимписки игри, говореше за своите искуства од управувањето со правни ризици при планирањето и подготовката на Олимписките игри одржани во Лондон минатата година. Игрите се реализираа мошне успешно, а успехот се должи на фактот, како што посочи Џонс, во „прецизноста на правниците и тоа што често го поставуваат прашањето – Што ако се случи ова?“ Во тој контекст, управувањето со ризици секогаш треба да биде проследено со предвидливоста на проблемите кои со себе носат ризик. позитивни искуства денес се репер за спроведување и организација на Олимписките игри, а за таа намена адвокатското друштво „Freshfields Bruckhaus Deringer“ издало и Прирачник.

„Ние сакавме да се подобри и профитот на фирмата, нашите клиенти ова ги импонираше. Никогаш нема да го заборавиме ова искуство што кај нас внесе голем жар“, заклучи Том Џонс.

Политиката како ризик фактор

Претседателот на Адвокатската комора на Србија Драгољуб Ѓорѓевиќ во својот говор правните ризици ги лоцираше во сегментот на политиката. Низ правнофилозофски согледби, почитуваниот адвокат кривичните процеси ги анализираше низ призмата на политичкиот фактор, за што ги посочи најактуелните судски процеси во Србија, особено оние поврзани со убиството на Зоран Ѓингиќ. Клучната поента на Ѓорѓевик беше дека политиката има малигно влијание врз правото, но тоа е нешто што тешко може да се смени. Од таа аристетолова поставка, а приспомнувајќи се на цитат од својот професор, теоретичарот Лукиќ, Ѓорѓевиќ истакна дека „Законот е волја на владеачката класа“, со што го потенцираше, според него, најкрупниот правен ризик за применливост и структуирање на кривичните законици – политиката.

Не можеше да се остане рамнодушен на говорот на адвокатот Антo Нобило, чие име синоним за успех во водењето на хашки случаи. И според него политиката е голем ризик фактор, особено во влијанијата и можноста за опструкции во хашките случаи. Тој тоа добро го објасни со детален приказ на сите опструкции што тој ги претрпел од страна на сопствената држава затоа што на некој начин бил втурнат во процес од кој се очекувало невин човек да биде осуден завоено злосторство. Штитејќи го интегритетот на својот клиент – ги добил политичарите за непријатели, а со тоа и сите државни механизмикој значат моќ, од кој во крајна инстанца се црпат ресурсите за една квалитетна одбрана. За таа опструкција Нобило нагласи: „Отворив војна со државните органи, што за моја среќа заврши во моја корист. На јавноста и кажав за се што се прави против мојот клиент и дознавајќи го тоа јавноста гневот го насочи кон вистинските извршители на злосторството во воено-известувачката служба. Бев предупреден дека ми се спрема убиство и поднесов кривични пријави. Новинарите и јавноста беа на моја страна и блaгодарение на некои нивни извори добив квалитетна одбрана“.

Промовирана АСПЕКТАЛ – Револуционерна технолошка иновација од Македонија за работа во адвокатски канцеларии и корпоративни правни служби

Конференцијата не би го имала атрибутот – иновативна доколку на неа, покрај правни, не би биле презентирани и технолошки иновации. Илијанчо Гагоски, долгогодишен директор на Microsoft за Македонија промовираше правна алатка на иднината. Осврнувајќи се за потребата од софтверска иновација и информатичка технологија на работата со предмети во адвокатските канцеларии и корпоративни правни служби, ексклузивно ја промовираше новата програма АСПЕКТАЛ. Преку демонстрација на конкретно користење на програмата, присутните на Конференцијата ексклузивно имаа можност да се запознаат со софтверско решение кое ќе претставува префикс на иднината. Со изработката на оваа апликација на инспиративен начин и практичен метод се покажа како технологиите помагаат во одредувањето и управувањето со правните ризици, за кои ефикасноста, еспедитивноста и економичноста имаат енормно значење.

 Инвестиции, менаџмент и компаративното трудово право

Оја Дениз Каваме, претставник на една од најуспешните адвокатски канецларии во Турција „АKSAN Law firm“ даде детален преглед на одредувањето и управувањето со правните ризици поврзани со конециските договори во Турција. Акцентот на нејзиното излагање беше ставен на правните формалности на договорите, условите под кои се склучуваат договорите и каква уставноправна позиција има јавниот интерес на Турција во контекст на овие договори.

Правниците мора да го познаваат менаџментот – беше основната теза на предавањето на проф. др. Јан Трзасковски од Бизнис школата Копанхаген говореше за правните ризици во менаџментот и меѓународната трговија. Професорот упати едукативна порака до правниците дека мора да имаат холистички пристап кон материјата, а тој пристап да го засноваат врз неколку точки како ориентири во сложената проблематика на менаџментот и меѓународната трговија. Како такви ги напомена: Подготовка на суштинска анализа, подготвеност за нови ризици, избегнување на ризикот од парници, дилемите околу етичноста, замената на приоритети и креирање на програми за усогласеност и одговор.

Истакнатиот адвокат од САД Блеин Бортник од „Blaine Bortnick, Liddle & Robinson“ направи прецизна анализа за дистинктивноста помеѓу американскиот и европскиот правен систем во областа на трудовото право. Иако, сродни по својата универзалност на прифатени начела во контекст на правните ризици и воопшто, сепак важни правни институти се различни по својата функција. За таа цел ги посочи самите договори за вработување. Тој ги истакна формалностите околу склучувањето на овие договори, супремацијата на федералниот врз државните и локалните закони и можноста за нивен судир, како и обичајното право како елемент кој има улога во дефинирање на постапките. Во таа смисла, и постапките се ризик фактор, во согласност со американскиот резон: на експедитивност иекономичност. „Во САД правен ризик за кој се обрнува најмногу внимание и напор за негово управување и контролирање се парниците, бидејќи тие чинат многу пари и време за клиентот“, подвлече Бортник на крајот од своето предавање.

Адвокатурата и управувањето со правните ризици

Адвокатот Георги Димитров, управувачки партнер во „Георги Димитров адвокати“, одржа многу инспиративно, оригинално и корисно предавање. Низ логиката на архитектурата, атипично но јасно и ефективно го објасни функционирањето на компаниите. Архитектурата на домот во урбанистичка и социлошка смисла ги подведе под правната логика на правните ризици, велејќи дека семејството во суштина ја има основната форма за комуникација со општеството, па оттука може и да се перцепираат ризиците, кои се апликативни како модел во секоја компанија. Кон тоа, Димитров го надоврза супстратот и методологијата на управувањето со нив: од вертикалното поврзување на раководната позиционираност во компаниите до нешто што е нужно системски. Нужноста погледнато од домот е одлучувањето базирано на интуитивност, за разлика во компаниите кое треба да биде на осмисленост и предвидливост. И од тоа може да се заклучи непроценливото значење на практиката и адвокатурата, чија суштинска правнофилозофска, економска и социолошка функција е истите да ги детерминира и управува низ праксата. Практичните услови за успешно управување се препознаваат како идентификација, структура, комуникација и мониторинг на правните ризици, кои пак се делат на ризици настанати од спорови, интерни прописи, неусогласеност на актите со законодавството и судските спорови.

Марија Бојовиќ од „Бојовиќ & Партнери“ од Србија говореше за правните ризици поврзани со професијата адвокат. Правните ризици системски ги поврза во однос на адвокатурата и искажа ниво на резерва за политиката како фактор во областа на деловното и бизнис правото бидејќи во таа област капиталот е доминантен правен ризик. Оттука, правните ризици во правото се фрагментирани од различната природа на предметот, конкретно во предмети за кои од суштинско значење за клиентот е физиономијата на капиталот и правниот ризик својот приоритет го насочува кон правната превенција на истиот, од сите правноделовни и економски аспекти.

Невен Вранковиќ од Атлантик Груп, како преставник на една од најуспешните компании во регионот говореше за нејзината економска поставеност и ризиците низ кои поминувала. Природно беше тој да ја објасни балканската позиционираност на компанијата затоа што и тука се соочила со најмногу правни ризици. Тоа е така, затоа што брендот на компанијата важела за национално богатство, а компании од таков тип како препознатлив национален бренд наидуваат на опструкции како инвестиција затоа што преку нив се препознава симболизам на национална доминантност. Србија и Словенија се едни од земјите кадешто оваа компанија имала можност да наиде на правни ризици, а тој тип на ризици во основа се тешки за премостување бидејќи го интегрираат факторот на ризик од необјективна природа за кои е потребно безмалку вештина на политичко преговарање. Затоа за тешките ризици е потребно да се детерминираат на време и во рана фаза да се детектира непремостливоста затоа што моше да предизвикаат штети. Кај ризиците кои може да се премостат најважно е да се запази односот продавач – купувач, да се внимава на психологијата и на потребите на купувачот. Во овие околности постојат Топ 3 вида на ризици: Недоверба, Парнични и Оперативни.

Регионални искуства на големите компании и компаративни аспекти на приватизацијата

Борис Шавориќ од адвокатското друштво „Boris Savoric, Savoric and Partners“, говореше за приватизацијата на компаниите во Хрватска. Преку неговото предавање можеше да се согледа како Хрватска го заштитува концептот на Компанија каконационално богатсво, за разлика од македонските сегашни, но и историски услови и околности. Во однос на странските инвеститори како дел од процесот на прватизација, Шавориќ се задржа на правниот дел како иманентен. Според него, посебно е адаптирање на правото, особено на облигационото право,бидејќи странските инвеститори многу внимание обрнувале на формалната рамка на договорите. Правната форма мора да го интегрира деталниот и комплициран јазик на подготовка на договори затоа што она што повеќето закони од балканското опкружување го имаат е одговорноста за физички и правни недостатоци, што се смета како превентива од лоши намери. Но, тоа не е во сферата на интерес на апликантите за инвестиции затоа што она што нив ги интересира е обемната, деталната и прецизната структура на Договорот.

Резиме: Квалитетот е повик за воспоставување нова традиција

Она што како заклучок може да се изведе за одржувањето на оваа Конференција е дека нејзиното одржување креираше нов стандард во развојот на правната мисла. Квалитетот на предавањата, оправданоста на мисијата, високото ниво на организација, перцепцијата од страна на учесниците и придонесот кон правната практика и теорија се фактори кои сами ја наметнуваат потребата од етаблирање на нова традиција препознаена во одржувањето на оваа Конференција. Како што најави организаторот и наредната година Македонија повторно ќе има можност да биде центар на светската правна мисла, токму онака какви што и се нејзините одлики на обединување на правните идеи и традиции – и јустинијанови и постмодернистички.

Учесниците за Конференцијата

„Сметам дека Конференцијата на АКАДЕМИК беше многу успешна и многу корисна за сите учесници. Ако не се лажам мислам дека првпат се одржува конференција од ваков тип, на ваква тема и секогаш е добро и полезно за сите адвокати да имаат прилика да разменат искуства. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција на АКАДЕМИК и во иднина ќе се организираат уште поуспешни конференции, како и дека ќе биде поттик за други субјекти да организираат ваков тип на конференции и семинари.“ – адвокат Шпенд Деваја од Скопје.

„Навистина ми се допадна Конференцијата: свежа идеја! Убаво е да слушнеш нови луѓе, со нови размислувања за тема која сите не тангира“ – Златко Стојчески, раководител на Правна служба во Вип оператор Скопје.

„Конференцијата се одвиваше со многу интересно темпо, имаше многу инетересни предавачи, особено впечаток ми остави презентацијата на адвокатот од Њујорк, Блеин Бортник, кој што даде осврт на неговите практични искуства во менаџирањето со правен ризик. Ми се допадна и презентацијата на Георги Димитров, особено презентацијата на идикаторите како да се определи точен процент на ризик. Оваа Конференција во секој поглед беше успешна и се надевам дека АКАДЕМИК ќе продолжи да организира конференции од ист или сличен тип и во иднина.“ –  Ѓорѓи Горгиевски, адвокат во „Карановиќ и Николиќ“.

„Конференцијата за мене е одлично, ново и свежо искуство. Во целост ми се допадна и се надевам дека АКАДЕМИК и во иднина пак ќе организира вакво нешто слично. “ – Александар Симјаноски, адвокат од Тетово.

„Одлично смислена и организирана конференција. Се надевам дека идната година АКАДЕМИК ќе продолжи со истото темпо, со нови случаи и нови предавачи.“ – Тања Ѓеорѓиева, правник во НЛБ Пензиски фонд.

„Одлична идеја, ја поздравувам! Штом е „Прва регионална конференција“ се надеваме дека ќе следи и втора, трета…  на интересни теми како што имавме можност да слушнеме на овие два дена од странски и домашни колеги.  Секоја новина, друг начин на справување со  „risk mangment“ е убаво да се слушне, како и да се направи споредба со другите држави, но исто така она што може да се примени во пракса.“ – Весна Костовска, раководител на Сектор за правни работи во  „ЕОС Матрикс“. 

„Навистина солидна конференција која ни даде доста интересен поглед на работите од стручен аспект. Слушнавме примери и од странство и од Македонија меѓу кои и анализи на предмети. Ни беше предочено како да се справиме со ризик од аспект на предмет, на проект,  на фирма, на адвокатска компанија… Интересно, бидејќи придонесува да се има поголема перспектива  на целата оваа тематика. Сметам дека ова беше еден добар настан, кој би можел да прерасне во традиција.“ –  Александар Ицковски, раководител на Правна служба во ОНЕ телекомуникациски оператор АД Скопје. 

„Одлична конференција: од самата организација до излагачите.“ – Ива Поповиќ, правник во НЛБ Пензински фонд.  >> (ФОТО) Поставен нов стандард во развојот на правната мисла и почеток на нова традиција – АКАДЕМИК успешно ја заокружи амбициозната задача >> (ФОТО) Идејата се претвори во реалност: Конференцијата за управување со правни ризици ја обедини светската правна елита