/ Прочитано:

2.017

КОРИСНИ ДИСКУСИИ И НОВИ ЗНАЕЊА: Академик одржа обука за најновите законски измени за јавните набавки

Понеделник, 6 јули 2015 – Академик одржа обука за јавните набавки, наменета за договорни органи и економски оператори, во врска со најновите законски измени за јавните набавки и прашањата кои произлегуваат  од практичната примена на одредбите од Законот за јавните набавки. 

На обуката се разгледаа прашањата поврзани со измените на Законот за јавните набавки, нивната примена низ праксата и посебно за постапката за доделување на договор за јавни набавки. На обуката беа дискутирани и презентирани искуствата од работењето на Државната комисија за жалби по јавни набавки, за што беа посочени бројни примери од практиката. Предавачи на обуката беа Татјана Пешевска, дипл. економист – раководител на внатрешна ревизија при АД МЕПСО Скопје, Ирена Стоименова, дипл. економист – советник за комерцијални работи во АД ЕЛЕМ и Маја Малахова, м-р по правни науки, претседател на Државната комисија за јавни набавки. 

„Ваквите обуки – работилници, со максимална интерактивност при нивната реализација, се од посебен интерес и полза како за договорните органи, така и за економските оператори бидејќи искуствата со решавање на практичните проблеми во јавните набавки на секој од нив е искуство за сите присутни на обуката. Посебен интерес и дискусии се пројавија при објаснувањето на најновите измени при реализација на договорите за градење. Со општо задоволство беа презентирани клучните чекори во спроведувањето на постапките за јавни набавки, посебно во делот на постапувањето по жалбените постапки“, истакнуваат предавачките на обуката, чии предавања и презентации предизвикаа големо внимание и признание од страна на учесниците.

 

„Одлична е обуката. И покрај нашето искуство, стекнавме нови знаења. Голем дел од проблемите се наметнуваат низ праксата и добро е да се слушнат и мислењата на економските оператори и договорните органи. Од нашето работење имаме бројни примери кои укажуваат на одредени слабости, кои низ вакви советувања треба да бидат елаборирани за да се види како да се постапува и што да се прави во конкретни ситуации“, велат Марјан Казаковски и Ирена Митровска, Фабрика Карпош АД Скопје.

„На обуката можевме да слушнеме мошне корисни работи. На мошне професионален начин беа искажани презентациите на предавачките, се разјаснија работите што се применуваат во праксата, законските аспекти, постапувањата според процедурата. Навистина убава и корисна обука“, велат Ивана Јанушева и Симон Мајсторов, ССОУ „Коле Неделковски“ – Велес.

„Ми се допадна обуката. Начинот на организација, начинот на кој предавачките образложуваа, интерактивната дискусија. За нас лично ваквите обуки се голема предност и секако дека ќе ни користат во работењето“, вели Бојана Талевска, ВИП оператор.

„Се слушнаа мошне суштински работи. Одлична обука. Предавачките исто така беа на нивото на својата задача и ќе понесеме нови значајни познавања. Ми се допадна што имаше многу прашања и одговори. Добро е да се слушне праксата на другите за да се извлечат некои заклучоци“, вели Оливер Стамболиски, ЈПУЗПП „Јасен“

„Обуката беше одлично реализирана. Корисен концепт, со добри познавачи на материјата. Мене ми се допадна многу. Значи одлично беше сѐ!“, вели Александра Петкова-Андова, Технолошко-технички факултет – Велес.

„Предавањата на обуката беа јасни, конкретни и корисни. Предавачките темелно ја опфатија темата на дискусијата и заедно со нашето присуство како соговорници развивме дискусија за многу прашања. Тоа што ни беше кажано, советувано, анализирано за нас е од голема важност. Во секој случај, убава обука“, вели Дејан Митев, ЈП Погребални услуги – Свети Николе.

„Втор пат сме на обуките и навистина се прекрасни. Оваа обука посветена на јавните набавки има исклучително значење за нас и затоа повторно сме овде. Но, самите обуки на Академик се организирани беспрекорно и претставува задоволство да се биде дел од нив. Ќе бидеме повторно дел од нив“, вели Христина Тошевска, Фонд за иновации и технолошки развој.

„Се согласувам со колегите дека обуката помина во најдобар ред и дека предавачките беа максимално вложени во она што беше предмет на нивната дискусија, а што е наш домен на интерес и што треба да го примениме. За овие прашања ваквиот пристап мора да биде итерактивен, што на овие обуки го има и што е причина повеќе да ги слушнеме сите корисни предавања, совети и сугестии“, вели Силвана Антовска, ЈЗУ Завод за физикална медицина – Скопје.