/ Прочитано:

1.493

Крај за онлајн обложувањето преку странски сајтови — ќе се формира Државна видео лотарија

Четврток, 16 јануари 2014 – Кон крајот на март или почетокот на април во Македонија ќе бидат организирани интернет игри на среќа. За таа цел веќе е избрана странска компанија која ќе вложи капитал за реализација на проектот, а ќе се формира и домашен субјект – Државна видео лотарија која ќе ги организира игрите.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција информираше дека на меѓународниот јавен повик за привлекување странски капитал за реализација на овој деловен потфат е избрана компанијата „Австрија казино“, која ќе треба да вложи шест милиони евра за реализација на проектот. 

Државната видео лотарија ќе биде формирана од страна на двајца партнери – „Австрија казино“ и Државната лотарија на Македонија која ќе има 51 процент од сопственоста. 

„Република Македонија преку Државната лотарија на Македонија нема да има никаков финансиски трошок во поглед на реализацијата на проектот, туку ќе го пренесе правото на организација на игрите на среќа. Приватниот партнер ќе има обврска да инвестира шест милиони евра кои ќе бидат наменети за сите потребни активности кои би воделе кон профункционирање на друштвото. Средствата би се користеле за разни потреби во смисла на опремување со техника, вработување луѓе…“, истакна Ѓорѓиев. 

Следната недела се очекува Државната видео лотарија како правен субјект да биде запишан во Централниот регистар по што во наредите 60 дена ќе бидат завршени и останатите работи за организација на овие игри. По профункционирањето на Државната видео лотарија во период од две години ќе се преземат мерки за да се забрани функционирањето на странските сајтови кои нудат вакви игри на среќа. 

„Со реализацијата на овој проект ќе се остварат поголем број цели. Ќе има поголема регулација на самиот систем за регулирање на интернет игрите, но она што е поважно е дека повеќе нема да има одлив на значителни милионски суми надвор од Република Македонија. Ќе останат овие средства што се одлевале во државата со што ќе се обезбедат дополнителни средства за спортот, екологијата, здравството и ранливите групи кои во дел се финансираат и од средства кои се собираат по основ на давачки од игрите на среќа“, подвлече Ѓорѓиев. 

Според направените анализи, досега годишно од Македонија по основ на интернет игрите на среќа се одлевале неколку милиони евра. 

Одговарајќи на новинарско прашање, Горѓиев посочи дека сите мерки и активности што се реализираат во рамки на привлекувањето на странски инвестиции се согласно сите законски процедури.  

Извор: МИА