Крим стана дел од Руската Федерацијa
Петок, 21 март 2014 – Русија конечно ја голтна територијата на Крим, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша Законот со кој заврши постапката по анексијата на полуостровот.
Претходно Советот на Руската Федерација ( Горниот дом на рускиот Парламент ) го ратификуваше договорот за прием на Крим во Русија. Вчера тоа го направи и долниот дом на Парламентот – Државната дума.
Горниот дом во петокот одобри едногласно пристапувањето на Крим и Севастопол кон Руската Федерација .Тоа се случи пет дена по референдумот во неделата , на кој 96,6 % од граѓаните на автономната украинска територија гласаа во корист на одделувањето на Крим и Севастопол од Украина и нивното пристапување кон Русија. Легитимноста на гласањето и на резултатите од него , беа признати само од Москва , а меѓународната заедница продолжува да ги оспорува.
САД и Европската унија направија срамежливи постапки за санкционирање , но и не се одлучија да ја казнат Русија, а се ограничија само во забраната на визи и замрзнување на финансиските средства на одредени лица, блиски до претседателот .
АНАЛИЗА: Сличности и разлики меѓу Косово и Крим
Агенцијата Асошиејтед прес, анализирајќи ги сличностите и разликите меѓу Косово и Крим, наведува дека клучниот аргумент на рускиот претседател, Владимир Путин, за оправдување на сецесијата на Крим од Украина и припојувањето кон Русија е фактот што Западот ја призна косовската декларација за независност од 2008 година.
Агенцијата АП оценува дека двата случаи многу се разликуваат, иако сличноста е што и Косово и Крим побараа независност спротивно на желбата на нивната централна власт.
И Косово и Крим имаат мнозинско население кое им припаѓа на националните малцинства. Исто како што косовските Албанци се плашеа од репресија за време на автократското владеење на српскиот претседател Слободан Милошевиќ, така и Русите од Крим се плашеа од националистите кои ја презедоа власта во Киев”, анализира АП. Исто како и на Косово, и на Крим големото мнозинство се изјасни во полза на сецесија, а српското малцинство на Косово и татарското и украинското на Крим главно го бојкотираа гласањето. НАТО интервенираше на Косово, а руските трупи влегоа на Крим пред референдумот и со ова завршуваат сличностите.
Во врска со разликите, АП потсетува дека НАТО реагираше дури откако доби низа докази дека Србите ги малтретираат Албанците, вклучително и масовни убиства и депортации, додека проруските сили интервенираа на Крим иако не беше забележано насилство врз етничките Руси. Западот по повлекувањето на силите на Милошевиќ” од Косово таму испрати мировни трупи, додека руските трупи го зазедоа Крим пред референдумот. Потоа, Косово прогласи независност, но не се припои кон Албанија, додека Крим побара влез во Русија веднаш по референдумот. Освен тоа, Косово прогласи независност девет години откако Србија ја загуби контролата врз него и по долг дипломатски процес, додека Крим беше отцепен од Украина само неколку недели по пребегувањето на симнатиот претседател Виктор Јанукович. Во јули 2010 година Меѓународниот суд на правдата по барање на Србија процени дека одлуката за прогласување независност на Косово не била нелегална.
Рускиот претседател, Владимир Путин, смета дека она што можело да важи за Косово може да важи и за Крим, додека западните лидери тврдат дека Косово е единствен случај поради големиот број жртви, а руските акции во Украина ги оценија како спротивни на меѓународното право.