/ Прочитано:

719

Кривични пријави против двајца поранешни царински службеници за несовесно работење

Понеделник, 18 ноември 2013 – Царинската управа во ноември 2013 година поднесе кривични пријави за несовесно работење против двајца поранешни царински службеници, Р.С. од Гевгелија и Н.С. од Струмица.

Имено, како што известуваат од Царината, во февруари 2013 година за влез на граничен премин Ново Село како празно пријавено е товарно моторно возило марка Фолксваген ЛТ28 ТД-комбе со македонски регистарски таблици управувано од македонски државјанин. Во тој момент царинската контрола на патниците, превозните средства и стоката на влез  во Република Македонија, како водич на смена ја вршел првопријавениот царинскиот службеник Р.С. Со цел да му помогне на првопријавениот во извршување на делото, второпријавениот Н.С. од Струмица, наместо да се придружува до распоредот за работа (распореден бил на вршење контрола на излез од државата), го напуштил работното место и престојувал на влез во државата, односно на местото каде било извршено делото.

Првопријавениот, предметното возило го пропуштил на територија на Република Македонија и истото го евидентирал како празно и покрај тоа што претходно го прегледал и видел дека во возилото има царинска стока. За цело ова време, второпријавениот бил во постојан телефонски контакт со сопственикот на моторното возило и преземал активности за одвлекување на вниманието на останатите царински службеници во критичниот момент. Истиот ден, само неколку минути подоцна, во близина на граничниот премин Ново село, истото возило е сопрено од службени лица од Секторот за контрола и истраги при царинска управа  и при контролата утврдено е дека во возилото има 334 килограми зеленчук. Возачот на комбето на царинските службеници кои го извршиле дополнителниот преглед им изјавил дека стоката ја набавил во Република Бугарија а во земјата ја внел преку граничниот премин Ново Село и при тоа не поседувал никаква документација за платени увозни давачки.

Против возачот на комбето во кое е пронајдена стоката поднесена е прекршочна постапка. На царинските службеници во дисциплинска постапка им е изречен отказ и истите не се веќе во работен однос во Царинската управа од Јуни 2013 година. Против двајцата царински службеници кои се униформирани и овластени службени лица поради неизвршување на царинска контрола врз основа на прописите на Царинската управа, поднесена е кривична пријава согласно Кривичниот законик на Република Македонија.