/ Прочитано:

1.499

КРИВИЧНОПРАВНИ АСПЕКТИ НА КОРУПЦИЈАТА: Споредбена пракса на Хрватска и Европскиот суд за човекови права

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со ИПА-проектот „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“, организираше работилница на тема: „Кривичноправни аспекти на корупцијата/Споредбена пракса на Хрватска и Европскиот суд за човекови права“.

fotografija

На работилницата, пред присутните судии, адвокати, обвинители и претставници од Државна комисија за спречување корупција, се претставија сите кривичноправни аспекти на корупцијата преку презентирање на споредбена пракса на Европскиот суд за човекови права и Република Хрватска, а се презентираа и случаи од праксата поврзани со постапките за кривични дела на корупција.

За корупциските казнени дела, стандарди и пракса, говореше д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО). Д-р Лаура Валковиќ, адвокат од Загреб, говореше за правото на одбрана како дел од правото на правично судење и за праксата на Европскиот суд за човекови права.

fotografija

Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска во своето воведно обраќање истакна дека, според „ГРЕКО“, во Македонија се направени големи реформи во делот на унапредување на антикорупциското кривично законодавство во согласност со стандардите востановени со документите на Советот на Европа.

„Прогресот е во правец на сеопфатна и конзистентна легислатива, додека, пак, во однос на понатамошниот развој на реформските насоки на „ГРЕКО“, со новиот ЗКП зголемена е можноста за поефикасно гонење и пресудување на новите и постојните инкриминации за поткуп“, рече Арнаудовска.

fotografija

„Постапките за случаите на висока корупција (нејасна е номенклатурата што ја воведе ЕК) се долги и често се враќаат на повторно судење од повисоките судови. Потребно е да се направи детална анализа за причините за укинување на одлуките, дали е тоа недостатокот во знаењето и обученоста на судиите, обвинителите и МВР, недоволната подготвеност и поткрепеност со докази од страна на обвинителството и полицијата, или се работи за влијание на политиката“, истакна Арнаудовска.

На почетокот од своето излагање, судијата д-р Мрчела говореше за Казнената конвенција за корупција на Советот на Европа, елаборирајќи ја активната и пасивната корупција и подмитувањето на јавните службеници и активното и пасивното подмитување во приватниот сектор. Понатаму, судијата говореше за хрватското кривично законодавство и за искуствата во борбата против корупцијата.

fotografija

Споделувајќи ги хрватските искуства, судијата Мрчела престави бројни примери на судски пресуди за корупција кои се однесуваат на претставници на извршната, законодавната, судската власт и локалната власт. Мрчела истакна дека се гледа детално на предметите што се однесуваат на големи корупциски предмети и затоа треба да се внимава на многу аспекти на постапката, особено на правата што произлегуваат од  Европската конвенција за човековите права.

fotografija

„Значителен дел од пресудите и постапките за овие големи предмети се укинуваат и постапките траат долго. Се појавија низа проблеми низ практиката. Постоеше период во Хрватска кога се правевме како да не постои Европската конвенција. Грешка беше и тоа што при примената на новиот ЗКП се започна со големите предмети, наместо со помалите предмети, па да се видат искуствата. Кога во законите се прифаќаат некои странски елементи, тие секогаш треба да се адаптираат за да се стекне искуство со тие правни институти во врска со нивната примена“, рече Мрчела.

Во таа насока, тој појасни дека при водењето на овие процеси се јавиле и проблеми што се однесуваат на долгото траење на постапките, преголемиот број на обвинети во еден предмет, подготовката на списите, присуството на неказнената проблематика, почитувањето на правото на одбраната и процесната дисциплина.

fotografija

„Еден од поголемите проблеми е подготовката на предметот и обемот на доказниот материјал, имаше предмети со илјадници страници. Затоа треба да се издвои она што е битно. Во сите тие предмети на крајот работата се сведува на едно или две битни прашања. Затоа опсегот на доказниот материјал треба да биди филтриран што е можно побргу“, рече Мрчела, додавајќи во таа насока дека судиите не треба да пишуваат предолги пресуди, туку јасни и разбирливи, во кои  се опфатени битните аспекти, со квалитетно образложување на пресудите.

fotografija

Адвокатката Лаура Валковиќ, фокусирајќи се на правото на одбрана која е предвидена во Европската конвенција за човекови права, истакна дека според членот 6 од Конвенцијата секој има право да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен суд воспоставен со закон. Адвокатката подвлече дека, во согласност со Конвенцијата, секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сѐ додека неговата вина не се докаже по законски пат. Исто така, како што образложи Валковиќ, според Конвенцијата, на секој обвинет му се гарантираат минимални права.

fotografija

Минималните права, на кои посочи адвокатката, се следните: Секој обвинет, на јазикот што го разбира, веднаш треба да биде детално известен за природата и причините на обвинението подигнато против него. На обвинетиот треба да му се обезбедат време и услови неопходни за подготвување на неговата одбрана. Обвинетиот има право да се брани самиот или со помош на бранител по свој избор, а доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата. Обвинетиот има  право самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците на обвинението и да бара повикувањето и  сослушувањето на сведоците на одбраната да биде под услови што важат и за сведоците на обвинението. Исто така, обвинетиот има право да користи бесплатна помош од преведувач, доколку не го разбира или не го зборува јазикот на кој се одвива судењето.

fotografija

Во таа смисла, хрватската адвокатка нагласи дека обвинетиот има и право на искусен, компетентен и делотворен бранител. Ова право, подвлече Валковиќ, во себе го вклучува постапувањето на бранителот кое е слободно, во согласност со законот, со правните стандарди и со етиката на адвокатската професија, како и со почитувањето на човековите права втемелени со меѓународното право. „Неефикасното и недоследното давање на правната помош и неефикасната одбрана создаваат должност за телата на казнената постапка да реагираат на воочената неефикасност само ако пропустите на бранителот биле очигледни или ако обвинетиот предупредувал за тие пропусти“, истакна адвокатката, посочувајќи на пресудите на ЕСЧП: „Daud v. Portugala, Artico v. Italija“.

fotografija

На утрешниот втор ден од работлиницата д-р Тодор Витларов, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип, ќе се осврне на имунитетот на судиите и јавните обвинители во постапките за кривични дела на корупцијата, како и за етиката и моралот на судиите и јавните обвинители во кривичната постапка. Златко Биковски, јавен обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ќе има презентација на случаи од праксата, поврзани со корупцијата.

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р МАРИН МРЧЕЛА, судија и претседател на ГРЕКО: „За борба против корупцијата потребни се добри луѓе“

М.В