/ Прочитано:

2.123

Куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа… – што предвидува НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА

Растоварување на затворите и обезбедување на поширока примена на различни санкции е главната цел на Нацрт-законот за пробација, кој беше презентиран на денешната прва јавна дебата посветена на востановување на системот на пробација во земјава. Судиите, покрај досегашните санкции, ќе имаат можност да изрекуваат и куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, како и општокорисна работа. Лишувањето од слобода треба да биде последен избор, беше констатирано од страна на присутните, меѓу кои експерти од земјава и странство. 

Според директорката на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, Лидија Гаврилоска, донесувањето на Законот за пробација е од исклучително значење и ќе има позитивни придобивки во однос на повеќе прашања.

„Пред сѐ, ќе се обезбеди поширока примена на различни санкции, значи ќе им се даде можност на судиите да располагаат и со други видови санкции. Потоа, на овој начин ќе се растоварат затворите бидејќи, освен условни казни и парични, ќе можат да се изрекуваат и други казни. Сметаме дека во првата година од примената на Законот, направени се истражувања во тој дел, дека од 12 до 15 проценти ќе се намали затворската популација. Ќе се хуманизира извршувањето на санкциите, со тоа што сторителите на кривични дела ќе можат да ја извршуваат санкцијата во рамките на заедницата, односно нема да се раскинуваат врските со семејството. Ќе се намали повторувањето и ќе се намали криминалната инфекција, која знаете дека во рамките на затворската казна осудените се среќаваат со секакви други сторители на кривични дела, при што доаѓа до сериозно криминално инфицирање  на останатите“, појасни таа.

Гаврилоска укажа дека за резултати е потребна поддршка и од локалната самоуправа.

„Осудените на кои ќе им бидат изречени алтернативните мерки ќе останат во заедницата и ќе треба општеството, заедницата, да ги прифати и да се надминат оние стереотипи и предрасуди кои ги имаме во нашето општество и да прифатиме дека тоа е на еден начин сериозен вид на казнување коешто е многу похумано и коешто го намалува повторувањето на сторување на кривични дела“, вели таа.

Пробациската служба ќе биде надлежна за организирање, за извршување и за надзор на извршувањето на алтернативните мерки, вклучително и на електронски мониторинг на лицата на кои ќе им биде изречена казна куќен затвор или мерка притвор. Опремата за електронски надзор на лицата ја поставува пробациски службеник кој ги дава и упатствата за нејзино користење. Со електронскиот надзор се следи движењето на лицето и неговата местополжба во просторот. Директорката на Управата за извршување санкции открива дека веќе се нарачани четиристотини електронски алки, кои треба да им бидат доставени до крајот на годинава.

„Тоа е еден добар инструмент со којшто ќе се врши контрола на сите оние на кои им е изречен куќен затвор или куќен притвор. Од  разновидноста на можностите на електронскиот мониторинг, мислам дека допрва треба да ги почувствуваме ефектите“, истакна Гаврилоска.

Пробациските службеници треба да поседуваат високи стручни и морални квалитети

Според заменик-министерката за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик од 2004 година, се покажал како нефункционален во пракса и со имплементирање на овој проект ќе се создаде функционална и ефикасна пробациска служба по примерот на повеќе европски држави.

„Покрај воспоставувањето на пробациската служба особено е значајно кој може да биде пробациски службеник во Македонија, бидејќи во основата се лицата коишто ќе работат во таа пробациска служба, односно нивните стручни квалификации и нивниот морален интегритет. Особено внимание треба да посветиме на самите капацитетите во рамките на таа пробациска служба, односно, од почетокот треба да се воспостават процедури коишто ќе значат избор на пробациски офицери“, потенцира Бришковска-Бошковски.

Услов без кој Македонија не може да има успешен  кривично-правен систем

Адвокатот и главен правен експерт на проектoт, Јордан Апостолски, смета дека Законот за пробација е услов без кој Македонија не може да има успешен  кривично-правен систем во согласност со новиот ЗКП.

„За да може да функционира тој систем,  conditio sine qua non  е да се донесе Законот за пробација и не само да се растоварат затворите, туку и на судиите да им се овозможат разни алатки за успешна примена, особено за намалување на употребата на мерката притвор со изрекување на куќен притвор за електронска алка, но и воведување на почестата употреба на условната осуда со заштитен надзор. Значи, со надзорот, обвинетите ќе треба да се јавуваат често на пробацискиот службеник, ќе треба, доколку е потребно, да одат на лекување доколку се зависници од некои наркотични супстанци или од алкохол, така што сметаме дека ова ќе биде многу позитивна реформа во законодавството“, вели тој.

Експертите оценуваат дека особено важна алатка која ја предвидува Нацрт-законот е вршењето процена на ризик на обвинетиот преку употреба на инструмент за процена на ризик. Имено, надлежниот пробациски службеник доставува извештај до судот за извршената процена на ризик со предлог за видот на кривичната санкција на обвинетиот. Ова, како што велат, е особено значајно и за успешно спроведување на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

„Процената за ризик е многу интересна алатка која функционира во Велика Британија, во САД, итн. Тоа значи дека на секој обвинет, пред да му се изрече санкцијата, му се прави посебна процена, се земат  податоци од службите – медицинската, социјалната, па да речеме и од образовните институции, за да се види колку претставува опасност за општеството тој човек, дали може да се остварат целите на казнувањето со други алтернативни мерки, а не со затвор. Таа процена на ризик се доставува на судијата што потоа треба да ја одмери казната во согласност со Законот. Во друг сегмент, кога некој е веќе во затвор и кога ќе се стекнат услови за условен отпуст, се прави процена на ризик дали се ресоцијализирал тој, какви биле неговите активности во затворот и потоа тој ризик се доставува до судијата за извршување санкции, кој заедно со целосниот извештај од пробацискиот службеник и судијата за извршување на санкции донесува одлука за условен отпуст.  Ова треба да преставува поттик на осудениот да оди во позитивна насока“, појасни Апостолски.

Компаративни искуства

Раководителот на Оддел за политички прашања, правда и внатрешни работи на Делегацијата на ЕУ, Роберт Лидл, појасни дека пробацијата е воспоставена во Европа од 19 век и е проширена низ кривичните системи во целиот свет.

„Искуствата од нашите земји покажуваат дека пробациите можат да функционираат и да донесат придобивки за обвинетите во системот и во општеството пошироко“, истакна Лидл.

Според него, многу е битно за една земја со голема пренатрупаност на затворскиот систем, како што е случајот со Македонија и со многу други земји, со пробацијата, која е еден од можните начини да се намали притисокот на затворските капацитети, да се подобрат и човековите права на оние коишто се затворени.

„Пренатрупаноста на затворите е прекршување на едно од човековите права. Чувањето на луѓето во еден затвор е многу скапо. Може на овој начин да се заштедат пари, меѓутоа не мора да значи дека ќе се заштедат сите пари што би се заштедиле кога луѓето не би биле во затвор“, истакна Лидл.

Тој исто така појасни дека пробацијата дава многу можности, но обезбедувањето треба да биде скроено за поединецот, односно дека не постои еден модел за сите категории затвореници.

„Секоја категорија мора да има процена. Треба да им се овозможи на престапниците да ги зачуваат своите семејни, социјални врски и врски со луѓето во заедницата. Лишувањето од слобода треба да биде последен избор“, рече  Лидл.

Eнди Стелман, проектен експерт за пробација во Велика Британија, истакна дека британските искуства говорат за значително намалување на повторување на кривичните дела, намалување на затворската популација, намалување на трошоците, но и зголемување на довербата во казнениот систем.

Според последната статистика на Министерството за правда, во Македонија моментална затворска казна служат 3.152 лица, а капацитетот  на затворите е 2.026 лица.

„Со други зборови, во Македонија имате за 55 отсто пренатрупаност. За споредба, ние во Велика Британија имаме 11,3 отсто пренатрупаност, значи пет пати помалку од Македонија, и го сметаме тоа за голем проблем“, рече Стелман.

Марк Ласер, виш правен советник во Амбасадата на САД посочи дека се работи за еден многу сериозен потфат, како и тоа дека искуствата на САД покажуваат дека пробациските службеници играат витална улога во правосудниот систем.

Од Управата за извршување санкции очекуваа Законот да се донесе во најскоро време, но потенцираат дека ќе има одложна  примена со цел да се подготват сите документи и да се обучи доволно кадар.

>> НАЦРТ-ЗАКОН ЗА ПРОБАЦИЈА 

>> ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 24.06.2015