Нова јавна високообразовна установа
КУЛТУРНАТА И ЈАЗИЧНАТА РАЗНОВИДНОСТ КАКО ЗАКОНСКА ЦЕЛ: Предложен Закон за основање на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје
Во Собранието на Република Македонија предложен е Закон за основање на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, по скратена постапка.
Со Предлог законот за основање на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје се уредува организирање на високообразовна и научна дејност во нова јавна високообразовна установа. Во законското образложение се вели дека новата високообразовна установа има цел да овозможи поширока достапност на високото образование од полето на техничко-технолошките, природно-математичките и општествените науки на помладата генерација, преку обезбедување на квалитет на високообразовната дејност и создавање, заштита и пренесување на знаењата за обезбедување на социјална и економска благосостојба и напредок на општеството.
„Целта на предложеното законско решение е задоволување на потребите од високостручни кадри од полето на техничко-технолошките, природно-математичките и општествените науки. Со ова се овозможува поширока достапност на високото образование кај помладата генерација, преку обезбедување на квалитет на високообразовната дејност и создавање, заштита и пренесување на знаењата за обезбедување на социјална и економска благосостојба и напредок на општеството, подготвување на студентите за занимања за кои е потребна примена на научни откритија и стручни знаења, културна и јазична разновидност, поттикнување на технолошкиот развој и слично“, се вели во законското образложение.
Во Предлог-законот се утврдува статусот и бројот на факултети во состав на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, се утврдува степенот на високообразовните студии кои ќе се организираат во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, согласно Законот за високото образование, се утрдува правниот статус и седиштето на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и се утврдува начинот на финансирање на Универзитетот, како и сметките преку кои ќе располага со буџетските средства и сметките преку кои ќе располагаат со другите извори на финансирање. Исто така, се пропишуваат подготовките со почеток со работа на Универзитетот, како и составот и начинот на избор на Матичната комисија и почетокот со работа на универзитетот. Како што се определува во законот, Универзитетот ќе почне со работа од академската 2016/2017 година.
М.В